Вести
Муслиманските верници тргнаа на светата гора Арафат
Речиси два милиона муслимански верници во неделата тргнаа на гората Арафат во близина на Мека во Саудиска Арабија, за да ја одбележат кулминацијата на годишниов аџилак.
Мноштвото аџии тргнаа кон светата гора Арафат која се нарекува уште и Џеба ал-Рама или Гора на милосрдието, ридот на кој пророкот Мухамед пред повеќе од четиринаесет векови ја одржал својата последна проповед.
Саудиските власти оваа година ги засилија безбедносните мерки на светите места во текот на сите пет декан од аџилакот кој започна во саботата, за да се спречи можност од стампедо како она од минатата година коешто резултираше со голема трагедија. Според официјалните податоци на владата во Ријад загинале 769 лица, додека според податоците на странските влади, во стампедото кое се создаде во текот на ритуалот на каменувањето на сотоната загинале 2.287 луѓе што предизвика големи меѓународни критики, а некои извори од шиитски АбрааИран, кој имаше најмногу жртви, дури споменуваат и бројка од околу 4.700 жртви.
Досега според извештаите хаџот годинава се одвива без проблеми, изјави портпаролот на саудиското министерство за внатрешни работи Мансуф ал-Турки.
Аџиите облечени во бело тргнаа во мугрите од долината Мина, каде што во саботата хаџот започна со молитва и молк, кон седум километри оддалечениот Арафат. Од пладне верниците учествуваат во заедничката молитва во џамијата Намера, подигната на местото каде што Мухамед се молел одејќи на аџилак, а остатокот од денот ќе го минат во молитва. Со заоѓањето на сонцето, аџиите ќе тргнат кон долината Муздалифаху, неколку километри, каде што ќе ја минат ноќта.
Во понеделникот ќе се вратат во Мина, каде што ќе жртвуваат животно во спомен на жртвата на прататкото Ирбахим (Авраам). Овој обред и го означува почетокот на големиот празник Курбан бајрам.
Празникот Курбан-бајрам е востановен во сеќавање за тоа како пророкот Ибрахим бил подготвен по заповед на Бога да му го принесе на жртва својот сакан син Исмаил. За таа покорноста и богобојажливост, Ибрахим е послан да жртвува овен, а синот да ја одбегне оваа судбина.
Преостанатите два дена од хаџот верниците ќе останат во Мина каде ќе го каменуваат црниот камен блок, симбол на сотоната (шејтанот) кај Џамарат, со што ја покажуваат својата подготвеност да се откажат од злото. Тоа е последниот и во историјата најпогубниот обред од аџилакот, во текот на кој во минатото во стампедата животите ги загубија илјадници луѓе.
Во годинешниот хаџ, според официјалните саудиски податоци, учествуваат околу 1,8 милиони муслимани. Околу 1,3 милиони муслимански верници пристигнуваат од 164 земји од светот, а другото се домашни аџии./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.