Македонија
Жерновски: Владата на Мицкоски не ја напушти која било партија, Таравари не е кој било политичар, туку клучната фигура
Ниедна политичка партија не напушта влада која е успешна. Никаде и никогаш. Напротив, се заминува тогаш кога таа влада нема резултати. Или најчесто кога има, но се катастрофални.
Така е (дури) и кај нас, пишува на социјалните мрежи Андреј Жерновски, поранешен заменик-министер во МНР, откога вчера Таравари соопшти дека неговата партија одлучила да си замине од Владата.
„Арбен Таравари вчера соопшти дека органите и телата на Алијансата за Албанците едногласно одлучиле да си заминат од Владата.
Да се потсетиме. Тоа не е кој било политичар, туку клучната фигура со чија кандидатура на последните претседателски избори дојде до целосен пресврт во албанскиот политички кампус, што повлече одлучувачки импликации и врз целокупното работење.
Владата на Мицкоски ја напушти не која било партија, тука главниот senior partner. А тоа кажува многу, да не речам сè.
Таравари потенцира дека одлучиле да излезат од Владата за да се вратат кај народот. Сурова и прецизна опишана реалност бидејќи оваа Влада по само неколку месеци од својот мандат успеа да се отуѓи од граѓаните, од оние што ѝ дадоа огромна доверба, кои веруваа во неа“, вели Жерновски.
По само неколку месеци, стана јасно, како што вели, дека оваа политичка гарнитура ги погази сите предизборни ветувања.
„Наместо да ги направи граѓаните горди, ги понижи, нарекувајќи ја Македонија ‘нашата земја’. А друго се ветуваше, зарем не?
Ги понижува секојдневно со веќе неподносливата економска состојба во која слободно дивеат цените на основните прехранбени производи не преземајќи никакви мерки за да ги стабилизира цените.
Во право е професорот Узунов кога вели дека Македонија ја живее најлошата економска состојба во последните децении“.
Сведоци сме, додава Жерновски, на девастирана бизнис-клима, во која 9 месеци нема враќање на ДДВ и плаќање обврски кон стопанството.
„Што да кажеме за дезориентираната надворешна политика која, во очигледна немоќ се претвори во туристичка дипломатија. Повторно станавме изолирана држава, никој веќе не ни доаѓа во посета.
Сведоци сме на афери на актуелни министри и директори, кои веќе не може ни да се набројат, сè збогатено со безброј примери на непотизам за кои веќе нема ни деманти.
Едно нешто требаше да знае Мицкоски, а тоа е дека колку поголема доверба добиеш од граѓаните толку е поголемо нивното разочарување кога ќе ги разочараш и излажеш.
Сега, по сето ова, тој останува со само еден крајно нестабилен junior partner, каде што е прашање на време кога ќе излезат на површина внатрешните превирања“, пишува Жерновски.
Во заклучокот вели дека некогаш големото парламентарно мнозинство почна да се ситни.
Тоа, како што оценува, е процес што ќе продолжи да трае и кој ќе донесе дополнителна нестабилност во функционирањето на Владата.
„Оттаму, смело, се надевам, не и арогантно, ќе си дозволам да прогнозирам три работи:
– дополнителен број пратеници од „Вреди“, кои ќе преминат на другата страна;
– поделба во пратеничката група на ЗНАМ;
– следствено на сето ова, вонредни парламентарни избори, кои ќе се одржат заедно со локалните, но најверојатно идната пролет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

