Црна хроника
Скопјанец осомничен за измама со фиктивна продажба на станови

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко и едно правно лице за кои постои сомнение за сторено продолжено кривично дело – Измама од член 247 од Кривичниот законик.
Пријавениот сопственик на правното лице, со цел да прибави противправна имотна корист за себе и за својата фирма, лажно прикажувал факти дека врши посредување при продажба на станови и возила во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот – Скопје.
Осомничениот 35-годишник од Скопје на две оштетени лица во Куманово им се претставил како вработен во Агенцијата за управување со одземен имот и со нив склучил фиктивни договори за наводна продажба на станови во Скопје и Охрид. Измамените граѓани му уплаќале пари, еден дел во готово, а еден дел на сметка на правното лице, со што осомничениот прибавил вкупна противправна имотна корист од 115.754 евра.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово ќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
17-годишно момче со десет убоди сакало да го убие својот татко, тој е во критична состојба

17-годишен малолетник е осомничен за обид за убиство на својот татко во семејниот дом на улицата Христијан Тодоровски Карпош во Скопје, соопшти Јавното обвинителство.
Според обвинителството, момчето за време на семејна расправија влегло во спалната соба каде се наоѓал неговиот татко и со остар предмет му нанело десет убодни рани во пределот на телото. На местото на настанот била и мајката, која успеала да го оттурне синот и веднаш повикала брза помош.
Повредениот маж бил пренесен на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што му е извршен оперативен зафат, но неговата состојба е и натаму животозагрозувачка.
„Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка пред надлежен судија за деца против малолетникот за кривично дело – убиство во обид, по член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Со оглед на сериозноста на делото, предложено е определување мерка притвор“, стои во официјалното соопштение од обвинителството.
Црна хроника
Драма на границата со Албанија, спречен илегален шверц на добиток

34- годишниот К.Б. од Дебар бил приведен бидејќи заедно со уште едно лице сакал илегално да пренесе добиток преку граничниот премин Блато.
„При дадена наредба да застанат, лицата не ја почитувале и продолжиле со движење, по што испукани се три предупредувачки куршуми во воздух“, соопшти полицијата.
Лицата веднаш излегле од возилото и се обиделе да побегнат. По преземените мерки, К.Б. е лишен од слобода, а во службениот разговор признал дека нема никаква документација за превезениот добиток.
„Се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок“, додадоа од полицијата, нагласувајќи дека инцидентот бил навремено запрен благодарение на брзата реакција на службениците.
Црна хроника
Најдена дрога во затворот „Шутка“ при претрес на ќелија со тројца затвореници

Во затворот во Скопје, вчера околу 11:00 часот е извршен претрес во просторија каде што биле сместени осудените лица П.К., М.А. и М.О., соопштија од СВР Скопје. При претресот на прозорецот биле пронајдени бела прашкаста материја, марихуана, како и лажица и шише со течност.
Од полицијата истакнаа дека се преземаат сите мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на потеклото на пронајдените супстанции. Претресот е дел од редовните контроли во затворските установи со цел спречување на внес и употреба на забранети материи.
Случајот е пријавен во СВР Скопје, а истрагата продолжува под надзор на надлежното јавно обвинителство.