Спорт
Една сезона и заврши – Шортс повеќе нема да игра во Евролигата?!

Ти Џеј Шортс, американски плејмејкер со македонски пасош, имаше фантастична дебитантска сезона во Евролигата со Пари Сен Жермен. Се очекуваше дека тој ќе се приклучи на еден од најсилните европски тимови во текот на летото, но тоа најверојатно нема да се случи.
Францускиот „Баскет Јуроп“ објавува дека Шортс ќе ја напушти Европа на крајот од сезоната и ќе им се придружи на Мемфис Гризлис, што значи дека ќе се испроба во НБА.
Според извештаите, постигнат e принципиелен договор, па Шортс повторно ќе соработува со финскиот тренер Томас Исало во Мемфис, под чие водство играше во Бон и Париз минатата сезона. Оваа сезона, тој соработуваше со бразилскиот стручњак Тијаго Сплитер во Париз.
Шортс беше шампион и МВП на Лигата на шампионите на ФИБА пред две години со Бон, минатата сезона беше шампион и МВП на Еврокупот со Париз, а оваа сезона беше избран во идеалната петорка на Евролигата и го водеше Париз до четвртфиналето.
Значи, ситниот плејмејкер ќе ја продолжи својата серија, настапувајќи во Лигата на шампионите, Еврокупот, Евролигата и НБА година по година.
Според истиот извор, бројни тимови од Евролигата му понудиле на Шортс плата и шест пати поголема од онаа што ја имал во Париз, но на крајот веројатно ќе преовлада одлуката за НБА лигата.
Овој играч во просек постигнуваше 19 поени, 2,6 скока и 7,3 асистенции по натпревар во Евролигата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Пешиќ: Ова е кошарка не е фудбал, нема да поднесам оставка

Српската кошаркарска репрезентација се врати во Белград, откако во саботата доживеа сензационална елиминација од Европското првенство. Финска ја победи Србија во осминафиналето со 92:86.
Српската јавност по елиминацијата бара оставка од селекторот Светислав Пешиќ, тој на новинарите на аеродромот „Никола Тесла“ им кажа дека нема намера да го направи тоа.
„Јас никогаш не поднесувам оставка. Зошто оставки? Дојдов тука да го средам она што требаше да се среди. По Олимписките игри, никој не сакаше, јас прифатив пред сè од одговорност кон играчите. Имаме таков договор до крајот на септември. Ќе седнеме, ќе разговараме, јас сум секогаш тука, достапен сум за секаков вид помош и ангажман. Ова не е фудбал туку кошарка, оставки не се даваат и нема причина да се прави тоа“, рече Пешиќ.
Фото/ Принтскрин
Спорт
(Видео) Катастрофа на Турција во Коња, прими шест гола од Шпанија

Најдобрите шпански фудбалери со стил ги започнаа квалификациите за Светското првенство во 2026 година. За само неколку дена, тие гостуваа двапати и остварија две победи со гол-разлика од 9:0.
По гостувањето во Софија на 4 септември и убедливата победа од 3:0 над Бугарија, шпанската репрезентација гостуваше во Коња и ја победија Турција со 6:0 (3:0).
Пред натпреварот, турските медиуми најавија спектакуларен дуел помеѓу двајца левоноги момци од Реал Мадрид и Барселона, Арда Гулер и Ламин Џамал, но на теренот играа само гостите.
Танцуваа на теренот избраниците на Луис де ла Фуенте. Играчот на Арсенал, Микел Мерино, се истакна со три гола. За Мерино ва е прв хет-трик во кариерата.
Покрај Мерино, Педри постигна два гола, првиот и шестиот гол, а Феран Торес ја затресе мрежата на Угурџан Чакир. Голманот на Турција, и покрај тоа што прими шест гола, беше еден од подобрите играчи во домашната селекција, предводена од Италијанецот Винченцо Монтела.
Единственото нешто што може да го загрижи селекторот на Шпанија е повредата на Нико Вилијамс, кој беше заменет од Феран Торес на крајот од првото полувреме.
Foto/ EPA
Спорт
Алкараз го освои Ју-ес опен и повторно е број 1 во светот

Карлос Алкараз е шампион на Отвореното првенство на САД. Во пресметката меѓу двајцата најдобри играчи во светот, Шпанецот го победи Јаник Синер со 6:2, 3:6, 6:1, 6:4 и го презеде првото место на АТП листата од Италијанецот. Ова е шеста Гренд Слем титула на Карлитос во неговата кариера.
Како и во претходната сезона, Италијанецот и Шпанецот ги поделија Гренд Слем турнирите меѓу себе. Алкараз ги освои Ролан Гарос и Отвореното првенство на САД, а Синер славеше на Отвореното првенство на Австралија и Вимблдон.
Финалето не донесе спектакуларно ниво на тенис, а Алкараз беше многу подобар играч, ако не се смета малиот пад во вториот сет.
Синер направи необични грешки за неговите стандарди и тоа го чинеше брејкови во раните фази од сетовите, а на крајот и одбраната на тронот.
Foto/ EPA