Македонија
Мисајловски – Пирс: Соработка на највисоко ниво, Обединетото Кралство останува наш силен сојузник

Денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски се сретна со новата специјална претставничка на Обединетото Кралство за Западниот Балкан, Карен Пирс, на која и се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Обединетото Кралство во развојот на капацитетите на македонската Армија.
„Нашите две држави имаат повеќедецениска интензивна одбранбена соработка која, особено по членството во НАТО го достигна сиот свој потенцијал“, рече Мисајловски и додаде дека сета оваа соработка значително ги зајакна врските помеѓу двете Армии и нивните припадници.
Министерот посочи дека одбраната и Армијата остануваат отворени за континуиран развој на соработката во секоја област – одбранбената политика, воената обука и едукација, јазичната обука и советодавната поддршка од Обединетото Кралство, досега реализирана во повеќе наврати.
„Ние ќе продолжиме да бидеме близок партнер и силен сојузник на Северна Македонија во НАТО. Обединетото Кралство останува целосно посветено на зајакнување на стабилноста, безбедноста и економската соработка во регионот“, изјави Пирс.
На средбата во Министерството за одбрана присуствуваа и амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон и одбранбеното аташе, потполковникот Едвард Џон Грин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до амбасадорката Агелер: „Не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции“

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска преку социјалните мрежи упати прашање до американската амбасадорка Анџела Агелер.
„Добро утро Амбасадорке Агелер, среќен нека е денот на независноста на САД.
Само да прашам, не ви е малку незгодно во листата на ВИП гости вчера што ви беа лица кои треба да ви се на црна листа на санкции.
Овие двајцава незгодно насмеани на фотографијава, за кои имаат институциите цврсти докази за криминал во најмалку 152 случаи и за кои се спроведуваат сериозни истраги во моментов, наместо да ви се на црна листа на санкции на САД насочени против поединци и бизниси вклучени во корупција и нарушување на човековите права, ви беа во прв ред во Амбасада вчера.
На листа на санкции со децении се наоѓаат лица ПОРАДИ НАВОДИ за корупција и поткопување на демократските процеси, меѓу нив се наоѓаат политичари, поранешни премиери и министри, градоначалници, судии, а САД ги санкционираат таквите поединци како дел од напорите за промовирање одговорност и борба против корупцијата во регионот на Западен Балкан“, напиша Арсовска.
Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.