Свет
Турција воведува казни за патниците што пребргу се упатуваат кон излезот по слетувањето

Турција ќе ги казнува патниците во авион што ќе ги откопчаат безбедносните појаси прерано по слетувањето на авионот и ќе станат од своите седишта.
Новиот закон исто така ќе се обиде да ги спречи патниците што сакаат да излезат пред другите патници во редовите напред, па затоа прерано се одврзуваат, ги земаат торбите и бргу излегуваат од авионот, дури и пред пилотот да даде сигнал за тоа.
Турските воздухопловни власти соопштија дека добиле поплаки за патници што се обидуваат да го заобиколат правилото, а инспекциите на летовите потврдија дека многумина не го почитуваат. Самиот закон не прецизира колку ќе биде казната, но турската телевизија „Халк“ објави дека таа ќе изнесува 2.603 лири, односно 60 евра.
Законите за воздухопловство во многу земји им забрануваат на патниците да ги откопчуваат безбедносните појаси додека е вклучен знакот за задолжително носење појас, но во пракса финансиски се казнуваат само оние што го нарушуваат јавниот ред или пушат во тоалетот. Новиот закон би можел да ги казни и оние што се туркаат кон излезот иако патниците пред нив сè уште не излегле.
Затоа на авиокомпаниите ќе им биде наложено да го дадат следново соопштение: Не станувајте, ниту одете по ходникот додека не дојде вашиот ред да го напуштите авионот. Авиокомпаниите што не ги спроведуваат овие закони исто така би можеле да бидат казнети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се огласи Ердоган: Турција е подготвена

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека неговата земја е подготвена да им биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин „кога ќе бидат подготвени да се сретнат“.
На средбата со Зеленски во Анкара, Ердоган ја оцени актуелната ситуација како историска можност за почеток на преговорите меѓу Русија и Украина и ја изрази силната поддршка на Турција за дијалогот, како на техничко, така и на највисоко лидерско ниво, пишува весникот „Дејли Сабах“.
Тој ја повтори подготвеноста на Турција да биде домаќин на евентуален самит меѓу Путин и Зеленски и нагласи дека Анкара придава големо значење на одржувањето на отворените канали за комуникација меѓу Москва и Киев.
Руската делегација на преговорите во Истанбул ја предводи помошникот на рускиот претседател Владимир Медински.
Претходно, европските лидери го повикаа Кремљ на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, а Путин предложи директни разговори во Истанбул.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Време е да се изврши притисок врз Путин

Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека сојузниците на Украина „мора да дејствуваат“ и „да го зголемат притисокот врз Путин“, во услови на неизвесност за мировните преговори во Турција, пренесе АФП.
Зборувајќи по состанокот со германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Берлин, Хили повика на нови санкции против Русија и нагласи: „Треба да извршиме притисок врз Путин да го принудиме на преговарачка маса. Сега е време да започнеме преговори и да ја запреме војната“.
Тој додаде дека рускиот претседател „има моќ да ја запре војната – може да отпатува во Истанбул, да преговара и да нареди прекин на огнот“.
Свет
Шефот на руската делегација: Путин ни постави цели за преговорите

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Анкара, шефот на руската делегација во Истанбул, Владимир Медински одржа своја прес-конференција.
Медински изјави дека Русија ги смета овие преговори за продолжување на мировниот процес кој започна во 2022 година. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин лично ги одредил задачите на делегацијата и ја дефинирал преговарачката позиција, по состанокот со воените команданти задолжени за таканаречената „специјална операција“, термин што Кремљ сè уште го користи за војната и целосната инвазија на Украина.
Медински тврди дека руската страна е решена да најде решенија и допирни точки во Истанбул.
Од друга страна, Зеленски постојано повторуваше дека Русија не е сериозна за постигнување мир, токму затоа што преговорите не ги води самиот Путин, кој според него ги носи сите клучни одлуки во земјата.