Економија
СЕПА: Напредува подготовката на банките за приклучување во европската платежна инфраструктура во октомври 2025 година
Сите дванаесет комерцијални банки во земјава интензивно работат на изготвување апликации и технички решенија потребни за нивното вклучување во платежната шема за кредитни трансфери на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Една системски значајна банка веќе ја поднесе апликацијата до Европскиот совет за плаќања (ЕПС), девет банки имаат направено избор на странска банка преку која ќе ги извршуваат плаќањата, коешто е предуслов за поднесување на апликацијата, додека останатите се во фаза на завршување на овие активности. Се очекува, најголемиот дел од банките да го завршат овој процес до 22 август 2025 година за да можат да започнат со извршување на првите прекугранични трансакции во евра во рамките на СЕПА на почетокот на октомври 2025 година, којшто е и најраниот рок утврден од ЕПС за приклучување на давателите на платежни услуги од нашата земја.
Ова е заклучокот од состанокот одржан помеѓу претставниците од Народната банка и Македонската банкарска асоцијација (МБА) во Националниот совет за платни системи (НСП), со цел согледување на тековниот статус на плановите и роковите за миграција на банките, предизвиците со коишто се соочуваат и можностите за нивно надминување за навремено и успешно приклучување во СЕПА. НСП е консултативно тело коешто преку координирани активности на сите засегнати страни од регулаторен и деловен аспект има за цел да го поддржи развојот на платниот систем во земјата и да ја зголеми ефикасноста на плаќањата во земјата и странство. Состанокот го предводеше вицегувернерката Емилија Нацевска, која е претседателка на НСП. НСП, преку постојана соработка на сите засегнати страни во земјата, ќе продолжи да им дава поддршка на банките за разрешување на сите отворени прашања со цел нивна ефикасна интеграција во платежните шеми во СЕПА.
На 6 март 2025 година Европскиот совет за плаќања ја прифати апликацијата на нашата земја, со што станавме членка на СЕПА, а со тоа се овозможи и приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра, во географски опсег од 40 земји членки. Интеграцијата на банките во европскиот платежен екосистем носи бројни придобивки за граѓаните и компаниите, пред сѐ брзи, сигурни и поевтини прекугранични плаќања во евра и зголемена економска активност. Народната банка, како носител на активностите за членството на земјата во СЕПА, останува посветена на процесот на интеграција на банките, при што редовно и навремено ќе ја информира јавноста за напредокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

