Македонија
Мицкоски: Граѓаните чувствуваат горчина поради отстапките, ни ветуваа чуда, а ние баравме обични работи
Премиерот Христијан Мицкоски на гостување на „Euronews“ говореше за евроинтегративните процеси на државата и предизвиците со кои се соочува, но исто така и за отстапките кои се направени на тој евроинтегративен пат.
„Имате претстава дека претходно сте го промениле знамето, сте го користеле она времено име, сте го промениле уставното име, во неколку наврати сте го менувале Уставот и секогаш некој од Брисел на вас ви велел уште само ова и тоа е тоа“, рече премиерот Мицкоски во контекст на последните барања за промена на македонскиот Устав и дополни дека во иднина ќе продолжи да се бори и аргументите да ги пренесе секаде на светот.
„Да се научиме да победуваме, тоа постојано го говорам, и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Рим и во Париз, секаде во светот во поголемите европски и светски метрополи, а не само дома. Само на тој начин вие можете да ја убедите светската јавност во исправноста на вашите аргументи“, посочи Мицкоски и продолжи:
„Мојата политичка борба се темели да успеам тоа што е изгубено, барем делумно да го повратам, и граѓаните во оваа мултиетничка држава во којашто мнозинство се Македонците, но има и дел од Албанците, Србите, Власите, Бошњаците, Ромите, Турците и останати граѓани, да имаат подобар живот и во оваа не цела година дена тоа ми успева.“
Коментирајќи ги европските пораки за интеграциите на Западен Балкан премиерот Мицкоски кажа дека македонските граѓани, особено македонскиот народ чувствуваат фрустрација, но карактерот им е да веруваат во европски вредности.
„Од самиот почеток, уште од распадот на поранешната федерација, тоа беа двете стратешки цели, членство во НАТО и членство во ЕУ. Тоа е дел од карактерот на македонските граѓани и тоа не се менува преку ноќ, но да, чувствуваат малку горчина поради кнедлите коишто мораа да ги голтнат и се исфрустрирани затоа што многумина продефилирале тука во Скопје ветувајќи ни чуда, но за жал ние баравме само обични работи, но и тие обични работи не успеаја да ни ги испорачаат. Знам дека најголемиот дел од земјите членки сакаат да го видат Западен Балкан во ЕУ. Верувам во намерите на Берлин, Париз, Рим, Будимпешта, Брисел и би рекол на 26 земји членки на ЕУ, но знам на кого не можам да му верувам. И за жал сè додека важи правилото на едногласие во ЕУ, за нас претставува ризик каква било дополнителна отстапка којашто во периодот понатака би ја правеле“, заклучи премиерот Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода делови од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( Четврток )поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхолмска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности. (општина Карпош).
Македонија
Евроинтеграцијата е дијалог, а не диктат: Сиљановска-Давкова се обрати на Парискиот мировен форум
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на осмиот Париски мировен форум, се обрати на сесијата посветена на младите и европската перспектива на Балканот.
Таа укажа на суштинската важност на регионалната соработка и повика на разбирање и дијалог потенцирајќи дека евроинтеграцијата не може да биде диктат, туку е дијалог.
„Регионалната соработка за мене е неверојатно важна. Не може да избегаме од регионот, тој ни е судбина, ова важи не само за нас кои се уште чекаме да станеме кандидати или да ги завршат некои држави преговорите со ЕУ, но и за оние коишто веќе се во ЕУ, а припаѓаат на нашиот регион“, изјави таа по завршувањето на сесијата, со којашто модерираше Мишел Дикло од „Институтот Монтејн“.
На сесијата таа говореше и за безбедносната состојба во Европа поради која не смееме да бидеме оставени во геополитички вакуум и го реафирмираше ставот дека проширувањето на Унијата е безбедносно, а не само прашање на проширување.
„Она што е чудно е што во 2019 година беа сменети правилата на играта среде игра, што е невообичаено ни за спортски натпревари, ниту пак во политички преговори, бидејќи беше воведена нова методологија“, вели Сиљановска-Давкова во изјавата.
Според неа од интерес за регионалната стабилност, регионалната демократија, но и за Европската Унија е, да гледа на регионот како на систем на врзани садови и да направи храбар чекор како оној во 2004 година, односно да покаже иновативност во креирањето на конечни решенија за т.н. Западен Балкан, како неразделен дел од Европа.
Македонија
„Вреди“: Ноќ што испиша историја, Филхармонијата го воздигнува името на земјата во Виена
Вчера бевме сведоци на голем културен успех на нашата земја, историскиот концерт на Филхармонија на Македонија во Златната сала на Музикферајн во Виена, една од најпрестижните сцени за класична музика во светот.
Овој концерт, кој се одржа во величествена и емотивна атмосфера, го демонстрираше високото уметничко ниво и професионализам на нашата филхармонија, која со своите брилијантни интерпретации на делата на композиторите Бете Илин, Сони Петровски, Смокварски и Дворжак, го воздигна името на нашата држава и нашата култура во срцето на Европа, велат од „Вреди“.
„Вреди“ изразува посебна благодарност до директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, за визионерското управување, посветеноста и напорната работа што ја претворија Филхармонијата во примерна институција за успех и меѓународна културна соработка.
Посебна благодарност им упатуваме на Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Зоран Љутков, државниот секретар Марија Ѓоргова, амбасадорот на Република Северна Македонија во Виена, Освит Росоклија и националниот координатор за интеркултурализам, Абаз Селмани, за нивната поддршка во реализацијата на овој важен национален проект.
Ова е пример за тоа како преку институционална соработка, професионализам и почитување на уметноста, нашата земја може достојно да се претстави пред светот“.
Културата, како што додаваат, е мостот што нè обединува и го зајакнува нашиот идентитет, а овој концерт во Виена беше јасен доказ дека Северна Македонија знае да го зборува јазикот на уметноста достоинствено и со светска класа.
„Вреди“ изразува благодарност до сите уметници, членови на оркестарот, диригентот Јерухам Шаровски, солистите Ана и Игор Дурловски и сите оние што придонесоа за оваа незаборавна вечер што ќе остане како златна страница во историјата на нашата култура.

