Македонија
Муртезани на балканскиот економски самит во Скопје: Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива

Овој Самит претставува уште една потврда на силните и пријателски врски кои ги поврзуваат Република Северна Македонија и Република Турција. Овие односи, кои се длабоко вкоренети во нашата заедничка историја и култура, денес се манифестираат преку интензивна соработка во многу области, вклучувајќи ја и економијата, истакна министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
„Односите помеѓу Северна Македонија и Турција се искрени, динамични, стратешки и ориентирани кон иднината. Не станува збор само за добри односи, туку за заедничко разбирање на регионалниот контекст, за заемна поддршка во клучни моменти и за координирани чекори во иницијативите од заемен интерес. Нашата билатерална соработка опфаќа широк спектар: од висока политика и одбрана, преку економија и трговија, до образование и културна размена. Турција е еден од најзначајните странски партнери во економскиот развој на нашата земја, но уште поважно, таа е партнер кој вложува долгорочен интерес во стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Во време кога глобалната економија се соочува со непредвидливи предизвици, според него настани како денешниот Самит имаат посебна тежина.
„Тие се можност не само за анализа, туку и за поставување конкретни цели. За нас, продлабочувањето на економската соработка со Турција, особено во делот на инвестиции, дигитална економија, зелени технологии и инфраструктурно поврзување, е од клучно значење. Веруваме во принципот на меѓусебна комплементарност, не како реторика, туку како модел за конкретни резултати. Северна Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива. Турција пак од друга страна, носи искуство, капитал и регионална мрежа. Оваа комбинација е наша заедничка шанса и таа треба да биде искористена“.
Додаде дека тие како министерство се посветени на креирање на поволна бизнис клима и на унапредување на европските стандарди во нашата економија.
„Работиме на подобрување на регулаторната рамка, намалување на бирократијата и обезбедување транспарентност и предвидливост за инвеститорите. Северна Македонија е цврсто на патот кон европската интеграција, а економската соработка и странските инвестиции се клучни за постигнување на оваа стратешка цел“, нагласи Муртезани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Еразмус доби 7 милиони евра за 161 проект

Со „Еразмус штафета – кутија во движење“, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја започна агендата за одбележување на Еразмус денови 2025.
Учениците и наставниците од основното училиште „Ацо Шопов“ во Бутел се првите што симболично во кутијата ќе ги остават своите пораки и препораки за да стимулираат нови корисници на програмата. Откако кутијата ќе ги заобиколи училиштата во државата, сите писма ќе бидат јавно објавени.
На отпочнувањето на активноста присуствуваше министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која изрази задоволство што по повеќе години во кои кредибилитетот на Националната агенција беше доведен во прашање, поради констатирани нерегуларности во работењето, доаѓа период во кој оваа институција започнува нормално да функционира.
„Довербата е вратена, одобрени се средства од ЕУ за финансирање на проекти во рамки на Еразмус програмата за 2025 година, за која пак, интересот е значително пораснат. Тоа се гледа од фактот дека годинава за над 100% е зголемен бројот на апликации за проекти за мобилности на ученици и наставници во рамки на Еразмус, споредбено со лани. Ако во 2024 беа поднесени 150тина апликации, годинава се поднесени над 300“, рече Јаневска.
Информираше дека договори ќе бидат потпишани за 161 проект во вредност од околу 7 милиони евра и тоа претежно од областа на инклузијата, нови методи на учење и подучување, дигитална трансформација и демократија, а ќе бидат опфатени 270 институции и организации од Македонија.
Директорката на Националната агенција, Ана Михајлов рече дека е задоволна од сработеното во изминатите два месеци, а најважно е што се откочени процесите кои беа доведени во прашање во изминатите неколку години.
„Веќе ги добивме средствата од ЕУ и ќе издвојам дека оваа година партнери на нашите институции, организации и училишта во реализација на проектите се сродни институции и организации од земји како Италија, Шпанија и други од ЕУ, за разлика од порано кога најчесто вмрежувањето беше со земји од Западен Балкан. Секако и натаму се негува регионалната соработка, но добро е што одиме и малку пошироко во Европа“, рече Михајлов.
Директорката посочи дека оваа година ќе има 600 мобилности повеќе споредбено со лани, што значи зголемен број учесници и корисници на придобивките од Еразмус.
Македонија
(Видео) СДСМ: Целата фамилија на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ во Зелениково е по избирачките одбори

Денеска јавно укажуваме на скандалозен судир на интереси, непотизам и директна злоупотреба на изборниот процес во Општина Зелениково, во режија на ВМРО-ДПМНЕ, обвини Александар Алексовски од СДСМ.
Тој вели дека во Општинската изборна комисија на Зелениково за претседателка е назначена Елена Маневска Јовановска, сестра на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ – Коста Маневски.
„Тоа само по себе претставува класичен судир на интереси и компромитација на интегритетот на изборниот процес. Но, скандалот не застанува тука. Целата фамилија на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ е по избирачките одбори. Сопругата на Коста Маневски е поставена во избирачки одбор на избирачко место број 2368, а неговата законска баба – мајка на сопругата, е член на избирачки одбор на избирачко место број 2376 во Палиград. Ова е класичен пример на партиска мрежа, непотизам и системско заземање на институциите од страна на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се влијае врз гласањето и резултатите на изборите“, рече Алексовски.
СДСМ бара од ДИК итна реакција и разрешување на Елена Маневска Јовановска од местото претседателка на Општинската изборна комисија во Зелениково.
„Бараме веднаш да се отстранат од избирачките одбори сите роднини кои претсвуваат судир на интереси. ДИК мора да спроведе вонредна контрола во сите други општини за да се открие дали вакви злоупотреби постојат и на други места, бидејќи имаме основи да се сомневаме дека ова не е изолиран случај“, рече Алексовски.
Македонија
Почина Панчо од ДНК

Владимир Блажев-Панчо од дуото ДНК почина речиси седум месеци по трагедијата во Кочани во дискотеката „Пулс“, каде што доби сериозни изгореници и повреди.
Болницата „Систина“, каде што се лекуваше Панчо, изрази длабоко сочувство до семејството, неговите најблиски, како и до целата македонска јавност.
Панчо по пожарот беше пренесен во „Систина“, каде што го продолжи лекувањето и каде што во изманатите месеци му беа направени неколку операции. Тој е 63. жртва на пожарот во „Пулс“, во кој загинаа и вокалистот на ДНК, Андреј Ѓорѓиевски, професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс, кои настапуваа на сцената.