Македонија
Сиљановска: Одговорно тврдам дека и да барате една држава да го смени Уставот е проблематично
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова пред новинарите ги коментира средбата со првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта, бугарското вето, барањата за почеток на преговорите со ЕУ и протоколите.
„Со Кошта разговарав како политичар со политичар, но и како правник со правник. Тој рече дека целосено се согласува со моите правни аргументи, но таква е постапката. Дири и со нашиот предлог, кој го оцени како извонреден за одложено правно дејство, настапил пред бугарските политичари, но не го прифатиле“, рече Сиљановска.
Најави и дека ќе разговара со бугарскиот претседател Румен Радев, а рече и дека земји членки на ЕУ се нудат за медијација, меѓу кои и Австрија.
„Одговорно тврдам дека и да барате една држава да го смени Уставот е проблематично низ призма на темелните вредности и принципите на ЕУ, дека таму има одредба оти ќе ги почитува уставните и политичките структури, или националниот и културниот идентитет. Има нова власт во Бугарија и можеме да разговараме. И Обединетото Кралство се нуди за разговори“, рече Давкова.
Во врска со преговарачката рамка, Давкова рече дека на протоколите, односно записниците, не им е местото таму.
„Замислете, извор на уставно право, протокол или записник. И еве да ја искористам можноста, јас воопшто не реков дека заклучоците, рамката, ја потпишал поранешниот министер Бујар Османи. Тоа не е наш акт, Советот, но реков дека потпишал протокол. А во протоколите се преземени обврски. Надворешната политила ја креира Собранието, вториот човек е претседателот. Затоа реков дека таков документ, кој создава обврски за нас, не може некој сам да одлучи да го прифати и да го потпише. Затоа низ призма на Законот за надворешните работи потребно е да се разговара, да се консултира Собранието. Ние дури и при гласањето за рамката ја немавме добиено, туку имавме заклучоци за неа. Како да одлучите за таква важна работа?“, праша Сиљановска.
Заклучи дека ова е големо предупредување за сите во иднина да внимаваат пред да потпишуваат нешто и да не се заборават клучните акти во Собранието.
„Да научиме лекција дека за некои важни работи однапред треба да ги разгледаме последиците. Да одиме во пресрет на укинувањето на ветото. Не можеме да бидеме колатерална штета на ваквиот процес на одлучување“, рече Давкова коментирајќи дека тоа е како да укинувате смртна казна, а викате ајде уште овој да го егзекутираме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

