Македонија
Царината заплени тутунски производи, автоделови, ветеринарни лекови, девизи, облека
Во текот на минатата недела, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани цигари, никотински ќесички, електронски цигари, тутун, автоделови, лекови за животни, облека, украсни производи, производи за сценски ефекти, девизи и фалсификати.
Во контроли на влез во државата на граничен премин Богородица, Табановце како и во внатрешноста на државата, спречени се обиди за криумчарење тутун, при што запленети се 53 штеки цигари, 19 килограми режан тутун, како и 480 никотински ќесички, за коишто сторителите требало да платат вкупни давачки од 355 илјади денари.
Во два одвоени случаи, при контрола на два камиони пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица откриени се 24 штеки цигари без акцизни маркички.
Во првиот случај, под тапацирите во кабината на камион со бугарски регистарски таблички кој бил управуван од македонски државјанин, пронајдени се 12 штеки цигари.
Во вториот случај, во две ќеси сместени во просторот кај моторот на влекач со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пронајдени се 12 штеки цигари, соопшти Царинската управа.
„На влез во држвава на граничниот премин Табановце во патничко комбе управувано од страна на македонски државјанин пронајдени се 480 никотински ќесички од 14 гр од 13 гр, како и 120 електронски цигари со никотин од 50 мг.
Мобилни царински тимови на влез во држвава на граничниот премин Богородица запленија 20 штеки цигари без акцизни маркички. Цигарите се пронајдени сокриени во фабричка празнина позади управувачката табла и во преграда за алат под долниот кревет во кабината на камион.
На граничниот премин Богородица од страна на Службата за мобилни скенери во фабричка празнина во горниот дел на кабината на влекач со македонски регистарски таблички откриени се 9 штеки цигари без акцизни маркички. Мобилен царински тим во соработка со полициски службеници заплени околу 19 килограми режан тутун, пронајден при контрола на автомобил во близина на Арачиново. Против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка пред надлежен суд.
60 литри моторно масло и 20 филтри за возила се пронајдени во неколку картонски кутии и две ќеси сместени во багажникот и на задното седиште на автомобил кој се пријавил за влез во државата на граничниот премин Дојран.
Царински службеници на граничен премин Дојран во соработка со припадници на граничната полиција Frontex спречија обид за шверц на 94 парчиња облека. Стоката е пронајдена при контрола на автомобил кој се пријавил за влез во државава на граничниот премин. Истата сторителот ја сокрил на повеќе места – кај резервната гума, кај моторот, под задните и предните седишта, под патосниците и во багажниот простор. Непријавената облека е запленета, а против сторителот ќе биде поведена соодветна постапка.
Мобилен царински тим при контрола на автомобил што го управувал турски државјанин на граничен премин Блаце откри непријавени 93 разни производи меѓу кои уметнички слики, украси обувки и производи за домаќинство.
Производи за сценски ефекти (100 пакувања од 200 грама композитен титаниум за сценски ефект и 144 садови со течност за огнен ефект) се пронајдени при контрола на збирна стока која била со потекло од Кина, а наменета за увозник од Скопје. Стоката била пријавена за увозно царинење во царинската испостава Гевгелија и истата не била опфатена во царинските документи“.
Од страна на царински службеници на граничниот премин Блато под седиштата на автомобил со македонски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата откриени се 20 вакцини за животни Poliovin од 100 ml за кои е потребна дозвола за увоз.
Мобилен царински тим при личен претрес на патник, македонски државјанин, откри 5.200 евра што истиот сакал нелегално да ги изнесе од државата преку граничен премин Богородица. Патникот со себе носел 7.200 евра, при што вратени му се 2 илјади евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека останатите девизи во износ од 5.200 евра се привремено задржани.
348 парчиња детски играчки (возила, топки и ракавици) со ознаки на заштитени трговски марки се задржани поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Стоката е откриена од страна на мобилните царински тимови при контрола на камион натоварен со стока со потекло од Кина, а наменета за увозник од Струмица, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

