Свет
Брисел предлага нова такса од две евра за пакет за купувања од платформи како „Тему“
Европската комисија размислува за воведување такса од 2 евра за пакет за пратки надвор од ЕУ купени преку онлајн-платформи, како што се кинеските „Шеин“ и „Тему“, изјави комесарот за трговија и економска безбедност, Марош Шефчовиќ.
Како што објави РТВЕ, станува збор за таканаречената управувачка такса, која би ги покривала трошоците за обработка на голем број мали пакети што влегуваат во ЕУ, а не за нов данок, прецизира Шефчовиќ за време на дискусијата во Комитетот за внатрешен пазар на Европскиот парламент.
Според написите, комесарот за трговија Марош Шефчовиќ пред Европскиот парламент претставил дека предложил надомест за ракување со пратки за „справување со предизвиците што ги претставуваат 4,6 милијарди пратки доставени директно до адресите на граѓаните годишно“. Според нацрт-предлогот на Европската комисија, според „Фајненшл тајмс“, за директна продажба до крајните корисници ќе се применува такса од 2 евра, а за пакетите што пристигнуваат во магацините ќе биде 0,50 центи.
Дел од приходите од таксата ќе се користи за покривање на трошоците за дополнителни царински проверки, а остатокот ќе оди директно во буџетот на ЕУ. Повеќе од 90 проценти од пратките доаѓаат од Кина.
Овој потег следува по сличен таков на САД, кои одлучија да го укинат својот режим de minimis, кој ги ослободуваше пратките во вредност помала од 800 долари од царина и документација.
Шефчовиќ на пратениците во Брисел им рече дека „огромниот бран пакети претставува сосема нов предизвик во однос на контролата, безбедноста и обезбедувањето усогласеност со стандардите“. На пазарот на ЕУ е забележано зголемување на бројот на опасни и несоодветни производи, а трговците во Унијата сè повеќе се жалат на нелојална конкуренција.
Шефчовиќ нагласи дека овие пратки создаваат огромен товар за царинските службеници. „Не би ја сметал оваа такса како данок, туку, едноставно, како надомест на трошоци што платформите треба да ги платат“, додаде тој.
Според податоците собрани од „Фајненшл тајмс“, само Холандија и Белгија, како главни логистички центри на ЕУ, минатата година примиле повеќе од една милијарда пакети.
Ана Кавацини, пратеничка од германските Зелени и претседателка на парламентарниот Комитет за внатрешен пазар, го поддржа планот. „Важно е да се воспостави контрола. Ова ќе ги охрабри продавачите повторно да се обратат во магацините, како што правеа претходно. На царината многу им е полесно да проверуваат примероци од поголема пратка отколку од поединечни артикли“, изјави таа за „Фајненшл тајмс“.
„Тему“ и „Шеин“ сè уште не ги коментираа овие најави.
Се очекува земјите членки да го вклучат овој надоместок во поширок пакет-реформи на царинските правила, што вклучува построги контроли и подобра координација во рамките на единствениот пазар. Како дел од реформата ЕУ планира да го укине сопственото ослободување de minimis за пратки помали од 150 евра. Ова би ги принудило платформите да се регистрираат за ДДВ, со што првпат ќе преземат одговорност за квалитетот на стоките како увозници.
Предлогот беше презентиран на Комисијата минатата недела од страна на комесарот за буџет, Пјотр Серафин, како една од опциите за зголемување на приходите на буџетот на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

