Спорт
Хамилтон и Леклер не веруваат во Ферари

Ферари влегува во трката во Монако со доза на претпазливост, иако минатата година славеше на оваа легендарна патека.
Перформансите на тимот во текот на првите седум трки од сезоната 2025 беа под очекувањата, а тие моментално се наоѓаат на четвртото место во шампионатот на конструктори, што не е во согласност со амбициите на тимот од Маранело.
Најголемиот проблем на Ферари оваа сезона е темпото во квалификациите, сегмент кој е клучен токму во Монако, каде што почетната позиција е речиси клучна, бидејќи престигнувањето на патеката е практично невозможно.
На последната трка во Имола, Шарл Леклер и Луис Хамилтон не успеаја да влезат во третиот дел од квалификациите (Q3), иако подоцна во трката успеаја да освојат поени.
Шарл Леклер, кој триумфираше во Монако минатата година пред домашната публика, нема големи очекувања оваа година.
„Ќе биде многу тежок викенд. Мислам дека Монако ќе ги открие многу од слабостите на нашиот болид. Исто така, постојат фактори што не можете да ги предвидите, особено во квалификациите каде што ризикувате многу. Болидот е поставен на сосема поинаков начин, па се надевам дека можеби ќе нè изненади“, рече Леклер.
За Луис Хамилтон, ова ќе биде прв настап во Монако за Ферари, но и кај него постои одредена доза на неизвесност.
Иако е повеќекратен светски шампион, не славел на оваа патека од 2019 година. Сепак, Хамилтон планира да испроба некои нови идеи, кои досега не беа во фокусот:
„Искрено, не сум сигурен. Се мачиме, особено во квалификациите. Имам некои идеи што сакам да ги спроведам следната недела, некои работи што досега не беа во преден план бидејќи имавме други приоритети. Се надевам дека ќе можеме да отклучиме повеќе перформанси. Навистина не знам како ќе се однесува болидот“, верува Хамилтон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Шеј Гилџис-Александер е МВП

Шеј Гилџис-Александер од Оклахома Сити Тандер ја доби наградата за најкорисен играч (MВП). Оваа вест ја објави познатиот инсајдер Шамс Чаранија.
Беше многу напната трка помеѓу канадскиот кошаркар и поранешниот MВП, Никола Јокиќ. Сепак, најдобриот стрелец во сезоната доби предност пред Србинот, кој водеше во четирите најважни категории во плејофот.
Шеј Гилџис-Александер доби поголема поддршка од оние што гласаа. Канаѓанецот ја предводеше Оклахома до најдобриот скор во лигата и до финалето на Западната конференција.
Оклахома стигна до борбата за големото финале победувајќи го Денвер на Никола Јокиќ во седум натпревари.
Инаку, бекот на Оклахома е вториот канадски кошаркар по Стив Неш кој ја добил наградата за најкорисен играч (MВП).
На овој начин, Канада стана првата земја, освен САД, која има повеќе лауреати на наградата MВП. Ова е исто така седма сезона по ред Американец да не биде прогласен за најкорисен играч во регуларниот дел од сезоната.
Серијата започна во 2018/19 година. Јанис Адетокумбо беше беше двократен МВП. Потоа Никола Јокиќ двапати беше прогласен за најкорисен играч во лигата. Потоа е сезоната 2022/23 кога лауреат беше Камерунецот Џоел Ембид, а Никола Јокиќ повторно ја освои наградата минатата сезона.
Спорт
(Видео) Тотенхем преку Манчестер јунајтед до трофејот во ЛЕ и место во ЛШ

Фудбалерите на Тотенхем го победија Манчестер Јунајтед, ја освоија Лига Европа и обезбедија директен пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Финалето во Билбао на стадионот „Сан Мамес“ заврши со резултат 1:0 (1:0). Бренан Џонсон го постигна единствениот гол во 42-та минута.
Тотенхем одигра неверојатно дисциплинирано во текот на целиот меч, ја искористија шансата преку Џонсон, а Јунајтед ќе жали за шансите на Хојлунд (кога Ван дер Вен со акробатска интервенција ја исфрли топката од гол линијата), Бруно Фернандеш и Лук Шо во претпоследната минута, кога Викарио брилијантно интервенираше.
Тотенхем го освои првиот трофеј по 2008 година, воедно ова е прв европски трофеј за клубот по пауза од 41 година. Тотенхем во 1984 година го освои Купот на УЕФА.
Спорт
Вардар шести пат во историјата го освои Купот на Македонија

Фото/ EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Фудбалерите на Вардар го освоија Купот на Македонија за сезоната 2024/25. Црвено-црните во финалето славеа со 2:0 над Струга ТЛ. Вардар го освои шестиот Куп во клупската историја, прв по пауза од 18 години.
Вардар до триумфот го предводеше младиот напаѓач Талевски. Ги постигна двата гола во 26. и 48.минута од натпреварот.
Струга имаше свои шанси во ова финале, но не искористи ниту една. Најдобрите не ги искористија Укпа, Радески и Кривањева кога резултатот беше 0:0. Откако Талевски го постигна првиот гол, Доминго ја погоди стативата.
Тренерот на Вардар, Гоце Седлоски го освои првиот трофеј во Купот, додека неговиот колега Илчо Ѓорѓиоски не успеа да дојде до трофејот во Купот и во своето второ финале.
Вардар со оваа победа избори пласман во квалификациите во Конференциската лига.