Топ
Уапсени четири лица во Скопје, ликвидирале луѓе по нарачка

Врз основа на обезбедени докази во текот на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“ во предметот под кодно име „Бункер“, денеска во текот на утринските часови единиците на МВР извршија претреси на пет локации во Скопје.
При претресите четири лица се приведени, а во дом на еден од осомничените е пронајдено поголемо количество на марихуана што ќе биде предмет на вештачење.
Јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четворицата приведени за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело Злосторничко здружување и кривично дело Убиство, а еден од осомничените сторил и кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Според обезбедените докази во текот на 2023 година осомничените станале припадници на група која дејствувала подолг временски период и имала за цел вршење на кривични дела Убиство од одмазда и по порачка за кое е пропишана затворска казна од најмалку десет години или доживотен затвор и други кривични дела. Тие прифаќајќи ги одлуките и насоките од организаторите на криминалната група, во континуитет преземале дејствија на обезбедување услови, отстранување пречки и ставање средства на располагање за извршување на порачките за лишување лица од живот. Така, тројца од осомничените во текот на месец јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен – организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во Грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група Грчец. Во месец мај 2024 година, пред објект на т.н. пластичарска улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина при што повредиле други лица од кои едно лице починало“, соопшти обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети условите за тројца од осомничените до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор, додека за еден осомничен предлог за определување мерки на претпазливост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
Пожарникарите неуморно и секојдневно на терен, во едно деноноќие се гасеа 33 пожари

Во текот на изминатото деноноќие евидентирани се вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои 12 се активни, пет се ставени под контрола, а 16 се изгаснати.
Активни пожари има во: Василево / Радовиш / Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација); Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, кон с. Градешница (Новаци) и крак кон границата со Р. Грција (мешана шума); Прилеп 2 – активен крак кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци); под контрола помеѓу Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација); Македонски Брод – помеѓу Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација); Желино – помеѓу с. Церово и с. Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Петровец – с. Средно Коњаре, крај р. Пчиња (мешана шума); Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Старо Нагоричане / Куманово – с. Облавце, Бељаковце, Довезенце, Јачинце (ниска вегетација); Старо Нагоричане – с. Руѓинце (ниска вегетација); Василево 1 – с. Сушево (грмушки и ниска вегетација); и Василево 2 – с. Добрашинци (грмушки и ниска вегетација).
Под контрола се пожарите во: Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Струмица – с. Баница и населба Софилари (висока трева); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева).
Изгаснати се пожарите во: Сарај 1 – с. Семениште (стрниште и гранки); Сарај 2 – с. Паничари (сува трева); Гази Баба – с. Трубарево (стрниште, грмушки и сува трева); Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија); Кривогаштани – кај депонијата (сува трева и грмушки); Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга 1 – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); Струга 2 – с. Октиси (депонија); Штип – кај м.в. 9-ти км (сува трева); Карбинци – с. Радање (стрниште, сува трева и штала); Куманово 1 – н. Бедиње (ниска вегетација); Куманово 2 – с. Табановце (сува трева); Куманово 3 – ул. Никола Тесла (сува трева); Куманово 4 – с. Тромеѓа (сува трева); и Теарце – с. Непроштено (сува трева).
Регион
Двегодишно девојче најдено мртво на плажа во Грција

Девојче на околу двегоишна возраст е пронајдено мртво на плажа во атинското предградие Палео Фалиро во неделата наутро, пренесуваат грчките медиуми.
На телото на девојчето наишол маж од Египет, кој веднаш ја известил полицијата со повик на бројот за итни случаи 112. Екипа на Брза помош го пренела телото во Детската болница, каде се очекува да биде извршена обдукција.
Во меѓувреме, полицијата ги проверува списоците на исчезнати лица, но засега идентитетот на жртвата не е утврден.
Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.