Македонија
ДУИ со осуда: Дискриминаторско и моноетничко вработување во филијалата на ЕСМ во Струга и во хидроцентралата во Дебар

„Демократската унија за интеграција со длабока загриженост реагира на најновите вработувања во филијалата на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) во Струга и во Хидроцентралата во Дебар, каде што е спроведена неприфатлива пракса на етничка дискриминација и исклучување на Албанците“, велат од ДУИ.
„Во филијалата „Црн Дрим“ во Струга, се ангажирани 23 лица со привремени договори за вработување – сите од македонската заедница, а ниту еден Албанец, иако Албанците сочинуваат значителен дел од населението во овој регион.
Истовремено, во хидроцентралата „Шпилје“ во Дебар се реализирани 8 нови вработувања – повторно без вклучување на ниту еден граѓанин Албанец.
Овие случувања укажуваат на координиран и намерен модел на институционална дискриминација и исклучување и претставуваат директен напад врз принципите на правична застапеност и еднаквост при вработување, кои се загарантирани со закон и со Устав.
Уште позагрижувачка е тишината и соучесништвото на остатоците од ВЛЕН во Владата, кои ги гледаат моноетничките вработувања на ВМРО, но не успеваат да обезбедат ниту едно работно место за народот кој тврдат дека го претставуваат.
ДУИ им упатува итен повик на раководството на ЕСМ и надлежните институции да дадат јавно објаснување и да преземат конкретни мерки за исправување на оваа неправда.
Практиките на вработување во јавните претпријатија не смеат да се претворат во алатки за етничко фаворизирање и партиски клиентелизам.
Во една демократска држава, еднаквоста при вработување не е привилегија, тоа е основно право. Затоа не смееме а да молчиме пред ваквото понижување“, се додава во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
УЈП со повик за исполнување на ДДВ обврските: евидентирана е загрижувачка состојба

Управата за јавни приходи информира дека заклучно со 25 јули 2025 година евидентирана е загрижувачка состојба во однос на исполнувањето на обврските поврзани со данокот на додадена вредност (ДДВ).
„Според последните податоци: не се поднесени ДДВ-пријави од 142 месечни и 2.134 тримесечни обврзници. Пријавен, но неплатен ДДВ-долг е евидентиран кај 1.326 месечни и 7.748 тримесечни обврзници.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, со порака: „Непочитувањето на законскиот рок е сериозен прекршок. Сите обврзници кои не поднеле ДДВ-пријава или не го платиле ДДВ-долгот се повикуваат итно да постапат согласно законските прописи. Даночната дисциплина не е избор, туку законска обврска и одговорност на секој граѓанин и компанија, темел за функционална држава.“
Управата за јавни приходи, како што додаваат во информацијата, веќе доставила персонализирани известувања до сите ДДВ-обврзници кои имаат пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
„Преку координирано постапување и интензивна комуникација со даночните обврзници и со сметководителите, се спроведува целосен сет активности и мерки — со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. За секој ден на задоцнување, се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг. По доставата на опомените, управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. Со цел навремено информирање и исполнување на обврските, како и обезбедување солидна даночна историја, УЈП останува во постојана комуникација со сите релевантни страни“.
Македонија
Владата донесе одлука за промена на таблиците на службените возила и отворање на конзулат во Корча

Владата на денешната 97 седница донесе одлука сите државни институции да ги променат регистарските таблици на службените возила со новите таблици со боја најдоцна до 15 септември 2025 година. Оваа одлука е во насока на уште едно реализирано ветување пред граѓаните со цел поголема отчетност, транспарентност и ставање крај на злоупотребите кои со биле пракса во минатото, соопшти владината служба.
Дополнително, Владата на предлог на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија донесе одлука за отворање на генерален конзулат во Корча со јурисдикција во целиот регион. „Граѓаните мора да имаат брз и ефикасен сервис и услуги, поддршка за културни, образовни и економски врски.
Владата продолжува со конкретни мерки и политики кои имаат за цел да ја потврдат вистинската грижа за подобрување на стандардот и враќање на довербата на граѓаните во институциите“.
Македонија
Со запален факел се обидел да подметне пожар во Струмица: под истрага едно лице за загрозување на општата сигурност

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за обид да изврши – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот вчера попладне, преку една социјална мрежа, се заканил на лице од Струмица дека ќе му ја запали викендицата, а потоа се обидел заканите да ги реализира.
На локацијата брана Водоча се обидел да подметне пожар и да предизвика поголема имотна штета. Со запален факел од хартија и текстил ги запалил гредите на натстрешницата, кои започнале да чадат и да горат. Со тоа предизвикал ризик од пожар не само на објектот, туку и на повеќе други викенд-куќи и на нискостеблеста и високостеблеста вегетација во непосредна близина.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори односно да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.