Спорт
Адеми ќе го напушти Динамо

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Аријан Адеми, наскоро треба да го напушти Динамо Загреб. Откако се врати во Динамо на крајот од летото 2023 година по краток престој во Кина, Адеми сега е повторно пред заминување од „Максимир“.
Причината за неговото заминување е недостатокот на минутажа во тековната сезона, во која, по правило, тој беше играч кој влегуваше од клупата. Оваа сезона, настапи во 26 натпревари за Динамо, но одигра само 1213 минути, што значи дека играл во просек малку повеќе од едно полувреме по натпревар.
Дејан Љубичиќ, Роберт Мудражија и Марко Солдо ќе му се приклучат на Динамо во летниот преоден рок, па и покрај заминувањето на Петар Сучиќ, а веројатно и на Мартин Батурина, нема да има место за Адеми.
Како најконкретна опција за негов нов ангажаман се споменува Марибор.
Доколку Адеми се пресели во Марибор, тој би требало да има значително поголема минутажа и улога во тимот. Адеми заработува околу 800 илјади евра годишно во Динамо, а има договор до јуни 2026 година.
Адеми одигра 420 натпревари за Динамо, во кои постигна 47 гола и имаше 32 асистенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Солзите на Ергин Атаман

Ергин Атаман, селектор на Турција, емотивно реагираше на еуфоричниот пречек што го доби неговиот тим во Истанбул.
Кошаркарите на Турција не успеаја да се вратат од Рига со златен медал, откако Германците беа подобри во финалето на Евробаскетот (88:83), но без оглед на тоа, им беше приреден величенствен пречек.
На аеродромот, Атаман низ солзи им се обрати на присутните.
„Сребрен медал по толку години, секако е голем успех и турскиот народ е горд на овие момци. Сепак, многу сум тажен. Историјата ги памети само шампионите, а ние за малку го пропуштивме тоа. Им се извинувам на нашите граѓани кои веруваа во нас и возбудено го чекаа трофејот пред своите екрани. Искрено верувам дека овие момци, кои ја вратија турската кошарка на самиот врв на Европа, ќе го донесат овој куп во нашата земја во блиска иднина“, рече Атаман.
Покрај гордоста, Атаман чувствува голема тага.
„Голема благодарноста за нашиот народ кој нè прегрна и чија поддршка растеше од ден на ден за време на првенството. Овие млади мажи, овие момчиња, го претставуваа турското знаме со голема страст пред целиот свет, до последната секунда. Горди сме, но јас лично сум многу тажен. Сонував да му ја донесам шампионската титула на турскиот народ. Го загубивме првенството со последната топка, но го натеравме турскиот народ повторно да ја засака кошарката“, заклучи Атаман.
Спорт
Ромеро: Никогаш не сакав да го напуштам Тотенхем

Кристијан Ромеро изјави дека во ниту еден момент не сакал да го напушти тимот ова лето. Аргентинецот изјавата ја даде пред потпишувањето на новиот договор со Тотенхем.
Бројни клубови беа заинтересирани за Ромеро и се шпекулираше дека ќе се пресели во Атлетико Мадрид, но тој сепак го продолжи договорот со Тотенхем и беше именуван за капитен.
Тој ја одигра секоја минута од почетокот на сезоната, постигна гол во финалето на Европскиот Суперкуп и има асистенција во Премиер лигата.
„Никогаш не реков дека сакам да го напуштам клубот. Ништо такво не дојде од мене. Важно е што велат тренерот и претседателот. Многу сум среќен тука, ова ми е како семејство. Го сакам тренерот, го сакам неговиот стил и начинот на кој тренира. Секогаш можеме да подобриме некои работи, но мислам дека сите тука на сите нивоа работат добро за да напредуваме“, рече Ромеро, објави специјализираниот фудбалски портал „Гол“.
Тотенхем игра во Лигата на шампионите оваа сезона, откако ја освои Лигата на Европа минатата сезона. Во првиот натпревар, Тотенхем ќе го пречека Виљареал вечерва во 21:00 часот.
Foto/ EPA
Спорт
Матео Францозо (25) почина во Чиле

Италијанскиот скијач Матео Францозо трагично го загуби животот еден ден пред неговиот 26-ти роденден откако падна за време на тренинг во Чиле.
Несреќата се случи два дена претходно на патеката во Ла Парва, од каде што беше префрлен со хеликоптер во Сантијаго, главниот град на јужноамериканската земја.
Момчето од Џенова помина два дена во индуцирана кома пред лекарите да го прогласат за мртов. Немаше начин да се спаси по бројните и тешки повреди на главата.
Францозо се натпреваруваше во најопасните дисциплини на алпско скијање – спуст и супер велеслалом.
Во својата кариера, тој забележа една победа во Европскиот куп, во супер велеслалом во Чинал, Швајцарија, додека две години подоцна стана шампион на Италија во алпска комбинација.
Двапати заврши меѓу првите 30 на трките од Светскиот куп – беше 28-ми во 2023 година во Кортина д’Ампецо и минатиот февруари во Кранс-Монтана, Швајцарија, каде што заврши 30-ти – двата пати во супер велеслалом.
Скијачкиот свет се збогува со Матео. Во соопштението на Светската скијачка федерација се огласија бројни скијачи од самиот светски врв.
„Моите мисли и емоции се со семејството на Матео, пријателите, тимот и целата наша заедница“, напиша Микаела Шифрин, а слични коментари оставија и Феликс Нојретер, Кјетл Јансруд, Александар Амодт Килде, Марко Шварц, Дидие Куше, Аксел Лунд Свиндал…
Но, покрај изразувањето сочувство, многу стручњаци и фанови повикуваат на зголемена безбедност.
„Оваа трагедија сега бара достоинствено молчење поради тагата на неговото семејство, пријателите и колегите во големото скијачко семејство. Сепак ќе биде потребно посилно да се справиме со прашањето за безбедноста, патеките со несериозна заштита или со лошо одржување. Сериозни проценки, одлуки, акции. Нека сеќавањето на Матео, кој утре ќе наполнеше 26 години, биде поттик за спречување на други слични трагедии“, рече италијанската новинарка Лиа Капици.