Топ
Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа во Скопје: мотоцикл излетал од коловозот и удрил во бетонски столб

Во тешка сообраќајна несреќа што се случи денеска на крстосницата меѓу булеварите „8 Септември“ и „Никола Карев“ во Скопје две лица го загубија животот.
„Денеска во 18.23 часот во СВР Скопје е пријавено дека на крстосница на булеварот „8 Септември“ со булеварот „Никола Карев“ во Скопје мотоцикл со скопски регистарски таблички излетал од коловозот и удрил во бетонски столб. Возачот на мотоциклот и сопатникот починале на местото на настанот, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош“, велат од МВР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со 2,5 милиони денари интервентно ќе се заштитува Македониумот, а странски експерти ќе работат на трајна заштита

Споменикот „Македониум“ над Крушево до крајот на оваа година ќе биде итно заштитен од пропаѓање, а за следната година Владата најави трајна заштита на која ќе работата странски експерти. Портпаролката на Владата, Марија Митева извести дека се преземени конкретни чекори за обнова на споменикот преку Министерство за култура и туризам во соработка со Завод и музеј Прилеп.
„За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, националната установа Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција. Би сакала да потенцирам дека ‘Македониумот’ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство, за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено“, рече портпаролката Митева.
За сегашната лоша состојба во која се наоѓа споменикот Митева нагласи дека вината е во непостапувањето изминатите години.
„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик. Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби коишто ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме тоа“, рече Портпаролката Митева.
Споменикот е свечено откриен на 2 август 1974 година во Крушево, по повод 71 година од Илинденското востание и 30-годишнината од АСНОМ2. Изградбата траела четири години односно од 1970 година до 1974 година, а автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски. Сместен на ридот Гумење, над Крушево, на надморска височина од 1.320 метри, „Македониумот“ претставува архитектонска и симболична целина која го слави стремежот на македонскиот народ кон слобода, независност и културен идентитет. Во неговата внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев, а надворешноста е украсена со скулптури, витражи и амфитеатар со дела од Петар Мазев и Борко Лазески.
Македонија
Али и Мали, Мицкоски подолг период го моли „превоспитаниот” Ахмети да влезе во Владата, вели Жерновски

ВМРО- ДПМНЕ дојде на власт врз основа на две ветувања. Прво, дека ќе го поништи “штетниот” Преспански договор, со што ќе го врати името Република Македонија. И второ, дека ќе ги апси фунционерите од ДУИ, при што ќе го превоспита Али Ахмети, праќајки го во опозиција, во затвор и во историја, пишува на социјалните мрежи поранешниот амбасадор, Андреј Жерновски.
Јасно, вели Жерновски, тоа беше наративот на опозиционерот Мицкоски, кој не само што добро знаеше дека се тоа тешки лаги, туку и добро излажа.
„Откако дојде на власт, “опозиционерот Мицкоски” експресно беше заменет со “премиерот Мицкоски”. Сосема друг човек, поинаков, со целосно променети ставови. Да не го препознаеш. Не само што не ги исполни стожерните ветувања, туку од првиот ден почна истите да ги погазува.
За да влезе во Влада, прво во Собранието без проблем си ги потпиша сите документи со Северна Македонија, а првиот закон кој новото парламентарно мнозинство го донесе беше изгласан токму со поддршка на озлогласениот ДУИ.
Силниот патриот преку ноќ се претвори со прагматичен и “конструктивен” политичар“.
На владините соопштенија, додава Жерновски, толку ревносно го употребува терминот “Северна”, „што многумина мислат дека он го потпишал договорот во Преспа. Се сеќавате, секако, на онаа негова фамозна опозициска изјава: “Ако бидам премиер, никогаш нема да кажам Северна – нека ми го одземат мандатот“.
Се разбира, ништо од таа заклетва“.
И така, преку ноќ, оценува Жерновски, Преспанскиот, од предавнички, стана договор кој е ремек дело, а новото уставно име стана забетонирано, односно Заветно.
„Но, како и во поговорката за лоповот, така и оној што лаже, не може да застане на “еднаш”.
Јавноста, особено онаа излажаната, набрзо ќе биде сведок дека пред нејзини очи се случува бесрамно прекршување и на второто ветување. Мицкоски подолг период го моли “превоспитаниот” Ахмети да влезе во владата! Не важат повеќе гордите патриотски говори од славните опозициски денови во кои ќе им одржеше леција, ќе ги модернизираше и декриминализираше своите довчерашни соработници од ДУИ.
Преговорите меѓу двете партии не само што се водат интензивно, туку се во завршна фаза. Сериозни извори тврдат дека е веќе е договорено предвремените парламентарни извори да се одржат во април идната година.
За жал, ова не е првоаприлска шега, а дека тоа е така, може да ви го потврдат преговарачите. Од една страна министерката која ја направи, нели, Македонија една од трите најдобри економии во Европа, како и пратеникот кој покажа дека собраниската плата е бајаги поголема од урнисаната семејна кошничка. Од друга страна, омилениот интегративец на груевистите, кои се враќа на голема врата преку, за него, добро позната врата во Белата палата.
Патем, ДУИ веќе доминира во преговорите, бидејќи не успеа молењете на Мицкоски новата патриотска колиција да се случи веднаш по локалните избори, без таквиот старо-нов брак да биде заверен пред гласачите.
А да, ги (под)заборавивме ВЛЕН и ЗНАМ. Тие ќе си останат со прстот во уста, исто како и изневерените гласачи.
Како и да е, тој што лаже и кој на таков начин дошол на власт, е мал политичар и уште помал човек.
Да се подготвиме за новата свадбарска фотографија на Али Ахмети и Мали Мицкоски.
Али и Мали“, пишува Жерновски.
Свет
Фон дер Лајен: Европа ќе го брани секој квадратен сантиметар од својата територија

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, го одржа своето традиционално обраќање за состојбата на Европската Унија пред европратениците сумирајќи ги достигнувањата од изминатата година и ги истакна предизвиците со кои се соочува Унијата, но и клучните приоритети за следната година како во Европа така и на глобално ниво.
Фон дер Лајен го почна својот говор со силен апел Европа да заземе јасно место на глобалната сцена.
„Европа се бори за мир, се бори за интегритетот на нашиот континент, за слободна и независна Европа, за нашите вредности и нашата демократија, нашата слобода и нашата способност сами да ја одредуваме нашата судбина. Немојте да се залажувате, ова е нашата иднина“, рече претседателката на ЕК нагласувајќи дека денешниот свет се карактеризира со суровост.
„Не смееме да ги затвораме очите пред проблемите, нашите граѓани го чувствуваат тоа, тие се загрижени за бескрајната спирала на настани што ги гледаат на вестите“, додаде таа.
„Се цртаат нови контури на светски поредок заснован на моќ. Светските сили се или амбивалентни или непријателски настроени кон европските земји. Поради сето ова, мора да се појави нова Европа“, предупреди Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Европа мора да биде независна и силна. „Европа отсекогаш останала обединета и успевала, а ние мора да го сториме истото тоа сега. Ве прашувам, дали Европа е доволно храбра за оваа борба?“, праша таа заклучувајќи дека одлуката е јасна и дека единството меѓу членките на ЕУ мора да остане приоритет.
Претседателката на ЕК потсети на тешката ситуација во Украина истакнувајќи ја хуманитарната криза што најмногу ги погодува децата и најави иницијатива за нивно враќање. „Секое дете мора да се врати, оваа војна мора да заврши и мирот мора да се обезбеди“, рече таа предизвикувајќи громогласен аплауз од публиката.
„26 земји изразија подготвеност да учествуваат за да се стави крај на оваа војна, но видовме како изгледа дипломатијата за Русија“, потсети претседателката осврнувајќи се на најновите брутални напади врз цивили во Украина.
„Мораме итно да работиме на ново решение за финансирање на воените напори на Украина врз основа на имобилизирани руски средства, со кои можеме да ѝ обезбедиме на Украина заем за репарации“, рече Фон дер Лајен.
Таа додаде дека овие средства остануваат руски средства, а Украина ќе го врати заемот само кога Русија ќе ги исполни своите обврски за репарации. „Парите ќе ѝ помогнат на Украина денес, но ќе бидат клучни и за безбедноста на Украина на среден и на долг рок. На пример, финансирање силни украински вооружени сили како прва линија на безбедносни гаранции“, рече Фон дер Лајен.
„Европа цврсто стои со Полска“, рече Фон дер Лајен во контекст на нападите со руски беспилотни летала што ја преминаа полската граница синоќа. „Русија мора да плати за предизвиканата штета“, нагласи таа.
„Европа ќе го брани секој квадратен сантиметар од својата територија“, нагласи таа најавувајќи јасен план со конкретни цели за одбрана до 2030 година. „Мора да се подготвиме денес. Кога зборуваме за иднината, зборуваме за нашата независност. Европа е идејата за слобода и заедничка сила“.
„Само обединета Европа може да биде силна и независна, затоа мора повторно да овозможиме обединета Европа“, додаде Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК емотивно зборуваше за хуманитарната катастрофа во Газа.
„Она што се случува во Газа ја потресе цела Европа. Деца што молат за храна, мајки што ги држат своите гладни деца во раце и затоа морам јасно да кажам – глас предизвикан од човечка акција никогаш не може да биде оружје на војната. За доброто на децата, за доброто на човештвото, ова мора да престане“, нагласи таа.
Фото: принтскрин