Македонија
Општина Аеродром: Политички театар на СДСМ – потпретседателката издава дозволи, партијата глуми шок

Политички театар на СДСМ – потпретседателката издава дозволи, партијата глуми шок, реагира Општина Аеродром на обвинувањата на СДСМ.
„СДСМ со денешното соопштение до јавноста во кое фокусот им е ставен на Општина Аеродром, уште еднаш ја покажаа нивната неподготвеност и желба за освојување ситни поени неосновано и без никакви факти. Оваа партија, поведена од снимките од пред неколку дена објавени од страна на градоначалничката на Град Скопје, како што и самите велат како од некое „нискобуџетно релано шоу“, повторно се заплеткаа во магичнит круг на недоволна информираност и брзоплетост. За нештата да бидат јасни сакаме да ја информираме јавноста дека инспекторот за животна средина на Општина Аеродром на 15.5.2025 година изврши инспекциски надзор по кој е изготвен записник за констатација со број ИП1 311/2025 од 15.5.2025 година, при што е констатирано дека АД „Водостопанство“ поседува решение за издавање дозвола за вадење песок, чакал и камен од коритата и бреговите на водните тела (Река Вардар) со важност до 10.9.2025 година. Решението е издадено врз основа на член 142 став 7 од Законот за водите од страна на Управата за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање на 10.11.2023 година од тогашната министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која е актуелена потпретседателка на СДСМ“, се вели во реакцијата.
Исто така, додаваат од Општината, АД „Водостопанство“ поседува решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина, издадено од Управата за животна средина врз основа на член 24 став 7 од Законот за животна средина, одобрено на 21.7.2023 година, исто така од тогашната министерка Шукова.
„Напоменуваме дека за сепарација, односно инсталации за ископ, дробење и мелење на минерални суровини е надлежен Град Скопје, согласно со уредбата за определување на активностите на инсталациите за која е потребна Б интегрирана еколошка дозвола, како за издавање, така и за спроведување инспекциски надзор. Сето ова горенаведено, покажува колкаво непознавање има СДСM кога станува збор за спроведување на надлежностите, како на централната, така и на локалната власт. Оттука, прашуваме, дали СДСM се запознаени со работата на нивните поранешни министри, меѓу кои е и Каја Шукова, која до пред некое време беше министерка во Владата на СДСM и ги спроведуваше политиките на оваа партија како владејачка во земјава, а сега е во врвот на истата таа најголема опозициска партија“, се вели во реакцијата.
Од Општината велат наместо СДСМ да поставува прашања до Општина Аеродром за работата на администрацијата, можеби подобро е да си ги постават тие прашања во своите редови за доброто на сите граѓани, со цел во иднина да не доаѓа до забуни и празни желби за манипулации со нашите сограѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.