Македонија
Студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола ќе бидат практиканти во МОН

Министерството за образование и наука ја проширува соработката со високообразовните институции овозможувајќи учество на студентите во унапредување на дигиталното работење и забрзување на дигитализацијата на образованието. Студенти на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола ќе бидат практиканти во министерството, за што е потпишан меморандум.
Студентите ќе учествуваат во извршување на оперативните потреби на министерството, за што ќе имаат менторска поддршка. Ова искуство ќе им овозможи примена на знаењата во реални услови, со што ќе им се помогне во професионалниот развој и подготовката за кариера во ИТ индустријата. Исто така, ќе бидат вклучени и во реализација на обуки за сајбер безбедност и примена на нови технологии, наменети за наставници и ученици.
„Министерството за образование и наука е отворено за соработка со академската заедница. Претходно, меморандум за соработка беше склучен и со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје“, велат од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен ни е свет што проблемите ќе ги решава со принципи, а не со моќ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на Меѓународниот Астана форум 2025, што денеска и утре се одржува во главниот град на Република Казахстан на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“.
Сиљановска-Давкова оцени дека актуелните геополитички и геоекономски потреси, како и повеќекратните кризи создаваат длабоки тектонски поместувања што ги поткопуваат принципите коишто го обликуваа глобалното управување пред 80 години.
Укажувајќи дека наместо да се мобилизираат напорите за решавање на итни прашања, како што се мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и растечките нееднаквости, таа нагласи: се чини дека правиме чекор назад, кон постар светски поредок, оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, каде што правилата се заменуваат со моќ.
Сиљановска-Давкова истакна дека како претседателка на територијално мала европска земја, цврсто верува дека малите, заедно со средните сили, треба да бидат најголемите поддржувачи на ефективниот мултилатерализам со Обединетите нации во неговиот центар.
Ова, според неа, бара суштински реформи – Советот за безбедност да се прошири, реформира и демократизира за да стане поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, Генералното собрание да го заземе своето заслужено место како главно претставничко тело не само за дебати, туку и за креирање политики, а пресудите на Меѓународниот суд на правдата да станат обврзувачки за сите.
Осумдесет години по неговото основање, таа смета дека сме подготвени за жена генерален секретар на Обединетите Нации – бидејќи, во свет доминиран од силни мажи со оружје, ни требаат силни жени со мудрост.
Малите и средните нации, ослободени од хегемонистички амбиции, оцени претседателката, можат да понудат морални насоки и иновативно лидерство потребни за ревитализација на мултилатерализмот, а ова можеме да го постигнеме со градење мостови, почнувајќи од нашите сопствени региони.
Сесијата ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев, а меѓу главните говорници беа и претседателот на Република Руанда, Пол Кагаме; поранешниот генерален секретар на Обединетите Нации и актуелен претседател на Собранието и претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, Бан Ки Мун; генералниот директор на ФАО, Ку Донгју и Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Македонија
Министерство за одбрана: Објавени се конкурси за питомци и студенти за прв и втор циклус на студии на Воената Академија

Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“ објави Конкурс за запишување питомци и студенти на прв циклус студии и Конкурс за запишување на студенти на втор циклус на студии во студиската 2025 /2026 година.
Според соопштението, конкурсот за запишување питомци и студенти на прв циклус студии, се објавува за потребите на Министерството и Армијата, како и за потребите за управување со кризи и заштита и спасување.
„Ги повикуваме сите заинтересирани млади лица кои својата иднина ја гледаат како дел од институцијата со најголема доверба кај граѓаните, идни офицери во македонската Армија, кои имаат завршено (4 годишно) средно образование и не се постари од 21 година, да ги достават своите пријави заедно со потребната документацијата наведена во Конкурсот, во деловодството на Воената академија или електронски на следниов меил: [email protected] најдоцна до 20.06.2025 година.
Додека сите заинтересирани кандидати за Конкурсот за втор циклус на студии, можат да се пријават најдоцна до 12.09.2025 година на следните магистерски студиски програми: Безбедност и одбрана; Управување со кризи и заштита и спасување; Сајбер безбедност и дигитална форензика.
Подетални информации може да пронајдете во самите конкурси кои се објавени на веб страната на Воената Академија“, е наведено во официјалната информација.
Македонија
„Вреди“ за кандидатурата на Алиу: На здравството му е неопходна дигитализација, предизвикот може да се заврши само со него

„Нашата кандидатура за министер за здравство е Азир Алиу, докажан професионалец и визионер во областа на технологијата и современата организација на здравствените услуги“, го појаснуваат од „Вреди“ новиот предлог на Алиу.
Азир Алиу, истакнуваат од таму, доаѓа со современ и неопходен пристап за времето во кое живееме.
Нагласуваат дека негов приоритет како министер ќе биде целосна дигитализација на здравствениот систем, гарантирајќи транспарентност, ефикасност и лесен пристап за сите граѓани.
„Сега е време за модерна, ефикасна и дигитализирана здравствена заштита, а со овој тим тоа ќе се постигне.
Нагласуваме дека Алијансата за Албанците останува дел од „Вреди“, а нашата соработка е посилна, постабилна и појасна од кога било досега. „Вреди“ се движи обединето кон заеднички цели: достоинствено претставување, вистински реформи и опипливи промени за граѓаните“.
Како што потенцираат со ваквата одлука, се прави конкретен чекор кон модерна здравствена заштита во служба на пациентот.