Македонија
Сончево со умерена облачност, попладне со локална појава на нестабилност и пороен дожд и грмежи

Времето денеска, сончево со умерена облачност. Попладне во западните делови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 26 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со умерена облачност. Попладне облачноста ќе се зголеми. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Утре во западните делови, а во четврток на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи.
Од петок следува период на претежно стабилно време со пораст на дневните температури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Министерството за спорт не ја најмило фирмата, туку МОК

Харикири пресовите на СДС се одраз на нивната безидејност и насоченоста да си го штитат криминалот и одвлекуваат внимание, Министерството за спорт не ја најмило фирмата туку МОК, реагира ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Жалиме што СДС пушта низ вода кадри кои излегуваат на пресови како политички камикази.
Очигледно Спасов, кој го води пи-арот на СДС, потребно е да добие отказ после ваквите катастрофални утки.
Споменатата агенција, ,,Идеа лаб“, не е ангажирана од Министерството за спорт туку од Македонскиот олимписки комитет, кој нема допирна точка со Владата. Од друга страна ,,Идеа лаб“, како агенција имала соработка со институции и под контрола на владите на СДС, како што е ,,Преспа форум“, и во периоди кога Владата ја воделе други партии.
За разлика од агенцијата ,,Рејтинг“ на Никола Спасов, која го води пи-арот на СДС, и исклучиво работи кога СДС е на власт, со владините институции.
Ваквите харикири пресови на СДС се одраз на тоталната безидејност и нивната насочесност да си го штитат криминалот и одвлекуваат вниманието“, се вели во реакцијата.
Македонија
ЛДП: Прифатена уште една наша предлог-мерка – до 15 септември таблички во разна боја за државните службени возила

По намалувањето на банкарските трошоци, уште една мерка предложена од Либерално-демократската партија (ЛДП), се наоѓа пред сама реализација. Директорот на Службата за општи и заеднички работи најави дека до 15 септември сите државни институции и јавни правни лица мора да ги заменат табличките на службените возила со нови, посебни регистарски таблички, соопшти ЛДП.
„Сведоци сме на разни злоупотреби на службените возила од страна на избраните државни и јавни функционери за приватни потреби во минатото и затоа ја поздравуваме одлучноста на Владата за прифаќање на нашиот предлог. За ЛДП, овој чекор претставува позитивен пример за тоа како добрите предлози и идеи кои се во интерес на граѓаните и државата треба да бидат прифатени и имплементирани од сите релевантни чинители“, велат од партијата.
Од таму потсетуваат дека барањето на ЛДП минатото лето за бележење на сите службени возила во сопственост на државата дојде по излетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој тогаш со колона службени возила отиде на свадба во соседно Косово, без службен налог и задолжителна проверка на граница, по што од страна на Министерството за внатрешни работи беа покренати дисциплински постапки за 6 службеници.
Од ЛДП велат дека ова е нивен петти предлог кој Владата само во изминатата година го препозна и прифати. Претходно, државните претставници ги прифатија и почнуваат да ги имплементираат законската можност за граѓански референдум за отповикување на градоначалници; креативното толкување на заклучоците од ЕУ и одложеното дејство на уставните измени, намалувањето и укинување на банкарските провизии и предлогот за поголеми инвестиции во домашното одбранбено производство.
„Упатуваме апел до сите државни институции час поскоро да ја завршат постапката за воведување на нови регистарски таблички, која кога ќе се спроведе и реализира, веруваме дека ќе доведе до значително намалување на злоупотребата и поголема совесност на оние функционери кои имаат право на користење на возилата, но и на другите државни и јавни ресурси. Со воведувањето на ваквите мерки за зголемување на транспарентноста во работата на јавните и државни функционери спречуваме нивна злоупотреба на ресурсите за приватни цели на сметка на зголемената доверба на граѓаните и јавноста, преку видливост и отчетност на јавните ресурси, усогласеност на институциите во однос на транспарентноста и рационализацијата на трошоците на јавните средства“, велат од ЛДП.
Македонија
„Влен“ бара оставки од ДУИ за споменикот на Андон Ќосето

ВЛЕН бара одговорност на ДУИ за поставување на споменикот на Андон Ќосето во Автокоманда. Според нив, поставувањето на споменикот на Андон Ќосето не е случајна, ниту изолирана грешка туку е продолжение на политиките кои го разделуваат, навредуваат и понижуваат Скопје како мултиетнички и модерен град.
„Данела Арсовска не е сама. Таа не е изолиран феномен, туку производ и продолжение на стар систем, на еден режим кој сè уште дише преку своите сенки, преку своите директори, советници и сојузници. Функционерите на ДУИ се дел од тој систем. ДУИ е дел од градската власт на сите нивоа. ДУИ има одговорност зошто дозволила и по втор пат поставување на споменикот на Андон Ќосето. Поставувањето на споменикот на Андон Ќосето не е случајна, ниту изолирана грешка — тоа е продолжение на политиките кои го разделуваат, навредуваат и понижуваат Скопје како мултиетнички и модерен град“, изјави Мухамед Елмази – претснавник на ВЛЕН.
Тој потсети дека првото поставување на овој споменик било во време кога Никола Груевски беше премиер, а Блерим Беџети и Бујар Османи негови министри
„Вчера, Никола Груевски не издржа и јавно се пофали со споменикот и си ја честиташе сопствената политичка визија. Тоа не е случајно. Тоа е доказ дека денешната градска власт, предводена од Данела Арсовска, е продолжена рака на истата идеолошка линија, на истиот режим, во кој режим ДУИ секогаш е дел и секогаш молчи. Во град Скопје, Данела Арсовска не владее сама. Таа има кабинет, директори и функционери. Голем дел од тие функционери се кадри на ДУИ. Тие не се неми набљудувачи, туку активни чинители во системот кој дозволи повторно поставување на споменик кој го навредува духот на соживотот“, рече Елмази.
Тој бара ДУИ да ги повика нивните директори во град Скопје да поднесат морална оставка како знак на целосно неприфаќање на поставување на споменикот на Ќосето и да ја прекие поддршката кон Данела Арсовска која, како што вели, продолжува да прави обиди за меѓуетнички провокации и обиди за дестабилизација.
„Јавно ги повикуваме сите директори и функционери на ДУИ во Град Скопје да поднесат оставка. Тоа е единствениот морален потег што можат да го направат – во знак на солидарност со сите граѓани кои се чувствуваат повредени, меѓу кои Албанци, Турци, Бошњаци, па и Македонци кои веруваат во соживот, почит и заедничка иднина“, рече Елмази.