Македонија
Филипче: Британскиот заем е како да подигнам кредит со вашата лична карта, па од утре да плаќате камати, а не сум ви кажал ништо

Власта со целосно погрешни економски политики ја води државата во погрешен правец, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вчерашната маалска средба со граѓаните во Битола. Филипче предупреди дека државата се наоѓа на работ на сериозна економска и политичка криза.
„Актуелната политичка состојба сите ја гледате, станува збор за едно безобразно владеење на ВМРО-ДПМНЕ за кое сметаат дека не треба никому да му даваат отчет, сметаат дека сè им е дозволено затоа што добиле огромна поддршка на минатите избори и влегуваат од грешка во грешка и сè повеќе ја заглавуваат државата“, рече Филипче на средбата.
Тој посочи дека работата со стратешките политики и работата со економските политики е таква што кога нешто ќе се погреши и кога ќе се тргне во погрешен правец, треба многу време да се одглави.
„Се водат целосно погрешни економски политики, сакаат да прикажат со еден лажен партиски ПР-розова слика, меѓутоа не им оди затоа што луѓето знаат како се живее – и со платите и со цените во маркетите – одбивајќи ги сите наши добри предлози и за храната и за струјата, нешто што ќе им олесни на граѓаните. Но, не – сметаат дека се премногу силни и продолжуваат, без да слушаат никого. На крајот на краиштата, ќе им се удри од глава и на граѓаните ќе им стане јасно, иако мислам дека и сега им е јасно што и како се случува“, рече Филипче.
Во обраќањето пред жителите на Битола, Филипче посебно внимание посвети на планираниот заем на Владата од Велика Британија, кој го нарече преседан.
„Овој заем што го зедоа од Велика Британија е навистина преседан. Ние мислевме преседан е унгарскиот кредит, но не – можело и повеќе. Да земеш влада со влада, без контрола, пари со непознати камати, со непознати рокови – тоа е криминал. Тоа е како да одам јас со вашата лична карта во банка да земам кредит, да не ви кажам ништо, од утре вие да плаќате камати, пари, рокови – не знаете, ништо не сум ви кажал. Тоа е основа за кривично дело. Ама во нашата ситуација со Владата тоа е бизнис, очигледно“, рече Филипче.
Политиките на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Филипче, го загрозуваат европскиот пат на земјата и ја ставаат во опасна група со земји што се во криза.
„Многу се сериозни пораките од еврокомесарката Калас и од претседателот на Европскиот парламент, кои велат – сега ви е времето, утре ќе биде затворена вратата. Но, власта нема намера ништо да направи – дополнително нè заглавуваат, да помине моментот на проширување, да влезат Албанија и Црна Гора, и да останеме ние со Косово и со Украина“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пешаците и возачите на велосипеди и тротинети од денес под нови правила: нема слушалки и телефони

Од денес стапуваат во сила измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата потсети дека измените се насочени кон унапредување на безбедноста на најранливите категории учесници и намалување на бројот на сообраќајни незгоди предизвикани од невнимание.
Со новите правила, пешаците ќе мора да преминуваат коловоз и велосипедска патека без користење на слушалки во двете уши, мобилни телефони, таблети, смарт часовници и други уреди кои им го одвлекуваат вниманието.
Исто ограничување важи и за возачите на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, освен ако користат специјализирани комуникациски уреди вградени во заштитни шлемови. Новите одредби ги опфаќаат и возачите на електрични тротинети, на кои им е забрането користење електронски уреди за време на управување.
Советот истакнува дека ваквите измени поставуваат нови стандарди за одговорно однесување во сообраќајот, со цел да се намали ризикот и да се заштитат човечките животи.
„Безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите нас“, порачуваат.
Според законот, пешаците и возачите на велосипеди, мопеди и електрични тротинети кои користат слушалки на двете уши, телефони и слично при преминување на улица или велосипедска патека ќе бидат казнети со 40, односно 50 евра.
Македонија
Без струја денес повеќе делови од Скопје

Од ЕВН Македонија АД информираат дека во петок, 26 септември 2025 година, повеќе делови од Скопје и околината ќе останат без електрична енергија.
– во периодот од 08.30 до 12.30 часот, корисниците од селата Катланово и Градманци, како и корисниците од викенд населбите Месна Река и Кочкова Населба. (општина Петровец )
– во периодот од 09.00 до 11.30 часот, викендиците лоцирани кон манастирот Свети Илија, како и дел од корисниците од село Бањани. (општина Чучер Сандево )
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улиците Лука Геров и Андон Кецарков. ( општина Ѓорче Петров )
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Смолјани. ( општина Ѓорче Петров )
– во периодот од 11.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од улиците Иван Цанкар и Франце Прешерн. ( општина Карпош )
Македонија
До понеделник посвежо време со повремени врнежи, локлно поројни со грмежи и ветер

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Под влијание на циклонска активност до понеделник времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 20 l/m²), проследени со грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе опадне за 8 до 10 степени во однос на денешната.