Македонија
(Видео) Манасиевски: Ако Заев беше главниот ограбувач, Венко е неговата десна рака
Во модуларната болница живи изгореа 14 лица. Тогаш Венко Филипче беше министер за здравство, а Кочо Анѓушев чија компанија ја градеше болницата беше вицепремиер во истата влада на Заев. Епилогот од ова е една година затвор и симболична одговорност на периферни и неважни ликови за овој случај, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека Филипче е министер за здравство се случува Ковид криза каде животите ги губат 10 илјади наши сограѓани. Имаше целосно отсуство на протоколи, на ресурси и вакцини за успешно справување со КОВИД кризата. Констатацијата би била дека ова беше елементарна непогода во целиот свет, но додека оваа елементарна непогода се случуваше во целиот свет, само во Македонија Венко Филипче, договараше провизии за себе преку набавка на вакцини од Кина, градеше хациенда на Водно од компанија која победува на тендери во Клинички центар, и му се случи погромот на Онкологија каде главен и единствен профитер беше веледрогеријата Пановски“.
Филипче, потсетува тој, преку фирмата Стабри Интернешенал од Хонг Конг формирана само три месеци откако СДС дошле на власт во 2017-тата година сакаа да купат вакцини од 100% поскапо од тоа што ги плаќаа другите држави.
„Додека другите држави купуваа кинески вакцини најмногу по 30 долари, Филипче сакаше преку посредничка фирма да плати 62 долари, што е најмалку 100% повеќе.
Во ек на пандемија, Филипче не можеше да набави ракавици, маски, средства за дезинфекција, а да не зборуваме за набавка на вакцини. Не само што последни набавивме, бидејќи Филипче сакаше да си прави бизнис и да ги набавува од фантом фирма по двојно поскапа цена, туку и оние што ги добивавме на почеток беа на база на донации“, додава Манасиевски.
Заради лошото менаџирање на Филипче во здравството, Манасиевски вели дека граѓаните одеа во соседни држави за да се вакцинираат.
„Заради лошото менаџирање на Филипче во здравството, починаа приближно 10 илјади луѓе. Заради лошото менаџирање на Филипче во здравството, бевме на врвот во светот по смртност од КОВИД по глава на жител. Дали Филипче и за ова не чувствува вина? Додека нам не лажеше дека само што не стигнале вакцини, Филипче зад грб сакаше да печали на маката на граѓаните. Ако Заев беше главниот ограбувач на народот, неговата десна рака е Венко Филипче.
Венко Филипче во Ковид кризата се однесуваше како воен профитер. Луѓе умираа, а тој печалеше на вакцини, тендери и договори во 4 очи“.
Според него, затоа денес Венко Филипче нема кредибилитет. Тој, како што вели, е само продолжена рака на криминалот на Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

