Регион
Додик: Нова рамнотежа на моќ во светот, Западот не може да наметнува правила

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денес, во Москва, изјави дека, според него, се создава нова рамнотежа на моќ во светот и дека колективниот Запад повеќе не може да ги наметнува своите правила.
„Денес е очигледно дека колективниот Запад повеќе нема сила да ги наметнува своите правила“, рече Додик во обраќањето на Меѓународната конференција на високите претставници за безбедносни прашања во Москва, пренесува „Срна“.
Тој додаде дека од падот на Берлинскиот ѕид, Западот го присвоил принципот на безбедност само за себе.
„Тие не ја почитувале безбедноста на остатокот од светот и дејствувале само според своите принципи. Сепак, денес тие повеќе не се клучен фактор во светот“, рече Додик.
Тој истакна дека сега земјите од БРИКС почнале да создаваат рамнотежа и дека се создава нов безбедносен систем.
Тој изјави дека земјите од БРИКС го почитуваат суверенитетот на сите земји, без оглед на нивната големина.
Во своето обраќање Додик потсети дека Србите во Република Српска преживеале две бомбардирања на НАТО и дека последиците се присутни и денес.
„НАТО користел осиромашен ураниум и затоа денес децата на нашите простори се раѓаат со сериозни болести“, рече претседателот на Република Српска.
Тој исто така во Москва изјави дека Русија, која е водечка земја, се штити и себеси и меѓународното право со специјална воена операција и се бори против системот што се наметнува.
Во своето обраќање на Меѓународната конференција на високите претставници за безбедносни прашања Додик истакна дека, без еднаква безбедност за сите, не може да има меѓународно право и дека во спротивно светот се движи кон хаос.
„Со специјалната воена операција Русија не само што го намалува проширувањето на НАТО туку и создава слободен свет“, рече Додик, кој беше првиот странски функционер што зборуваше на овој состанок, пренесува „Срна“.
Додик изјави дека победата на Доналд Трамп на изборите во САД ќе придонесе за балансиран светски поредок, како и дека Република Српска ја поддржува и цени политиката на Кина да не се меша во работите на други земји.
Во Москва е во тек Меѓународната конференција на високите претставници за безбедносни прашања, на која учествуваат претставници од повеќе од 100 земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Успеавме да ги одложиме санкциите на САД врз српската нафтена индустрија

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека САД го одложиле воведувањето санкции против Нафтената индустрија на Србија (НИС) за осум дена со цел, како што рече, „за да покажат почит кон Србија“.
„Им благодарам, сакаа да покажат почит, да ни кажат дека нè слушаат и ја разбираат нашата позиција. Благодарам за тоа, но дали добивме нешто суштинско? За седум дена, ќе го имаме истото прашање, а јас сè уште нема да го имам одговорот“, рече Вучиќ во Обреновац, каде што учествуваше на граѓанскиот марш против блокадите.
Тој додаде дека ќе има реакција од Србија и од самата НИС и кон американската страна и кон другите партнери кога станува збор за нови понуди.
„Верувам дека ова е добро, но дали ќе биде доволно и дали ова е она што го сакаат Американците – ќе видиме“, рече Вучиќ.
Санкциите на САД против НИС требаше да стапат во сила на 1 октомври, но рокот сега е одложен барем до 9 октомври.
фото: принтскрин
Регион
Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи

Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи, која во периодот јануари – август ја посетиле околу девет милиони.
Албанскиот Институт за статистика објави податоци што потврдуваат дека влезот на странски државјани е за 5,2 отсто поголем ако се спореди со истиот период пред една година, кога беа регистрирани вкупно 8,5 милиони странски државјани.
Само во август бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 2,3 милиони, што е зголемување од 9,9 отсто, во споредба со истиот месец минатата година.
Албанската економија имаше корист од странските туристи од 2,1 милијарди евра за само шест месеци, до кога ја посетиле 4,76 милиони странци. Овие бројки потврдуваат дека 2025 година ќе биде уште пооптимистичка во однос на туризмот во земјата, додека приходите се очекува да се зголемат за околу 7,7 отсто во споредба со лани.
Се очекува приливот на туристи да продолжи и есенва, со што ќе се продолжи туристичката сезона во земјата. Туроператорите известуваат дека резервациите се високи и за септември и за октомври.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната година. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи.
Регион
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.