Македонија
Владата ќе дава грант од 10.000 евра за млади до 29 години за отворање на сопствен бизнис
Во Оперативниот план за 2025 година предвидено е да се вклучат вкупно 16.057 невработени лица, од кои 12.537 лица во активни мерки за вработување, а 3.520 лица во услуги за вработување. Една од мерките е доделување на грант од 10.000 евра за млади лица до 29 години за отворање на сопствен бизнис.
„Со овој план се опфаќаат две главни точки. Првата е директна поддршка за стартап бизниси на млади што и беше мое ветување за младите. Втората работа е организиран пристап во сузбивањето на појавата на пожари особено присутен проблем во летниот период за што ќе се вработат 400 пожарникари кои ќе се стават на располагање на општините каде ќе има потреба, како и дополнително вработување на 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за јавни работи и општински проекти од инфраструктура и заштита на животната средина на локално ниво“, информира премиерот, Христијан Мицкоски.
За прв пат, вели Мицкоски, државата ангажира толкав број на лица кои ќе помагаат во справувањето со пожарите откако го затекнале девастиран целиот систем на справување со пожарите.
Очекувано е од вклучените лица околу 65% да бидат млади до 29 години, нагласи Мицкоски особено затоа што сите мерки се креирани првенствено да ја опфатат оваа категорија.
– Поддршката за самовработување-невработени млади лица до 29 години која според проекциите има опфат од 720 лица. Со оваа мерка невработените добиваат поддршка да започнат или да формализираат сопствен бизнис, со услов да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка е 615.000 денари (неповратни средства за основање на бизнис) и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Поддршка за самовработување-здружување во ДОО кое е предвидено да опфати 400 лица од кои 220 млади до 29 години, која има за цел да овозможи невработените да започнат или да формализираат сопствен бизнис, при што невработените лица треба да се евидентирани во АВРСМ со минимум завршено основно образование. Висината на финансиската поддршка изнесува од 861.000 денари до 1.230.000 денари (правен субјект од два содружника). Најнискиот износ од 861.000 денари се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот износ од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. Исто така може содружници да бидат лице до 29 години и лице над 29 години. Дополнително се предвидуваат и 3.000 денари за финансирање на дел од трошокот за регистрација на правен субјект.
– Практикантство чија цел е да вклучи 1.352 млади лица до 29 години за стекнување практични работни знаења и вештини потребни за извршување работни задачи на одредени работни места, при што еден од предусловите е лицата да имаат минимум завршено средно образование.
– Младинскиот додаток за 3.500 млади до 23 години кои ќе засноваат работен однос или се вработени во дејностите од областа на производството. Оваа мерка е насочена кон зајакнување на капацитетите на стопанството со намера поттикнување на ангажирање на младите лица до 23 години за вработување во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се придонесе до подобрување на нивниот животен стандард со работа и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила. Висината на финансиската поддршка изнесува 3.000 денари месечно по вработено лице.
Со Оперативниот План за 2025 се помага, појасни премиерот, и на долгорочно невработените лица, корисниците на гарантирана минимална помош и поддршка на други загрозени категории на граѓани.
„Поддршка за самовработување (претприемништво)-невработени лица над 29 години која има потенцијал да опфати 610 граѓани;
Поддршка за вработување на лица со попреченост, со опфат од 150 лица;
Обука на работно место кај конкретен работодавач, со опфат од 245 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Обуки за побарувани занимања на пазарот на трудот за 600 невработени лица;
Обуки за возачи за Ц, ЦЕ и Д-категорија за 200 невработени лица евидентирани во АВРСМ;
Но, и обуки за странски јазици, основни вештини за работа со компјутери и многу други мерки и програми“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

