Македонија
Сиљановска-Давкова: Потребен ни е свет што проблемите ќе ги решава со принципи, а не со моќ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на Меѓународниот Астана форум 2025, што денеска и утре се одржува во главниот град на Република Казахстан на тема „Поврзување на умовите, обликување на иднината“.
Сиљановска-Давкова оцени дека актуелните геополитички и геоекономски потреси, како и повеќекратните кризи создаваат длабоки тектонски поместувања што ги поткопуваат принципите коишто го обликуваа глобалното управување пред 80 години.
Укажувајќи дека наместо да се мобилизираат напорите за решавање на итни прашања, како што се мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација и растечките нееднаквости, таа нагласи: се чини дека правиме чекор назад, кон постар светски поредок, оној на Макијавели, Хобс и Клаузевиц, каде што правилата се заменуваат со моќ.
Сиљановска-Давкова истакна дека како претседателка на територијално мала европска земја, цврсто верува дека малите, заедно со средните сили, треба да бидат најголемите поддржувачи на ефективниот мултилатерализам со Обединетите нации во неговиот центар.
Ова, според неа, бара суштински реформи – Советот за безбедност да се прошири, реформира и демократизира за да стане поотчетен и поодговорен во одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, Генералното собрание да го заземе своето заслужено место како главно претставничко тело не само за дебати, туку и за креирање политики, а пресудите на Меѓународниот суд на правдата да станат обврзувачки за сите.
Осумдесет години по неговото основање, таа смета дека сме подготвени за жена генерален секретар на Обединетите Нации – бидејќи, во свет доминиран од силни мажи со оружје, ни требаат силни жени со мудрост.
Малите и средните нации, ослободени од хегемонистички амбиции, оцени претседателката, можат да понудат морални насоки и иновативно лидерство потребни за ревитализација на мултилатерализмот, а ова можеме да го постигнеме со градење мостови, почнувајќи од нашите сопствени региони.
Сесијата ја отвори претседателот на Република Казахстан, Касим-Жомарт Токајев, а меѓу главните говорници беа и претседателот на Република Руанда, Пол Кагаме; поранешниот генерален секретар на Обединетите Нации и актуелен претседател на Собранието и претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст, Бан Ки Мун; генералниот директор на ФАО, Ку Донгју и Генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

