Македонија
Перински во Естонија: Размена на искуства за национална развојна стратегија и дигитализација
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и претставници на УНДП, се во официјална посета на Естонија со цел размена на искуства и добри практики поврзани со мониторинг и имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024 – 2044, која претставува клучен стратешки документ за нашата држава.
Во рамките на посетата која е поддржана од УНДП како стратешки партнер, делегацијата оствари низа значајни средби со клучни институции кои имаат водечка улога во стратешкото планирање и развојот на Естонија, со фокус на мониторинг системот на стратешки документи.
Делегацијата оствари разговори со претставници на Центарот за стратешко предвидување, водечки тинк-тенк кој ги проучува долгорочните трендови и им помага на институциите во донесување на стратешки одлуки. Значајна средба, делегацијата одржа и со претставници од естонскиот Центар за меѓународна развојна соработка, на која, меѓу другото, се дискутираше и за различните модели на структурирање на странска помош и регионален развој во согласност со европските стандарди и практики.
Една од клучните точки на посетата беше и средбата со државниот секретар Кеит Касеметс, на која се разгледуваше стратегијата „Естонија 2035“, која ја дефинира визијата и стратешките цели за развој на земјата во наредните петнаесет години и се заснова на инклузивен процес на учество на широк спектар на чинители.
„Посетата на Естонија беше фокусирана на размена на искуства и добри практики за мониторинг и имплементацијата на Националната развојна стратегија 2024 – 2044, најважниот стратешки документ за нашата држава. Посебен акцент беше ставен на стратешко планирање, регионален развој и дигитализација – клучни приоритети за нас како Влада и како држава, а Естонија е еден од водечките европски примери во тие области. Посебен фокус за нас како ресор е дигитализацијата на општинските услуги и зајакнувањето на капацитетите на општините. Овие средби ги користиме и како можност да преземеме знаења и практики кои ќе ни помогнат да бидеме значително поефикасни и како институции и како држава“, истакна министерот Перински, кој оцени дека посетата на Естонија е одлична можност да се согледаат најдобрите практики чија имплементација значително би помогнала за подобрување и унапредување на институционалните процеси и зголемување на ефикасноста на јавните услуги што им се обезбедуваат на граѓаните.
Целта е, порача Перински, да се креираат јасни национални мониторинг системи и посилни и посовремени општини кои ќе одговорат на предизвиците на иднината.
Министерот Перински нагласи дека предизвиците со кои се соочуваат Естонија и Северна Македонија во однос на рамномерен регионален развој и системска поставеност се слични во одредена мера, што отвора простор за понатамошна соработка и споделување на искуства со цел унапредување на регионалната политика и ефективноста на локалната самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се огради од народот, сега на камерите во Скопје може да види колку е паднат стандардот на граѓаните, велат од СДСМ
„За само 12 часа од поставувањето на камерите од системот во Скопје се покажало дека има над 1.000 возила кои биле нерегистрирани. Тоа покажува колку е паднат стандардот на граѓаните со Мицкоски и ДПМНЕ. Народот нема пари ниту за регистрација на автомобилите“, велат од СДСМ.
„И тоа зборуваме за паднат стандард во Скопје, во главниот град, колку е само полоша состојбата во помалите градови и населени места?
Економијата паѓа а народот едвај преживува.
Добро е што власта ги постави камерите, сега од неговиот кабинет во зградата на Владата Мицкоски, зад вратената ограда, ќе може да ја види катастрофалната состојба во Македонија.
Мицкоски се огради од народот па сега ќе може да гледа на камери.
Додека власта се гоштева со папаја и манго, се вози со бизнис класи, додека врти милионски тендери за испумпување на партите на граѓаните -народот нема пари ниту за регистрација на возилата.
Тоа „економски тигар“ им го донесе на граѓаните и им го постави како „стандард“.
СДСМ ја тргна оградата пред владата одма после рушењето на режимот на Груевски, просторот и вратата во Владата беше отворена за граѓаните, затоа што им припаѓа на граѓаните.
Ама ученикот на Груевски ја врати оградата и тоа е показател колку се исти. Ова е иста банда. Работата сè уште не е завршена“, соопшти СДСМ.
Македонија
Трето судење за „Пулс“: нов обид за воведни зборови на одбраната
Судењето за дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица и речиси 200 беа повредени, продолжува денеска со трето рочиште. Се очекуваат воведните зборови од одбраната, кои требаше да почнат минатата недела, но бранителите на обвинетите побараа интегрираниот обвинителен акт, покрај тоа што судот им го испратил ним како бранители, и официјално да им го испрати и на обвинетите оти, како што рече Петре Шилегов, адвокат на еден од обвиннетите, не е работа на бранителите да бидат судски доставувачи.
Судијката Диана Груевска-Илиевска ги одложи воведните зборови за следно судење и остави рок од шест дена за судска достава на интегрираните обвиненија и до обвинетите.
Откога не почна со воведни зборови, на рочиштето од минатата недела судијката Груевска-Илиевска побара оштетените да се изјаснат за отштетни побарувања. Но, и оваа постапка не можеше до крај да биде завршена бидејќи немаше адреси од сите оштетени, па уште на рочиштето од минатата недела побара нова листа со имејлови од сите оштетени и најави дека во истиот рок од шест дена, во кој треба да се достават интегрираните обвиненија и на обвинетите, ќе се доставуваат и известувања до сите оштетени дека треба да се појават на судење за да се изјаснат за отштетни побарувања.
Иако судијката Груевска-Илиевска најави динамика од две судења неделно, поради недостигот од адреси од оштетените и поради неиспратените интегрирани обвиненија до обвинетите, мораше едното судење да го одложи и затоа судењето продолжува денеска.
За трагедијата во „Пулс“ обвинети се 35 физички и три правни лица. Судењето почна на 19 ноември со воведни зборови од одбраната.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 11:00 до 15:00 часот, корисниците на ул. Хелсинки од бр. 22 до бр. 36, општина Карпош.

