Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Додека Арсовска лае по Мицкоски, нејзините газди – градоначалникот на Сарај и раководството на ДУИ си ја завршуваат работата во тишина

„Кога Данела Арсовска ќе го нападне Христијан Мицкоски, тоа е по нарачка на СДС и Али Ахмети. Додека таа лае по Мицкоски, нејзините вистински газди – градоначалникот на Сарај и раководството на ДУИ – си ја завршуваат работата во тишина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Данела Арсовска е главниот инструмент на ДУИ во борбата против ВМРО-ДПМНЕ. Таа е уценета и врзана – со морков и со стап. Преку бизнис интереси, преку лични слабости, преку емотивни врски и релации, ДУИ ја држи целосно под контрола. Секој што имал средба со неа гледа дека нешто не е во ред, дека жената има внатрешен немир, лична конфузија и политичка дезориентација. Арсовска одамна не одлучува сама – таа е само гласноговорник на интересите на СДС и на Ахмети, а неволно или свесно, соработник на криминалот кој го притиска Скопје.
Додека таа, со залутан и празен поглед – веројатно резултат на емоции и нарачки темелени врз уцени и лични слабости – напаѓа и скока во јавноста барајќи внимание кое, наместо да го добива за проекти и резултати, го бара секогаш кога сме пред избори, и тоа преку дрски и невоспитани напади кон ВМРО-ДПМНЕ, без да изусти збор за ДУИ и СДС, можеме само да констатираме дека ваквиот недоличен однос зборува најмногу за неа – и за друштвото со кое редовно се среќава по скопски Сарај и со кое сè почесто патува. Жалиме за тоа што ѝ се случува, и ќе издржиме уште неколку месеци сите ние како граѓани во овој политички театар што ни го приредува. А потоа, кога ќе ѝ заврши „употребната вредност“ за оние што сега ја командуваат, само ќе ѝ посакаме среќа во емотивните разрешници.
Штета е што во овие 3,5 години, жената се разбудила од емоционалната сенка само трипати. И секој пат – пред избори. И секој пат – против ВМРО.
Жално е, но уште пожално е изгубеното време за Скопје и за Македонија. Време кое ќе го надокнадиме по локалните избори – со нова енергија, со силни реформи, со проекти што се гледаат и со работа што ќе се почувствува. Скопје ќе добие шанса за нов почеток, откако ќе си замине срамот што денес го претставува.
Нејзините лажни пријави не можат да ја сокријат вистината, дека со нејзин потпис се вршеа милионски криминали, дека се потпишуваа договори со сомнителни фирми, дека се спроведуваше политичка одмазда врз вработените, а улиците на главниот град беа претворени во дупки и руини.
Скопје ќе се врати на скопјани. Без ДУИ, без Ахмети, без лажните политичари од Сарај. И без Данела“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптерска акција во Штип: Полициски службеници спасија повреден војник од борбата со пожарот

Во време кога летните горештини го зголемуваат ризикот од пожари, а бројот на активни огнени жаришта се зголемува ширум државата, секоја служба на терен има своја задача. Но, кога станува збор за спасување човечки живот, сите се еднакви – и тоа денеска уште еднаш се покажа на дело.
Полициски службеници со хеликоптерот „Агуста Бел 212“ на Министерството за внатрешни работи (МВР), денеска извеле драматично спасување на повредено лице на фронтот на пожарот.
– Во исклучително тешки услови беше извршено спасување на С.Н. од македонската Армија, припадник на Првата пешадиска бригада од Штип, кој несебично се бореше со огнената стихија. Полициските службеници уште еднаш ја покажаа својата хуманост и одговорност – порачаа од МВР.
Од Министерството информираат дека активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и понатаму и ќе траат се додека пожарите на територијата на целата држава не бидат целосно изгаснати.
Овој чин потсетува дека борбата со пожарите бара координирано и солидарно делување на сите институции – и дека хуманоста и пожртвуваноста се клучни во заштитата на човечките животи и природата.
Македонија
На првиот состанок на Балканската платформа за мир во Истанбул учествуваше Муцунски

На покана на министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера во Истанбул учествуваше на првиот состанок на Балканската платформа за мир. Настанот се одржа на иницијатива на турскиот министер Фидан, со учество на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на состанокот се разговарало за европската интеграција, регионалната поврзаност, младите, образованието, одбранбената индустрија и други актуелни регионални прашања. Учесниците се согласиле дека платформата треба да продолжи и на лидерско ниво.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакнал определбата на државата за конструктивна регионална соработка како двигател на економскиот развој. Тој укажал на сериозните предизвици со кои се соочува регионот – ниска конкурентност на економиите, недоволна енергетска и инфраструктурна поврзаност и иселување на младите. Муцунски го посочил и отсуството на предвидлив и динамичен европски пат, потенцирајќи ја потребата од поголема одлучност и лидерство во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, особено во актуелниот геостратешки контекст.
Како позитивен пример беше посочен Планот за раст за Западен Балкан, со акцент на неговиот потенцијал за носење конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Муцунски ја истакна и инвестициската посветеност во коридорите 8 и 10, како клучни транспортни и енергетски врски меѓу Јадранското, Егејското и Црното Море, посочуваат од МНРиНТ.
Министерот подвлекол и дека регионот мора да вложува повеќе во човечкиот капитал, конкурентноста, туризмот, културата и образованието како предуслови за одржлив развој и поврзување.
Во обраќањето пред медиумите, министерот Фидан нагласи дека стабилноста на Балканот е приоритет за Турција и дека платформата има за цел решавање на регионалните проблеми преку зголемена соработка, енергетска стабилност и поврзаност.
На маргините на настанот, министерот Муцунски остварил и билатерална средба со својот домаќин, министерот Фидан. Разговорите биле фокусирани на билатералните односи, економската соработка, инвестициските можности и продлабочувањето на соработката во области од заемен интерес.
Македонија
Шумскиот пожар во Крива Паланка се шири кон куќите, екипите се на терен

Шумскиот пожар што од вчера напладне зафати над 50 хектари борова шума во кривопаланечкото село Нерав, според информациите од Општина Крива Паланка се проширил и на делови од територијата на општина Ранковце, село Герман како и кон општина Трговиште, Република Србија.
Командирот на територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, Иле Коцевски, информира дека екипите се терен и работат на гасењето без престан, но пожарот се шири и доближува кон куќите во селото Нерав.
Дојава за пожарот во ТППЕ Крива Паланка е примена вчера околу 14 часот, а во гасењето активно биле вклучени екипи на: ТППЕ Крива Паланка, ТППЕ Ранковце, Противпожарна единица Трговиште, Србија, екипи од јавното претпријатие „Македонски шуми“ – Подрачно шумско стопанство “Осогово”,Крива Паланка и локално население од селата Нерав и Трговиште.
-Теренот е непристапен, во текот на ноќта гасевме заедно со сите што беа вклучени, сега на терен сме од противпожарната единица од Крива Паланка и “Македонски шуми”, направив замена на еден тим од ТППЕ, колегите се беспоштедно ангажирани, вчера успеавме да спречиме пожарот да се доближи до куќите, но денес огнот повторно се шири и претставува закана за куќите, населението е вклучено, а градоначалникот е во постојана координација со општинскиот кризен штаб, информира Коцевски.
Од општината апелираат сите граѓани строго да ги почитуваат препораките и да се воздржат од движење во планински и шумски предели, со цел заштита на сопствената безбедност и олеснување на работата на службите на терен.