Регион
Ден на жалост во Мостар денес: син на политичар усмрти тројца млади луѓе во Босна и Херцеговина

Градот Мостар го прогласи денешниот ден, 2 јуни, за ден на жалост поради страшната сообраќајна несреќа, во која животот го загубија три млади лица – Далила Жугор (22), Енис Куртовиќ (20) и Алмин Црналиќ (22). Трагедијата се случи во саботата наутро во близина на Почитељ, а во несреќата учествувале три возила.
Во врска со несреќата уапсен е Марко Шљивиќ (28), возачот на „ауди А4“, кој, според полициските информации, ја предизвикал несреќата. Против него е поднесена кривична пријава за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот, што резултирало со смрт, а Обвинителството ќе побара едномесечен притвор. Шљивиќ е син на Паве Шљивиќ, истакнат член на ХДЗ БиХ и поранешен шеф на кабинетот на претседателот на Федерацијата БиХ, Маринко Чавара, објави „Херцеговина.инфо“.
На денот на жалост знамињата на зградите на градската администрација и на Градскиот совет, како и на јавните институции и компаниите основани од Градот Мостар, ќе бидат спуштени на половина копје. Исто така, јавните, културните и забавните програми нема да се одржуваат на јавни места, а угостителите се повикани да работат на соодветен начин на денот на жалоста.
Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, изрази сочувство до семејствата на жртвите и рече дека Градот Мостар ќе направи сè за да помогне во овие тешки времиња.
Пијаниот возач е син на познат политичар, член на ХДЗ БИХ
По наредба на дежурниот обвинител, уапсен е Марко Шљивиќ (28) од Чапљина, возачот на второто „ауди А4“ кој, како што е утврдено, бил во алкохолизирана состојба и се сомнева дека ја предизвикал несреќата. Тој е однесен во полициска станица.
Шљивиќ, потврди полицијата, се движел од правец на Мостар кон Чапљина. Возачот на автомобилот „фиат дукато“, кој исто така бил повреден во несреќата и се движел зад него, го пријавил нелегалното возење на уапсениот возач во полиција, само неколку минути пред трагедијата.
Иако не бил познат на пошироката јавност до оваа трагедија, од јуни 2024 година Марко Шљивиќ е вработен во Службата за работи со странци како виш стручен соработник за прием и сместување во одделот на Центарот за имиграција, кој работи во рамките на Секторот за реадмисија.
Дополнително внимание на јавноста привлече фактот дека тој е син на Паве Шљивиќ, истакнат член на ХДЗ БиХ, кој со години извршувал високи позиции во политичкиот и во јавниот живот на Федерацијата БиХ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Во Бугарија и Романија на сила црвен метео аларм поради обилни дождови

Во Бугарија и Романија на сила е црвен метео аларм поради обилни дождови. Обилните дождови продолжија да ја погодуваат Бугарија, што доведе до затворање на патишта, прогласување црвен метео аларм во неколку области, а 51 населено место останаа без електрична енергија поради бурата. Надлежните органи го интензивираат надзорот над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена од поплавите, пишува денес „Новините“. Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.
Граѓаните се повикуваат да бидат внимателни, да избегнуваат патувања и да ги следат упатствата на надлежните служби. Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метео аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар, пренесува Танјуг.
Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените места поради предизвиканите штети.
Метеоролозите во Романија денес го продолжија црвениот временски аларм поради предвидените обилни врнежи од дожд за пет области и градот Букурешт со можност за врнежи до 140 литри на квадратен метар.
Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа (ANM), од 21 часот на 7 октомври до 15 часот на 8 октомври се очекуваат обилни врнежи од дожд во неколку области, пишува романската новинска агенција Аѓерпрес.
Фото: принтскрин
Регион
Убиен судија на Апелациониот суд, во судница во Тирана

Судијата Астрит Каљаја беше убиен денес во Апелациониот суд во Тирана додека траеше рочиштето.
Напаѓачот, засега непознат, влегол во судницата и го застрелал Каљаја, кој бил однесен во болница каде што му била пружена медицинска помош, објавува „Албанија пост“.
На местото на настанот, според медиумот, има бројни полициски сили, кои веднаш го уапсиле осомничениот сторител, а како што се наведува, идентитетот на напаѓачот и мотивите на нападот засега се непознати.
Судијата Астрит Каљаја служел со години во албанскиот судски систем, а неодамна во Апелациониот суд во Скадар.
Тој го поминал процесот на верификација во 2019 година, каде што бил потврден на функцијата од Независната квалификациска комисија, а потоа и од Специјалниот жалбен панел во 2022 година.
Фото: принтскрин
Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ, во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.