Македонија
(Видео) Иванов: Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека се само продолжена рака на нивниот патрон Христијан Мицкоски
За речиси четири години градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека се само продолжена рака на нивниот патрон – Христијан Мицкоски. Наместо мерки и политики во служба на граѓаните, сведоци сме на нефункционални општини и коруптивни шеми, реагира Павел Иванов, претседател на ОО СДСМ Штип.
Според него, Општината Штип е само една од општините каде градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, по стапките на Мицкоски, ја претвораат локалната самоуправа во сервис за лични бизнис интереси, а не во сревис за граѓаните.
„Наместо извинување и отчет пред штипјани, ВМРО-ДПМНЕ без срам, повторно го предлага Иван Јорданов за кандидат за градоначалник. Истиот тој градоначалник кој четири години ја води општината крајно недомаќински, неспособно и коруптивно. Дали ВМРО-ДПМНЕ мисли дека Штипјани се граѓани од втор ред и немаат право на достоен живот во сопственото родно место“, прашува тој.
Општинината, како што вели, наместо развој, доживува застој.
„Ветените проекти се само на хартија. Во услови кога трошоците за живот секојдневно растат, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, градоначалникот Јорданов дополнително удри по џебот на граѓаните. Цената на водата порасна за 26%, Канализацијата за 16%, Сметот за цели 110%, Данокот на промет за 33%. Зголемени се и цените за паркинг, такси превоз, надомест за градежно земјиште и имотен данок“.
Додава дека додека Штипјани мора да ја полнат локалната буџетска каса, општинската администрација ја тресат скандали.
„18 милиони денари потрошени за нафта што никој не знае каде и за што завршила. Секретарката на Општината гради дивоградба, а никој не презема одговорност. Се продаваат заштитени објекти како хотел „Гарни“ по смешни цени. Општински имот како магацини, простории, земјиште – се распродадени без план и визија. Клиничкиот центар е претворен во огласна табла за партиски вработувања – таму се и сопругата на Јорданов и братот на портпаролот на ВМРО Штип“.
Според него, во овие скоро четири години во Штип се реализираат само проекти кои се од личен бизнис интерс на партијата и градоначалникот. Како што е изградбата на фонтана со средства наменети за кровот на Штипската гимназија.
„Денес, Штип е сообраќајно задушен, без паркинг, без семафори на клучна крстосница, со депонија што гори секој ден и прекини на вода во лето. ЈП Исар тоне во долгови, а за првпат по 40 години не се одбележа ни Денот на пожарникарите. Ова е резултатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во Штип – скапа и лажна пропаганда, распродажба на ресурси, неисполнети ветувања и расипничко трошење на народните пари. Граѓаните веќе ги препознаваат лошите политики на ВМРО- ДПМНЕ. СДСМ нема да молчи пред ваквото расипништво“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“
Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со тужба против пратеникот Бране Петрушевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ, доколку не се извинат за, како што вели, континуираните лаги, навреди и клевети изнесени на негова сметка.
„Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден, ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, портпаролите и медиумите блиски до нив не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди“, напиша Заев.
Тој најостро ги отфрли тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека има каква било поврзаност со неодамнешниот случај за конфискација на медицински канабис, за кој се тврди дека бил неправилно складиран.
„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста. Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.“, нагласи Заев, додавајќи дека јавно бара извинување од пратеникот Петрушевски и од ВМРО-ДПМНЕ.
Во статусот, експремиерот се осврна и на други, како што ги нарече, измислици што партијата ги повторува – дека гради облакодери во Дубаи, дека вршел притисоци околу болницата на Жан Митрев и дека се меша во правосудството.
„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам. Се борев за слобода на говор. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието. Но сега е доста!“, порача Заев.
Тој најави дека доколку не добие извинување во законски предвидениот рок, ќе поднесе тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.

