Македонија
Тошковски: Проектот „БорПрес2“ е чекор напред кон воспоставување на граничниот премин Маркова нога – Лемос
Денеска во Лемос, Општина Преспа – Грција, во присуство на министрите за внатрешни работи на Македонија и Грција, Панче Тошковски и Теодорот Ливаниос, амбасадорот на ЕУ во земјава Михалис Рокас, претставници на локалните самоуправи, се одржа настанот „Гранична станица Преспанско Езеро: Воспоставување на граничен премин меѓу Грција и Република Северна Македонија на областа Преспанско Езеро“.
Со тоа се означи започнување на БорПрес2 фазата на проектот кој на крај има за цел да воспостави нов граничен премин помеѓу Маркова Нога (Македонија) и Лемос (Грција) што ќе го намали времето на патување помеѓу Лемос и Ресен од повеќе од два часа на само 40 минути. Во проектот вреден над 7.7 милиони евра, 80% финансиран преку ИПА 3 програмата на Европската Унија се планирани реновирање на постојната полициска станица од македонска страна, изградба на нова зграда за царинска и полициска контрола на страна на Грција и развој на прекуграничната пешачка патека помеѓу селата Брајчино и Агиос Германос со цел промоција на еко-туризмот. Партнери во проектот се министерствата за внатрешни работи на Македонија и Грција, регионот Западна Македонија во Грција и општините Ресен и Преспа.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на настанот на кој беше презентиран целиот проект истакна дека ова не е само почеток на инфраструктурен проект, туку реализација на заедничка визија – визија вкоренета во регионалната соработка, европската интеграција и трајното партнерство меѓу нашите две држави.
„Денес го одбележуваме почетокот на проектот БорПрес2 и се поставуваат темелите за идното отворање на граничниот премин Маркова Нога / Лемос. Со текот на годините, односот меѓу нашите земји стана посилен врз основа на меѓусебно почитување, практична соработка и продлабочено чувство за заедничка судбина. Овој нов граничен премин е моќен израз на тој однос. Тоа е конкретна демонстрација на политичка волја, техничка способност и нашето заедничко разбирање дека во денешна Европа, границите треба да поврзуваат, а не да разделуваат“, потенцираше Тошковски.
Овој проект е доказ, рече тој, дека европската интеграција не е далечна аспирација. „Тоа е жив процес, вкоренет во опипливи резултати, подобри патишта, безбедни граници и подобрен квалитет на живот за граѓаните на кои им служиме“, потенцираше Тошковски.
Проектот започна на 14 февруари 2025 година и е планирано да трае 36 месеци, со завршување на 13 февруари 2028 година.
Министерот Тошковски оствари и билатерална средба со министерот Теодорот Ливаниос на која се разговараше за меѓусебната соработка, можно решение за побрз проток на патници и стоки на граничниот премин Богородица – Евзони. Министрите изразија посветеност на понатамошното градење мостови на соработка кои ќе ги поврзуваат луѓето, нациите и економската и културна соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

