Македонија
Даночна измама, перење пари, злосторничко здружување: кривични за 23 физички и 15 правни лица од Струмица, го оштетиле државниот буџет за над 94 милиони евра

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал криминал, во соработка со Оддел за криминалистичка полиција, Управата за финансиска полиција и Управа за јавни приходи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Р.К.(56) , З.К.В.(30) и В.П.(29), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“, против Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), K.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59), сите од Струмица, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночна измама“, против С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против 15 правни лица од Струмица за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“.
Имено, пријавените Р.К., З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување кон кое се приклучиле Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф. – управители на пријавените правни лица, С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г. и А.К. – инспектори од УЈП и М.К., М.М., Е.Т., З.М. – овластени сметководители, кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, а на штета на државниот буџет. Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители.
Организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП.
Со наведените дејствија пријавените оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 5.801.937.796 денари или 94,3 милиони евра на штета на државниот буџет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Марш на ангелите во Кочани: Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој

Правда мора да има, ако не ќе поставиме шатори пред судот и полицијата и нема да дозволиме никој да влегува. Ако нема правда за ангелите, за нивните родители и семејства, нема да има за никој. Ова го порача поддржувач на родителите чии деца загинаа на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Тој од својата инвалидска количка го предводеше осумнаесетиот марш на ангелите. Зборувајќи пред Основниот суд во Кочани, ја обвини полицијата дека дваесет минути на влезот во градот, кај ресторанот „Национал“, држела луѓе од други општини затоа што доаѓале да ги подржат кочанчани.
– Без никакво образложение легитимирале, претресувале. И порачувам на цела Влада – помеѓу тие луѓе нема ниту еден терорист, ниту еден нарко дилер, ниту еден криминалец. Тоа се луѓе со душа и срце. Зошто се прави таков притисок, се обидувате ли нешто да скриете. Истрагата „терајте“ ја како што треба. Родителите на починатите веќе немат солзи во очите, изјави поддржувачот на родителите.
Осумнаесетиот марш на ангелите вечерва се одвиваше по истата маршрута како и претходно: Парк на Револуцијата, кафуле „Класик“, Општина, УЈП, полиција, суд, со тоа што вечерва немаше свирежи пред споменатите институции.
Родителите беа доста тивки. Сестра на починато момче во пожарот во „Пулс“ само потсети дека денеска, 16 август, навршија пет месеци откако на 16 март 62 лица ги загубија своите животи.
Македонија
Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат

Пожарот што зафати дел над селото Лојане, Општина Липково, во голем дел е локализиран и изгаснат. Селото е целосно заштитено, а интензитетот на горењето во појасот на боровата шума значително е намален, информира вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али.
Со отворањето на патот за пристап, како што наведува, се овозможи пешадиско дејствување на екипите на „Национални шуми“, што значително придонесе кон ограничување на ширењето на огнот.
– Во акцијата беа ангажирани хеликоптер Бел-412 на МВР, две екипи на Територијалната противпожарна единица Куманово со соодветни противпожарни возила, како и екипи на „Национални шуми“ – Подружница Куманово со специјализирани возила за шумски пожари. Активно учество зема и месното население, чија помош беше од големо значење. Како директор на Центарот за управување со кризи, лично ги координирав активностите на терен, осигурувајќи соработка меѓу институциите и брза реакција за заштита на животите и имотот на граѓаните. Благодарност до сите учесници за професионалниот ангажман и посветеност, нагласи Али.
ЦУК соопшти дека вечерва до 18:00 часот на територијата на цела држава има вкупно 19 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, а 15 се изгаснати. Освен пожарот во селата Лојане и Табановце, активни пожари има и во повеќенаменското подрачје „Јасен“, во општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце, Долно Орешје, каде се зафатени пасишта и мешана шума и во кумановското село Черкези.
Македонија
На Табановце се чека 40 минути

Зголемена е фреквенцијата на возила во земјава. На граничниот премин „Табановце времето на чекање за излез е околу 40 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на патиштата надвор од градските средини е зголемен.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.