Македонија
Грантови до 10.000 евра за млади и ранливи групи преку мерките од Оперативниот план, најавува Владата
Од Владата најавуваат дека грижата за младите продолжува преку сеопфатна стратегија и оперативен план од 40 милиони евра кој ќе опфати над 16.000 граѓани.
„Се објави јавниот повик од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој се однесува на две нови мерки наменети за невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
Во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, официјално се објави повикот за Мерка 1.1 и Мерката 1.2.
Преку Мерката 1.1 се доделува грант од 430.500 денари (околу 7.000 евра), за граѓаните над 29 години, а преку мерката Мерката 1.2. се доделува грант до 615.000 денари (10.000 евра) за започнување сопствена дејност за лицата до 29 години“.
Како што се појаснува во соопштението, за лица со попреченост се предвидени средства до 250.000 денари над основниот грант, со цел да се создадат еднакви услови за сите заинтересирани.
Двете мерки, според најавеното, вклучуваат и целосна поддршка преку обука за претприемништво, изработка на бизнис план и шестмесечно менторство, со цел граѓаните не само да добијат финансиска поддршка, туку и знаење и насоки за успешно водење на сопствен бизнис.
„Преку мерките и проектите владата ја потврдува посветеноста на создавање на инклузивен пазар на трудот и зајакнување на поединецот како клучен актер во економскиот развој на земјата.
Преку овие мерки се создаваат реални улови за развој, вработување, самовработување, како и развој на претприемништвото и долгорочен економски раст“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

