Култура
Кoнцерт на отворено со Филхармонија и музиката од филмовите на „Дизни“

„Фантазија“ е насловен овогодишниот традиционален концерт на Македонската филхармонија кој ќе се одржи в петок, на 13 јуни, во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 20. 30 часот.
На програмата е музиката од анимирани филмови од продукцијата на „Дизни“, а диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија. Како солисти ќе настапат сопранистката Биљана Јосифов, тенорот Денис Димоски и бас баритонот Иван Наумовски.
„Како што веќе знаете, оваа година на концертот во Парк насловен „Фантазија“ ќе се изведе музика од најубавите анимирани филмови, преку избор на композиции од „Малечката сирена“, „Убавицата и ѕверот“, „Херкулес“, „Покахонтас“, „Аладин“, „Книга од џунглата“, „Снежно кралство“, „Кралот лав“, „Приказна за играчките“… Насловот на концертот е извлечен од истоимениот анимиран филм „Фантазија“ во кој дејстивието се гради на осум класични музички дела во изведба на Филхармонискиот оркестар од Филаделфија под диригентската палка на Леополд Стоковски“, вели Мустафа Имери, директор на Македонската филхармонија.
Што се однесува до програмскиот концепт, тој е наменет за широк круг на публика, музиката од овие филмови е безвременска, како што се и самите филмови со кои израснаа, и се уште растат новите генерации, нагласува Имери.
„Волшебната атмосфера која извира од самиот наратив на приказните уште повеќе се потенцира и преку музиката која сама по себе претставува посебна, независна приказна. Штом ќе ги чуете песните, веднаш знаете за кој филм станува збор – тоа е потврда дека станува збор за музички ремек-дела кои фунционираат и самостојно, како посебни фрагменти кои се врзуваат со овие филмови“, вели Имери.
Музичката изведба ќе биде надополенета и со видео фрагменти од филмовите и со специјално осветлување кое на публиката ќе и понуди уште едно незаборавно доживување под отворено ѕвезедено небо со оркестарот на Македонската филхармонија.
Светот на Дизни е полн со фантазија и фантастична музика, вели диригентот Тимоти Редмонд од Британија.
„Ова е музика која зборува со сите генерации, не враќа во нашето детство. Сите сме ги гледале овие филмови, а сега ќе имаме можност да ја чуеме само музиката, преку феноменалната оркестрација и преку звукот на оркестарот и солистите. Уживаме во целиот проект, секоја композиција буди различни емоции, одлично течат пробите, ќе имаме одличен концерт во петок“, вели Редмонд.
Солистите Биљана Јосифов и Иван Наумовски истакнаа дека ова е уникатна можност да излезат од класичните рамки на оперското пеење и да се претстават пред публиката преку нов израз.
„Ние како оперски пејачи сиот израз, емоции и искуство го оставаме на сцена преку гласот. Песните не се воопшто едноставни за пеење, комплексни се, но во себе имаат една детска игривост кој изнудува насмевки на нашите лица додека пееме“, вели бас баритонот Наумовски.
„Се обидов да внесам и свој препознатлив печат во изведбата на композициите, и некој од нив ќе бидат изведени на оперски начин, малку поинаку од нивната автентична изведба која сме ја слушале во филмовитее“, вели сопранистката Биљана Јосифов.
Со концертот во Градскиот парк на 13 јуни, Македонската филхармонија ќе го заокружи официјалниот дел од оваа концертна сезина.
„По овој концерт, следува гостувањето на Македонската филхармонија во Солун, на 30 јуни, каде заедно со музичарите од Софиската и Солунската филхармонија уште еднаш ќе биде изведен заедничкиот проект – музичко –сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф која премиерно беше изведена во Софија во феврурари, годинава. Се надевам дека ќе можеме да ја повториме оваа нашата заедничка изведба и во Скопје.По концертот во Солун, оркестарот ќе настапи на отворањето на фестивалот „Охридско лето“, на 12 јули со пијанистката Клер Хуангчи и диригентот Едвин Оутвотер од САД“, најави директорот Мустафа Имери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
(Фото) Многубројната публика на Охридско лето пулсира во духот на афробит-ритамот

Сцената „Долни Сарај“ вчеравечер беше центар на музичките збиднувања во Охрид со концертот на „Охридско лето“ кој го одржаа Националниот џез оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист, Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика, е најмладиот син на пионерот на афробитот, Фела Кути, поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“ (Egypt 80). Неговата дискографија со бендот вклучува пет албуми од кои последниот Heavier Yet (Lays The Crownless Head,) издаден минатата година, е продуциран од Лени Кравиц.Шеон Кути е номиниран за наградата „Греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.
– Ова беше премиерна изведба на ваков тип музика бидејќи се нови аранжмани коишто ги работевме со Шеон за овој проект, така што, ова е премиерна изведба. Имаше композиции кои никогаш досега не беа изведени, премиерни се, и не се издадени на ниту еден носач на звук. Размислувавме што би било интересно да направиме а да биде малку поразлично од сите претходни години и констатиравме дека можеби афробит музиката или стилот е добро решение за еден летен концерт на кој луѓето можат да уживаат, да танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови кои повикуваат на љубов, слобода, на револуцуја, на спас за духот, вели диригентот Џијан Емин.
Целата музика што беше претставена вчеравечер, според него, е базирана на танц.
-Мене лично, ме привлекува африканската музика, и ретко се случува да имаме вакви настани. Овој концерт е прва соработка на Националниот џез оркестар со Шеон Кути. Кога бев дел од Македонската филхармонија сум работел со неговиот постар брат Феми Кути со кого одржавме концерт во Градски парк во Скопје, но и еден концерт во Белград пред 25-илјадна публика, појаснува Емин.
Националниот џез оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и Штип, како и на бројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија. Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.
Мисијата на оркестарот е да ја обедини и збогати македонската џез-сцена преку афирмација и популаризација на џез-музиката, како во земјава, така и на меѓународно ниво. Целта на оркестарот е да ја подобри музичката продукција, да едуцира млади таленти и нова публика, и да организира настани кои ќе помогнат во негувањето на џез-културата и културата, воопшто.
Култура
Азиска премиера за „Јон Вардар против галаксијата“

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ ќе ја доживее својата азиска премиера на крајот на месецов, на 11. издание на Bakunawa Film Festival во Манила, Филипини.
Фестивалот го носи името на „Бакунава“ – митска морска змија од филипинскиот фолклор за која се верува дека предизвикува затемнувања на месечината, и е специјализиран за жанровски филмови: научна фантастика, хорор и анимација. Со проекции, работилници и семинари, Bakunawa Film Festival претставува една од највлијателните платформи во регионот за промоција на жанровскиот филм.
„Чест ми е што филмот ќе биде прикажан токму на фестивал кој го носи името на едно толку моќно и мистично суштество од фолклорот. Пред десетина години работев на проект каде што главниот негативец беше исто така огромна морска змија, па ова го сметам за еден вид митска коинциденција. Инаку, имаме уште неколку селекции во Азија кои дополнително ќе ги објавиме“ изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Јон Вардар против Галаксијата“ досега е прикажан на голем број фестивали ширум светот, а освои и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор. Азиската премиера во Манила претставува уште еден значаен чекор во неговото глобално патешествие.
Култура
Овации за ангелските гласови од српскиот хор „Свети Серафим Саровски“

Српскиот машки хор „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин вчеравечер беше посебно доживување за публиката на „Охридско лето“ во рамките на традиционалната Српска вечер на фестивалот.
Кристалната чистота што прозвучи од седумте грла на овој вокален ансамбл, совршено се вклопи во акустичниот сакрален амбиент на „Света Софија“. Програмската лепеза содржеше седумнаесет нумери, руски и српски, световни и духовни, далматински, а изненадување за слушателите кои ги наградија членовите на хорот со долги и бурни ракоплескања беше и изведбата на македонската народна песна „На Струга дуќан да имам“.
-Одлучивме на публиката во овој прекрасен храм да ѝ се претставиме со различна програма, пред сè, духовни композиции од руски и српски автори. Тоа е нешто што ја прави основата на нашиот репертоар, имајќи предвид дека хорот „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин, Србија, оваа година одбележува 35 години од постоењето. Тоа е дел од репертоарот што ние многу долго и многу често го негуваме посветено. Освен тоа, имаше и неколку обработки на руски народни композиции. Целата музика беше прилагодена на црковниот амбиент. Публиката имаше можност да слушне и две далматински клапи кои говореа за животот, љубовта, минливоста и слично. Самиот крај беше посветен на неколку обработки на српски народни песни.Сметавме дека треба да има разноликост во нашиот репертоар бидејќи знаеме дека во публиката има многу туристи кои доаѓаат од различни краишта и сакаат да слушнат нешто што е невообичаено за еден ваков мал машки хорски состав, вели диригентот на хорот „Свети Серафим Саровски“, Божидар Црњански.
Хорот „Св. Серафим Саровски“ го сочинуваат седум професионални хорски пејачи со повеќедецениско искуство, со волја и идеја наследена од првите основачи на хорот, кои на радост на публиката продолжуваат да ѝ ја даруваат убавината на хорската песна од разни жанрови и стилови – од духовни дела, преку староградски песни и популарна музика создадена за најубавиот инструмент – човечкиот глас.