Македонија
Филипче од Атина: За работниците направивме најмногу, мора да знаат дека со социјалдемократијата нивните права и стандард ќе растат

За работниците направивме најмногу, мора да знаат дека со социјалдемократијата нивните права и стандард ќе растат. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусијата „Прогресивен одговор на кризата на демократијата“, во рамките на втората Меѓународна конференција за демократија и социјална правда, организирана од Институтот „Алексис Ципрас“ во Атина.
На панелот, на кој учествуваа професори од неколку светски универзитети и други говорници, меѓу кои и од Универзитетот Харвард, Филипче, како претседател на СДСМ, ги сподели своите ставови за тоа како да се заштитат темелите на демократските општества, кои сè почесто се загрозени од дејствувањето на авторитарните режими.
„Мораме да ги потсетиме нашите традиционални гласачи – работниците. Треба да признаеме дека во изминатите изборни циклуси многу од нив гласаа за десните партии, заоа што се чувствуваа напуштени од нас“, изјави Филипче.
Тој го посочи примерот со Македонија, каде што, и покрај реалните вложувања и мерки за поддршка на работничките права, политиките не допреле до гласачите поради влијанието на хибридни инструменти што ги користат авторитарните режими.
„Тоа е парадоксот, ова е групата граѓани за кои направивме најмногу. Го зголемивме минималецот, обезбедивме социјална поддршка, но тие не ги препознаа придобивките од нашата политика“, рече Филипче, додавајќи дека мора да се преземат конкретни мерки против овие хибридни закани.
Како втора мерка, тој го нагласи значењето на подобар социјален и економски статус за работниците.
„Мораме да ги поврземе нивниот социјален и економски статус со животниот стандард, за да сфатат дека тоа е демократија, систем што им овозможува да ги остварат своите идеи и да постигнат благосостојба“, појасни Филипче.
Третата насока, според него, е справувањето со неконтролираниот капитализам.
„Особено сегашните и многу модерни, јас ги нарекувам технофеудалисти, кои успеаја да ги придобијат нашите традиционални гласачи, не затоа што им понудија подобри услови, туку затоа што го искористија нивниот страв од глобализацијата и имиграцијата.
Социјалдемократските и прогресивните либерални сили треба заеднички да ги искористат своите капацитети за запирање на подемот на авторитарните режими ширум светот#, рече тој. Филипче подвлече дека клучот лежи во отворената комуникација со граѓаните.
„Без разлика колку некое прашање изгледа ирационално, мора да разговараме за тоа, бидејќи кога луѓето се плашат од нешто и нешто не им е јасно, тогаш тие одат кон авторитарните режими, затоа што се чувствуваат побезбедно“, истакна тој.
Како заклучок, Филипче посочи дека иако предизвиците се големи, постои капацитет меѓу прогресивните сили да се здружат и да ги надминат опасностите што се закануваат на темелите на демократијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судот го забрани штрајкот на контролорите на летање

Судот го забрани штрајкот на контролорите на летање, соопшти М-НАВ АД Скопје.
„Основниот граѓански суд Скопје на 16.10.2025 година донесе решение со кое се усвојува предлогот на М-НАВ АД Скопје за изрекување на привремена мерка – забрана на најавениот штрајк од страна на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ-подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските на РСМ Скопје“, се наведува во соопштението.
Според М-НАВ АД Скопје, со оваа одлука, Судот утврди дека најавениот штрајк е спротивен на законските одредби бидејќи не била спроведена постапката за мирно решавање на колективните споровои, како и дека штрајкот не произлегува од конкретни барања од работен однос.
„М-НАВ АД Скопје го поздравува решението на Судот и ја нагласува својата определба за почитување на законитоста, континуирано обезбедување на безбедност и непречено функционирање на воздушниот сообраќај во Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Синдикатот претходно најави дека македонскиот воздушен простор ќе биде целосно затворен за сообраќај на 20 и 24 октомври. Според нив, состојбата во претпријатието задолжено за безбедноста во авиосообраќајот е загрижувачка, а неопходните кадровски решенија се одложуваат и блокираат. Тие, исто така, обвинуваат и за партиски вработувања.
Македонија
Османи: Две нови современи градинки во Чаир со голем капацитет за сите деца да посетуваат претшколско образование

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција претстави проекти за изградба на нови современи градинки.
„Чаир има недостиг од градинки, недоволни капацитети и услови што не одговараат ниту на основните потреби на децата во најкритичниот период од нивниот развој. Имаме градинки каде што три деца делат еден кревет, каде условите во кујните и тоалетите се мизерни, а родителите сами купуваат материјали за своите деца. Тоа мора да се промени“, изјави Османи.
Тој најави изградба на две нови големи градинки со современи стандарди, подготвени од светски познатиот архитект Мишел Ројкинд.
Градинка „Снежана“ е проект кој е мултифункционален и се протега на 40.000 м² на улицата Џон Кенеди.
„На еден простор ќе имаме три функции: паркинг, градинка и училиште со игралиште. Чаир е мала општина и секој метар мора да се искористи паметно и во служба на граѓаните“, истакна Османи. Тој појасни дека подземниот паркинг на две нивоа ќе биде со капацитет од 1.000 паркинг-места.
Градинка „Росица“, пак, е исто така проектирана како современ објект со три нивоа подземен паркинг и голем капацитет.
„Градинка, „Росица“, ќе се гради на површина од 20.000 м² и ќе вклучува: современа градинка со нови услови за престој, исхрана и игра, подземен паркинг на три нивоа со над 520 паркинг-места, како и со простор за игра над објектот, со цел рационално користење на секој квадратен метар во Чаир“, истакна Османи.
Со овие два проекти, ќе го решиме хроничниот проблем со капацитетите на градинките во Чаир и ќе создадеме современи и безбедни простори за нашите деца, додаде Османи.
Тој потсети дека веќе има лично искуство во реализација на вакви проекти, бидејќи токму тој ја обезбеди изградбата и финансирањето на најголемата градинка во Чаир „Бамби“, како министер и член на Владата.
„Јас го започнав овој процес пред години, а сега го продолжувам со визија за секое дете во Чаир да има свое место во градинка“, порача Османи.
Македонија
Поради сериозен дефект, МРТВ не емитува три дневника: се проверува дали е намерен упад во системот

Македонската радио-телевизија информира дека поради сериозен технички проблем, вчера не беше во можност да ги емитува телевизиските дневници во 17, во 19 и во 22.30 часот.
Од таму велат дека се врши проверка дали станува збор за намерен упад во мрежниот систем поради постојните сомнежи за пробивање на заштитниот механизам од надворешни напади и влијанија.
Од МРТВ наведуваат дека во расветлувањето на случајот ќе бидат вклучени сите надлежни државни институции.
„Јавниот сервис им се извинува на граѓаните за неможноста да ги следат централните информативни изданија на нашата програма. Македонската радио-телевизија ќе продолжи да известува навремено и објективно, во интерес на јавноста“, се наведува во соопштението.