Македонија
Ѓорѓиевски: Мега проектот за Стаклара – Каменик конечно станува реалност

Мега проектот за Стаклара – Каменик конечно станува реалност – после половина век мојот народ добива чиста вода за пиење. Работа и само работа, а не празни флоскули е она што нас нѐ одликува, а кога се работи чесно за народот, резултатите се очигледни, информира градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Чест ми е да ве информирам, почитувани мои, дека после поставувањето на фекална мрежа со што решивме децениски проблем, започнуваме со решавање на уште еден најгорлив – а тоа е овие населени места да добијат чиста вода за пиење, после половина век. Се работи за поставување на водоводна мрежа од околу 6 километри, во кој проект учествува Министерството за животна средина преку Европската инвестициона банка во првата фаза, додека општина Кисела Вода со свои средства ја реализира втората фаза. Согласно динамиката на работа во реализацијата на проектот, ќе се изгради пумпна станица и потисен цевовод до резервоар, како и главен цевовод низ населбата. Ова исто така значи дека и по завршувањето на градежните активности, го затвораме поглавјето со подземна инфраструктура и конечно, после 50 години, Стаклара ќе биде последното место без соодветно водоснабдување“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Потоа, додава тој, следува и асфалтирање на сите улици, со што Стаклара од една заборавена населба ќе стане уште една гордост на Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) ДИК: На две избирачки места гласањето се одвива без користиње на уредот за биометриска идентификација

Во Куманово едно избирачко место, број 1133, каде се запишани 12 гласачи, поради објективни околности, односно немање струја во тоа избирачко место, се гласа без уредот за биометриска идентификација, известија од ДИК.
„Согласно Изборниот законик, ДИК донесе одлука гласањето на ова избирачко место да продолжи непречено без користиње на уредот за биометриска идентификација. Не сакавме да се губи времето, затоа одлучивме на ова избирачко место гласањето да продолжи со користење на УВ спреј и УВ ламба“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Иста ваква одлука е донесена за едно избирачко место во Штип, број 2271 каде што има запишано 507 гласачи.
„На ова избирачко место поради технички причини, ИТ лицата ангажирани од ДИК направија обид со два резервни уреди и две смарт картички, но не можеше да се стартува тој уред за биометриска идентификација. За непречено одвивање на гласањето, донесовме одлука и во ова избирачко место гласањњто да продолжи со УВ спреј и УВ ламба за идентификација на гласачите“, додаде Кондарко.
Македонија
(Видео) Тошковски: На терен се над 90 отсто од силите со кои располага МВР

Денеска е ден на демократијата, денеска македонските граѓани ќе можат да си го остварат своето право на глас во рамки на едни фер и демократски избори да си ги изберат своите градоначалници и советнички листи, кажа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој извести дека само во едно место, село во општина Прилеп, гласањето започнало подоцна.
Министерот очекува мирна, демократска и фер изборна атмосфера.
„Ги повикувам сите граѓани да го остварат своето право на глас, да ги дефинираат чекорите во иднина, да можеме да искреираме иднина каква што заслужуваат нашите граѓани“, кажа Тошковски.
Тој додаде дека се активирани над 90 отсто од силите со кои располага МВР и се фокусирани на спроведување на мирен изборен процес.
„Ги преземаме сите дејствија коишто треба да се преземат. На терен сме, ги контролираме оние жешки точки. Сега за сега нема никакви проблеми. Имаме констатирано четири настани кадешто има потенцијално нарушување на изборниот молк во текот на вчерашниот ден. Се постапува и се истражува. По утврдувањето на целосната фактичка состојба ќе биде известена јавноста“, извести Тошковски.
Македонија
ДИК: Навреме отворени сите избирачки места, гласањето се одвива без проблем

Државната изборна комисија извести дека денес навремено се отворени сите избирачки места и процесот на гласање се спроведува без проблем.
На Локалните избори 2025 во Северна Македонија право на глас имаат 1.832.415 граѓани.
Се гласа за вкупно 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за членови на општинските совети со вкупно 10 490 кандидати.
Гласањето на локалните избори започна во 7:00 часот и ќе трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.