Свет
Полицијата за убиецот во Грац: живеел многу повлечен живот, бил страствен гејмер
Извршителот на масакрот во средното училиште во Грац, во кој беа убиени 10 лица, бил страствен гејмер и го испланирал својот напад темелно, соопшти полицијата во Грац.
„Извршителот бил многу интровертна личност која живеела многу повлечен живот“, изјави Михаел Лонегер, директор на Канцеларијата за криминал на покраината Штаерска, на прес-конференција.
Масакрот, кој траел седум минути, по што тој извршил самоубиство, бил направен со пиштол „Глок“ и сачмарка, беше објавено.
„Масакрот бил темелно испланиран и напаѓачот можел да убие многу повеќе луѓе“, рече Лонегер.
Тој додаде дека 21-годишниот извршител некогаш посетувал средно училиште во близина на главната железничка станица во Грац, но не ги познавал жртвите, со исклучок на убиениот наставник.
Жртвите беа девет ученици на возраст од 14 до 17 години. Единствениот возрасен беше наставничка која подоцна им подлегна на повредите во болница.
Единаесет лица беа повредени во нападот, но тие повеќе не се во критична состојба.
Полицијата сè уште бара мотив. Самоубиствена порака пронајдена во станот во предградието на Грац каде што 21-годишникот живеел со својата мајка не укажува на можен мотив.
Во станот е пронајдена и експлозивна направа, како и планови за изработка на дополнителни експлозивни направи.
„Сторителот живеел исклучително осамен живот, не учествувал во никакви општествени активности во реалниот свет надвор и не бил присутен на социјалните мрежи“, рече Лонегер.
Во меѓувреме, во Австрија се разви дебата за либерален закон за поседување оружје. Комунистичката партија на Австрија (KPÖ), која е на власт во Грац, како и Зелената партија, се залагаа за построг закон. Десничарската популистичка Народна партија на Австрија (FPÖ) е против тоа.
А во соседна Германија, масакрот во Грац започна дебата за заострување на законите за оружје.
„Ни треба поедноставен и поефикасен закон за да ги исфрлиме огнените оружја и ножевите од јавниот простор“, рече директорот на Полицискиот синдикат (GdP) Јохен Копелке.
Во Австрија се прогласени три дена жалост до петок. Во четврток вечерта ќе се одржи комеморација во катедралата „Свети Стефан“ во Виена, на која ќе присуствува и австриската влада.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Апокалиптични сцени од Турција: силен ветер уништи објекти
Силни ветрови ја погодија северозападната турска провинција Коџаели предизвикајќи значителна материјална штета, при што на повеќе објекти им биле целосно откорнати покривите, јавуваат локалните медиуми.
На снимките објавени од локалниот портал „Коџаели Гундем“ се гледа моментот кога силен ветер подигнува покрив од зграда во населбата Диловаси и го носи од објектот. На друга снимка, објавена подоцна, покривот може да се види речиси неоштетен како лежи на земја.
A massive storm hits #Istanbul, #Turkey. pic.twitter.com/YOzRNoToE4
— Siraj Noorani (@sirajnoorani) January 8, 2026
Дополнителни видеа од местото Хереке прикажуваат куќа што останала без покрив, а предмети од внатрешноста се расфрлани по просториите поради силните налети на ветерот.
Од Кабинетот на гувернерот на провинцијата Коџаели уште во средата било издадено предупредување дека се очекуваат олујни ветрови со брзина од 50 до 70 километри на час, додека во повисоките предели ударите можеле да достигнат и до 80–90 километри на час.
Фото: pexels
Свет
Шефот на гренландска рударска компанија: САД сакаат инвестиции во минерали, преговорите се во тек
САД разгледуваат можност за инвестиции во ископување стратешки минерали на Гренланд, потврди извршниот директор на рударската компанија Аморок, Елдур Олафсон, во изјава за Си-Ен-Би-Си.
Компанијата работи во јужниот дел на Гренланд, каде што се занимава со ископување и истражување на злато, бакар, германиум, галиум и други стратешки минерали. Олафсон наведе дека се водат разговори со американски владини институции за можни инвестиции, но дека договорите сè уште не се финализирани.
Според него, потенцијалната соработка би можела да вклучува договори за откуп, инфраструктурна поддршка и кредитни линии, без да прецизира за кои проекти станува збор.
Портпарол на Стејт департментот изјави дека САД сакаат да изградат долгорочни комерцијални односи кои ќе им користат и на Американците и на народот на Гренланд, додавајќи дека претседателот Доналд Трамп ја истакнал важноста на Гренланд за одбраната на САД.
Интересот на Вашингтон се засилува во период кога Трамп повторно ја нагласува идејата за купување на Гренланд, кој го смета за клучен за националната безбедност. Следната недела американскиот државен секретар Марко Рубио треба да разговара со дански претставници за иднината на островот.
Белата куќа ги гледа богатите минерални ресурси на Гренланд како можност за намалување на кинеската доминација на пазарот на стратешки минерали.
Фото: pexels
Свет
(Видео) Експлозија на гас разнесе станбена зграда во Германија
Три лица, меѓу кои и шестгодишно дете, загинаа во силна експлозија на гас што рано утринава целосно уништи станбена зграда во германскиот град Албштат. Уривањето се случило околу 5 часот наутро во градската населба Тајлфинген, а полицијата потврди дека загинатите се членови на исто семејство на возраст од 33, 30 и 6 години, пренесе Билд.
На местото на несреќата се ангажирани повеќе од 200 припадници на итните служби. Откако семејството првично се водело како исчезнато, спасувачите подоцна ги пронашле нивните тела во урнатините.
Детонацијата била исклучително силна и го вознемирила целото соседство. Еден од станарите изјавил за Шварцвелдер Ботен дека околу 5 часот наутро целата куќа му се затресла, предмети паѓале од полици, а стаклото на влезната врата пукнало. Друга соседка помислила дека станува збор за земјотрес.
Според полицијата, во експлозијата не била уништена само погодената куќа, туку и неколку околни згради биле сериозно оштетени. Соседите биле евакуирани и никој од нив не е повреден. Итните служби им укажале помош, а многумина биле во состојба на шок.
Од безбедносни причини, дотокот на гас во целата улица бил прекинат. Градоначалникот Тралмер изјавил дека нема опасност од нови експлозии и дека се очекува снабдувањето со гас за околните куќи повторно да биде воспоставено во текот на денот.
Фото: pexels

