Македонија
За двајца поранешни министри запрена постапката за трагедијата во Кочани
За 11 лица е запрена постапката и нема да се гонат за трагедијата во Кочани бидејќи немало доволно докази, а меѓу нив се ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, двајца ексминистри за економија, истакна државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Како што појасни, за едно лице постапката е прекината, за друго се прекинува затоа што се работи за веќе починат човек, а за другите девет може да продолжи доколку се најдат дополнителни докази.
Обвинетите делото го сториле со свесно непостапување според прописите и техничките правила за заштита, а некои од нив и со директно општоопасно средство и дејство, со што бил предизвикан пожарот, рече Коцевски.
„Тројца обвинети во својство на одговорни лица, сопственици и управители на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги ‘Класик ДМ’ ДОО Кочани, со подружницата ‘Кабаре Пулс’ – Кочани, односно Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ‘ММММ Кафе’ ДООЕЛ Кочани, со подружницата на правното лице ‘Клуб плус’ – Кочани, од 13.12.2012 година до 16.3.2025 година, во наведениот објект вршеле угостителска дејност иако
објектот не ги исполнувал минимално техничките услови за вршење угостителска дејност во согласност со чл. 6 од Законот за угостителската дејност.
Обвинет е и братот на првообвинетиот како одговорно лице за продажба на влезници и контролирање на бројот на посетители и нивната возраст бидејќи континуирано во договор со својот брат не постапувал според прописите и техничките правила.
Обвинета е и сопственичка, како и правно лице од Кочани, преку кои во 2012 година на барање на првообвинетиот, спротивно на член 47 од Законот за градењето, бил изготвен проект за пренамена на објектот во кој не биле содржани сите фази, односно делови и елаборати, кои задолжително мора да ги содржи основниот проект. Во 2023 година, повторно незаконски, таа му изготвила основен проект користејќи го како образец претходниот документ, при што ја сменила насловната страница како да е документот изготвен во 2023 година за да може обвинетиот и инвеститорот „ММММ кафе“ ДООЕЛ Кочани понатаму незаконито да го користи документот како основа за вршење угостителска дејност и добивање лиценца.
Тројца обвинети во својство на службени лица – овластени градежни инспектори во Општина Кочани, иако биле самостојни во вршењето инспекциски надзор, со непостапување според прописите и техничките правила за заштита, спротивно на своите права и должности предвидени во Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, во целиот период кога биле овластени градежни инспектори воопшто не покренале и не воделе постапка за инспекциски надзор по службена должност за утврдување на фактичката состојба и изведување докази, не наредиле отстранување на неправилностите, и не донеле решение за да го задолжат сопственикот за враќање на објектот во првобитна состојба. Свесни биле дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, но се согласиле со нејзиното настапување и овозможиле ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност – кабаре.
Обвинети се три лица кои во периодот од 2012 до 16.03.2025 година ја извршувале функцијата градоначалник на Кочани.
Во услови кога сопственикот на објектот никогаш не поднел барање за реконструкција со пренамена, градоначалниците не наредиле надзор на овластените градежни инспектори во рамките на инспекциската служба во состав на Општина Кочани спротивно на Законот за инспекциски надзор, не донеле Годишна програма и не подготвиле месечни планови за работа на овластените градежни инспектори за вршење инспекциски надзор на наведениот објект засновани на проценката на ризик со оглед да објектот е место каде што се собираат поголем број посетители и постоела опасност по нивните животи и здравје. За постоењето и работењето на објектот Клуб Пулс никогаш не ги известиле Дирекцијата заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија дека објектот работи без да ги исполнува законските услови за таа намена. Воедно, спротивно и на неколку члена од Законот за заштита и спасување, иако постоел континуиран ризик не презеле мерки за превенција, за ублажување и спречување на настанување на можните опасности од други несреќи и не предложиле план за заштита и спасување кои задолжително се применуваат во објектите за вршење на туристичко угостителска дејност. Без овој објект да биде впишан во регистарот на општината согласно чл.4, чл. 4-а и чл. 4-б од Законот за угостителска дејност, овозможиле на првообвинетиот да плаќа надоместок за вршење на угостителска дејност-кабаре во износ од 4.000 евра, од кои половина биле уплаќани на сметка на општината.
Обвинение е поднесено против управителот на обвинетото правно лице – агенција за обезбедување од Скопје и уште четири лица припадници на обезбедувањето, од кои еден воопшто не поседувал лиценца за да врши физичко обезбедување.
Четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2012 до 16.03.2025 година, како и едно службено лице генерален инспектор кој за целиот тој временски период бил раководител на инспекциската служба во ДЗС, заеднички со особен придонес во извршување на делото, иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и не преземале мерки и активности за заштита на животите и имотот на луѓето од пожари, предвидени во чл.68 од Закон за заштита и спасување.
Обвинетите пет државни службеници, еден државен секретар и двајца министри воопшто не постапиле според прописите или техничките правила за мерките за заштита во текот на целиот временски период објектот спаѓал во категорија на диско клуб, без притоа да ги исполнува пропишаните минимално-технички услови од Законот за угостителска дејност. Во состојба на нецелосна документација за издавање на лиценца воопшто не постапиле согласно чл.24 ст.1 од Правилникот за внатрешна организација и работа на Министерството за економија и не иницирале вршење на вонреден инспекциски надзор до Државниот пазарен инспекторат за проверка на минимално техничките услови. Во обвинението детално се наведени пропустите кај секоја од лиценците поединечно. Во оваа група, за пет лица, меѓу кои двајца поранешни министри, постапката е запрена, бидејќи обемот на прибраниот доказен материјал до овој момент не е доволен за да се покрене обвинение против нив.
Како поединечни случаи, во истрагата се обезбедија докази за еден државен службеник кој постојано ги изготвувал лиценците за “Пулс” и кој директно побарал и примил подарок за себе и за други за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Во 2019 од првообвинетиот побарал и добил 12.000 денари парична награда кои му биле исплатени на неговата банкарска сметка. Во 2024 година, пак, за поголема имотна корист од 226.000 денари на првообвинетиот му изработил две фалсификувани лиценци, кои ги заверил со службениот печат на Министерството за економија, а на кои своерачно се потпишал како да се потпишала обвинетата државна секретарка“, појасни Коцевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

