Македонија
Годишно по 20 македонски студенти ќе добиваат стипендии за студии во Унгарија

Македонските студенти ќе може да користат 20 стипендии годишно за да студираат во Унгарија на унгарски или на странски јазик. Приоритет ќе имаат апликанти што сакаат да студираат во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ), како и медицински и здравствени науки и земјоделство.
Стипендиите ќе се доделуваат за редовни додипломски, постдипломски, едностепени магистерски студии и за докторски студии, а исто така и за скратени студии од три до десет месеци за стекнување академски кредити.
Меморандумот за разбирање, со кој се регулира соработката во рамките на програмата „Стипендиум Хунгарикум“ за периодот 2026 – 2028 година, денеска го потпишаа министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и унгарскиот министер за надворешна политика и трговија, Петер Сијарто.
Меморандумот предвидува студентите да добиваат платена школарина, сместување во студентски домови во кампусот на високообразовната институција или средства за покривање на трошоците за сместување, право на здравствени услуги, користење бесплатни библиотечни услуги, како и месечен надоместок за покривање на основните трошоци.
Министрите Јаневска и Сијарто се согласија дека потпишувањето на меморандумот ги потврдува и ги јакне пријателските односи меѓу двете земји и ја унапредува соработката во областа на високото образование во интерес на развој на општество базирано на знаење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновски: Дигиталниот самит ја става Македонија на мапата на дигитално развиени држави

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во гостување на македонско радио, говореше за Дигиталниот самит кој ќе се одржи во Скопје на 1 и 2 октомври, во Музејот на современа уметност, на кој ќе бидат присутни над 800 учесници од државата, но и од другите земји од регионот и од Европа.
Андоновски истакна дека оваа година самитот е малку реорганизиран, со тоа што ако порано бил само за функционери и членови на владите, сега и граѓаните, бизнис секторот, универзитетите, ќе може да присуствуваат и да ги слушаат говорниците кои се поканети на самитот.
Како главни теми на самитот ќе бидат сајбер-безбедноста и дигиталните услуги, но на самитот ќе се говори и за вештачката интелигенција, најави Андоновски.
„Главен интерес ќе ставиме на сајбер-безбедноста, 3 панели ќе бидат посветени на неа, затоа што имаше голем интерес и од учесниците и од панелистите. Потоа, дигиталните услуги, ќе ја преставиме како што ветив македонската мобилна супер апликација, секако ќе разговараме за дигитален паричник, дигитален идентитет, интероперабилност, нови услуги, поврзување на институциите, иновации, вештачка интелигенција и итн’’, рече министерот за дигитална трансформација.
Во однос на промоција на настанот, Андоновски напомена дека сите панели и свеченото отворање, како и обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски и неговото обраќање ќе бидат дигитално пренесувани на социјалните мрежи.
„Сите заинтересирани кои нема да можат да бидат во можност да присуствуваат на настанот, ќе можат истото да го следат на социјалните медиуми, мислам дека ќе биде одличен настан’’, заклучи Андоновски.
Македонија
Во полициската станица во Пробиштип ќе биде поставена биста на Тоше Тодоровски кој загина во дискотеката „Пулс“

Утре, 27.09.2025 година, во 10.00 часот, во кругот на полициската станица во Пробиштип ќе се одржи свечена церемонија на откривање на спомен бистата на Тоше Тодоровски, кој трагично го загуби животот извршувајќи работни задачи во дискотеката ,,Пулс” во Кочани, соопшти Независниот полициски синдикат.
„Во овие тешки моменти во кои навршија 6 месеци од трагедијата и сѐ уште се чуствува длабока тага и болка не е време за поделби, туку е момент кој треба да не обедини сите кои сочуствуваме со фамилиите кои загубија свои блиски, достоинствено да одадеме почит и да побараме правда за сите“, велат од Синдикатот.
Македонија
МВР објави анкета за неговите услуги

Министерството за внатрешни работи објави анкета да го истражи задоволството на граѓаните од користење на услугите на МВР.
„Во насока на подобрување на квалитетот на услугите во Министерството за внатрешни работи Ве известуваме дека е поставен анкетен прашалник преку кој може да го изразите Вашето задоволство од користењето на услугите на Министерството за Внатрешни работи“, велат од МВР.
Анкетата е објавена на следниот линк: https://mvr.gov.mk/mk-MK/anketen-prasalnik