Свет
Се нуди награда од 50.000 долари за осомничен за двојно убиство во Минесота

Американските власти во Минесота и натаму трагаат по 57-годишниот Венс Лутер Бетлер, осомничен за убиство на демократската пратеничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг, како и за ранување на сенаторот Џон Хофман и неговата сопруга.
Државното Биро за кривични дела на Минесота објави дека Бетлер е висок 195 см, тежи околу 100 килограми, има кафеава коса и очи, и последен пат бил виден вчера во Минеаполис, облечен во светол каубојски шешир, темна кошула со долги ракави и светли панталони, носејќи темна торба.
– Не знаеме дали има соучесници, можно е да бил со други лица. Сакам да ги сослушаме сите што можеби биле во контакт со него, изјави полицискиот претставник Дру Еванс.
ФБИ објави фотографија од Бетлер како стои пред домот на еден пратеник маскиран како полицаец, и понуди награда од 50.000 долари за информации што ќе доведат до негово апсење и осуда.
Бетлер живее во округот Сибли, близу градот Грин Ајл, и работи како директор за безбедносни патроли во приватна фирма. Во минатото бил генерален менаџер во синџир продавници и фабрика за храна.
Во 2016 година бил назначен од тогашниот гувернер Марк Дејтон за претставник од приватниот сектор во Советот за развој на работната сила, организиран од гувернерот. Во истиот совет членувал и сенаторот Хофман, жртвата на нападот.
Засега не е јасно дали Бетлер и Хофман имале лична поврзаност.
Американските власти нападите ги опишаа како „чинови на политичко насилство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Првпат во историјата откриени комарци во Исланд

Комарци се откриени во Исланд, првпат во историјата, откако овој месец беа пронајдени три примероци во Ќос, рурална долина во близина на фјордот Хвалфјордур, објави Исландската национална радиодифузија.
Откритието првично го објави ентузијастот за инсекти Бјорн Хјалтасон во Фејсбук групата Skordyr a Islandi (Инсекти во Исланд). Примероците потоа беа испратени во Исландскиот институт за природна историја за анализа, каде што ентомологот Матијас Алфредсон потврди дека навистина станува збор за комарци.
Видот беше идентификуван како Culiseta annulata, комарец отпорен на студ, вообичаен во северна Европа.
„Многу е веројатно дека комарците ќе станат постојани жители тука“, рече Алфредсон. „Овој вид обично ја поминува зимата во потопли, позаштитени подрачја, како што се подруми и објекти за добиток.“
Иако комарците повремено пристигнувале во Исланд како слепи патници со авиони, ова е првпат да бидат пронајдени како живеат и преживуваат во дивината на исландска почва.
Научниците со години предупредуваат дека комарците би можеле да станат постојани жители на Исланд, особено откако ситните муви успешно се прилагодија на локалната клима во 2015 година.
Откривањето на комарци во Исланд, велат експертите, сугерира дека климатските промени и промените во животната средина им овозможуваат на видовите инсекти отпорни на студ да се шират подалеку на север од кога било досега.
Свет
Новинар: „Кој ја избра Будимпешта како место за средба?“; Белата куќа: „Мајка ти“

Откако американскиот претседател Доналд Трамп најави уште една средба со рускиот претседател Владимир Путин, овој пат во Будимпешта, новинар на „Хафингтон Пост“ ја праша Белата куќа: „Зошто Будимпешта?“.
Токму во унгарската престолнина беше потпишан Меморандумот од Будимпешта во 1994 година, со кој Украина се откажа од својот нуклеарен арсенал наследен од распадот на СССР, во замена за гаранции дека Русија ќе го почитува својот територијален интегритет.
Путин ги прекрши овие ветувања во 2014 година со анексијата на Крим, а потоа и со војната во Донбас, која кулминираше со целосна инвазија на Украина во 2022 година.
„ХафПост“ ја праша Белата куќа кој ја избрал локацијата на средбата. Одговорот дојде брзо. Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, одговори со порака: „Мајка ти“.
For context, S.V. Dáte of the Huffington Post is not a journalist interested in the facts. He is a left-wing hack who has consistently attacked President Trump for years and constantly bombards my phone with Democrat talking points.
Just take a look at @svdate’s feed, it reads… https://t.co/NxWn2mdUsa pic.twitter.com/v7owI5N4us
— Karoline Leavitt (@PressSec) October 20, 2025
Откако новинарот С.В. Дејт ја праша Ливит дали нејзиниот одговор ѝ е смешен, по што следеше нов напад: „Смешно ми е што се сметате себеси за новинар. Вие сте левичарски агитатор кого никој не го сфаќа сериозно – дури ни вашите колеги, едноставно не ви го кажуваат тоа во лице. Престанете да ми ги испраќате вашите пристрасни и глупави прашања“, напиша Ливит.
Подоцна објави јавна порака на официјалниот профил на Белата куќа на платформата X, заедно со снимка од пораката:
„С.В. Дејт од ‘Хафингтон пост’ не е новинар заинтересиран за факти. Тој е левичарски активист кој со години го напаѓа претседателот Трамп и постојано ми го бомбардира телефонот со демократски тези. Погледнете го неговиот профил, изгледа како негов личен дневник против Трамп. Активистите кои се преправаат дека се новинари им прават лоша услуга на медиумите.“
„ХафПост“ одговори велејќи дека ќе продолжи да поставува прашања до портпаролите на Трамп, особено до оние на кои не сакаат да одговорат.
„Училишното малтретирање нема да нè спречи. Слободните и независни медиуми мора да ги постават тешките прашања“, се вели во уредничкиот текст.
Регион
Бугарија може да му дозволи на Путин да прелета над земјата за да се сретне со Трамп во Будимпешта

Авионот што го превезува рускиот претседател Владимир Путин би можел да добие права за прелет над Бугарија, за да може рускиот лидер да присуствува на состанок со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, според министерот за надворешни работи Георгиев, објави државното радио.
„Доколку има напори за постигнување мир, ако тоа е услов за одржување на состанок, тогаш најлогично е да се овозможи состанок од ваков тип на изводлив начин“, рече Георгиев, според извештајот.
Георгиев зборуваше на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Една можна воздушна рута од Москва до Будимпешта ги опфаќа Црното Море, Бугарија и Србија, но бугарскиот воздушен простор е затворен за руски авиони од инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Други рути се протегаат на север, низ Белорусија и Полска или преку Балтичкото Море, Германија и Чешка. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, кои се задолжени за подготовка на самитот Путин-Трамп, разговараа во понеделник, објави руското Министерство за надворешни работи.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде потерница по Путин, а Унгарија е во процес на повлекување од таа меѓународна институција.
Москва го отфрла обвинението на МКС и ја прогласува потерницата по Путин за доказ за непријателството на Западот кон Русија.