Македонија
Најмасовната еколошка акција „Генералка викенд“ годинава со рекордни 55.627 волонтери и над 645.000 килограми собран отпад
Рекордно учество од 55.627 волонтери и повеќе од 645 илјади килограми собран отпад на територијата на сите општини во земјата – ова се резултатите од годинешната петта јубилејна еколошка акција „Генералка викенд“, која се одржа од 9 до 11 мај. Во тридневната акција беа вклучени повеќе од 600 владини и невладини организации и институции, со логистичка и партнерска поддршка од голем број компании, обединети во заедничка цел за почиста и поздрава Македонија.
Главен стратешки партнер на „Генералка викенд“ четврта година по ред е „Пивара Скопје“, а поддршка има и од официјалните партнери: „Пакомак“, „Нула отпад“, Шпаркасе банка, „ЕВН Македонија“, „Макстил“, „Бучим – Боров Дол“, „Саубермахер“ и „Костал“. Акцијата, која е во организација на „Мен енд маунтен“ беше поддржана и од ЗЕЛС и од Црвениот крст на РС Македонија.
Според резултатите, ова е најмасовната и најуспешна екоакција во земјата.
„Ја поздравувам иницијативата ‘Генералка викенд’ како најмасовна волонтерска акција. Ние како Влада и како Министерство за животна средина и просторно планирање ги поддржуваме сите акции во кои се покажуваат силна иницијатива, јака волја, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и за следните генерации. На нашиот пат кон Европа треба да се однесуваме европски. Министерството за животна средина и просторно планирање активно работи на воспоставување на системот на интегрирано и одржливо управување со отпадот“, изјави министерот за животна средина, Изет Меџити.
Во рамките на акцијата беше организирана и едукативната иницијатива „Генералка викенд – ЕКОЧАС“, реализирана во партнерство со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ. Во неа беа вклучени повеќе од 36.000 ученици и 1.900 наставници, кои низ разни активности во своето опкружување придонесоа за почиста животна средина, а резултатите од нивниот труд беа презентирани во училиштата.
Почнувајќи од 2021 година, па досега, во екоакцијата „Генералка викенд“ учествувале над 100.000 волонтери, а собран е повеќе од 1,5 милион килограм отпад“.
„Континуитетот и растот на „Генералка викенд“ во текот на годините се доказ дека ваквите екоиницијативи може да имаат сериозно позитивно влијание во општеството. Резултатите постигнати во изминатите пет години покажуваат дека кога ќе се здружат граѓаните, институциите и бизнис-секторот, промената е неизбежна. Вредноста на оваа акција не е само во бројките, туку во градењето свест – бидејќи ова не е прашање само на чиста околина, туку и на создавање култура на одговорност и грижа. Оваа акција во целост ги поддржува заложбите на ‘Пивара Скопје’ за одржлив развој“, вели Снежана Савиќ-Димовска, директорка на секторот за корпоративни политики и одржливост на „Пивара Скопје“.
Врз основа на меморандумот во траење од 10 години, кој Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и „Национални шуми“ го потпишаа со „Мен енд маунтен“ во 2022 година, договорено е секоја година по завршувањето на „Генералка викенд“ во ноември, да се реализира вториот дел од волонтерската акција наречена „Сончева гора“, акција за пошумување. Според договорот, на секои 10 килограми собран отпад државата посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување. Како резултат на „Генералка викенд“ 2025 година, во согласност со договорот со Министерството за земјоделство и „Национални шуми“ наесен ќе биде засадена следната СОНЧЕВА ГОРА посветена на сите учесници во оваа храбра и инспиративна иницијатива.
„Нашето земјоделство е директно зависно од квалитетот на природните ресурси, а секоја активност што го заштитува животниот простор влијае и на подобрувањето на квалитетот на производите што ги добиваме од природата. Ние сме посветени на продолжување на поддршката за вакви иницијативи, кои имаат долгорочен ефект нврзопштеството и животната средина“, изјави Борче Серафимовски, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамките на овие акции за пошумување, само во изминатите четири години беа засадени над 125.000 садници на разни голи локации: околу езерото „Младост“ во Велес, селото Ќојлија во општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во општина Старо Нагоричане.
По повод петгодишниот јубилеј на „Генералка викенд“, од 17 јуни почнува патувачка изложба – „5 години ‘Генералка викенд’“, која ќе биде поставена во сите ЕУ-хаус центри во земјата. Патувачката изложба ќе почне во Тетово, а потоа ќе патува во Струга, Битола, Струмица, Велес, Крива Паланка и ќе заврши во Скопје во ноември годинава.
„ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е доказ дека со посветеност и преданост можеме заедно да создадеме чуда. И покрај сите проблеми во нашата земја, луѓето покажуваат дека имаат моќ за обнова. Благодарност до волонтерите и до луѓето во општините“, се заблагодарија Гордана Софија и Ханес Јекл од „Мен енд маунтен“.
„Генералка викенд“ е најголемата и најмоќна граѓанска екоакција во земјата, која ги поврзува институциите, граѓаните, младите, компаниите и медиумите во заедничка мисија – живот во чиста, здрава и зелена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

