Спорт
Волф: Потегот на Ред Бул е патетичен и мизерен

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, изјави дека потегот на Ред Бул да поднесе приговор по победата на Џорџ Расел во Канада е „жалосен и мизерен“.
По трката во Монтреал, Ред Бул поднесе жалба во која се наведува дека Расел „возел непредвидливо и невнимателно“, и дека „ направил неспортски потег во време кога на патеката имало безбедносно возило“. И двата приговори беа отфрлени.
Пред официјалната премиера на филмот Формула 1, Тото Волф разговараше со новинарите на оваа тема. И не ги поштеди своите ривали, кои веќе двапати поднесоа жалби против возачот на Мерцедес оваа сезона. Во Мајами, тврдеа дека тој не забавил откако безбедносното возило излезе на патеката.
„Најпрвин, на Ред Бул му беа потребни два часа за да поднесе жалба. Искрено, тоа е толку жалосно и мизерно. Го направија тоа во Мајами. Сега поднесоа два жалби, а една повлекоа бидејќи беше смешна. Доаѓаат со некои чудни клаузули, барем ги нарекуваат клаузули. Мислам дека ФИА и не мора да ги разгледа затоа што е нереално“, рече Волф.
„Се тркаш, победуваш или губиш на патеката. Беше фер победа, како многу пати претходно. Ова е срамно“, додаде тој.
„Тие сами повлекоа една жалба, дури и не следеа што се случува затоа што знаеја дека нема смисла. Ни требаа пет часа за другата. Дури и не знам што мислеле под неспортско однесување. За што се работи? Кој одлучува за тоа? Затоа сум сто проценти сигурен дека не е идеја на Макс, тој е возач, тркач. Тој никогаш не би се пожалил за толку тривијална работа.“
Шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, зборуваше за истото, на истото место, и рече дека не жали што е поднесена жалбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Стојковиќ: Одговорноста за поразот од Албанија е само моја

Фудбалската репрезентација на Србија доживеа пораз од Албанија со 0-1 во Лесковац, сериозно загрозувајќи ги шансите за пласман на Светското првенство. Навивачите на трибините скандираа „Пикси, оди си“, а селекторот Драган Стојковиќ ја прифати одговорноста.
„Јас сум виновен, јас сум предводник на селекцијата и ја преземам целата одговорност. Апелирам да не ги критикувате фудбалерите, вината е целосно моја. Ни на крај не ни доаѓаше во мислите дека ќе го загубиме мечот од Албанија. Примивме гол по прекин на играта, во второто полувреме се обидовме да израмниме, но не успеавме. Албанија беше добро организирана во одбраната“, изјави Стојковиќ по мечот.
Следен натпревар за Србија е против Андора, но останува неизвесно дали Стојковиќ ќе остане на селекторската позиција.
Спорт
ВИДЕО: Албанците ја шокираа Србија во Лесковац, Португалците славеа и покрај промашениот пенал на Роналдо

Фудбалската репрезентација на Албанија изненади на гостувањето кај Србија во Лесковац, славејќи со 0-1. Голот за гостите го постигна Реј Манај во завршните моменти на првото полувреме, додека тимот на Драган Стојковиќ – Пикси одигра под очекувањата. Сега на Србија сериозно и е загрозен пласманот на Светското првенство во 2026 година.
🚨 Rey Manaj 45′ +1
World Cup Qualification | 🏆 Serbia 0-1 Albaniapic.twitter.com/VHmftaAMia
— Goals Xtra (@GoalsXtra) October 11, 2025
Кристијано Роналдо промаши пенал за Португалија, но тоа не ја загрози победата на неговиот тим, кој со голот на Рубен Невеш во 90-тата минута го освои триумфот.
Турција ја декласираше Бугарија на гости со 1-6, додека Италија славеше против Естонија со 1-3. Шпанија на домашен терен го победи Грузија со 2-0, благодарение на головите на Пино и Ојаразбал, додека Феран Торес промаши пенал.
Спорт
Александар Стојанов замина од тренерската позиција во Беласица

Македонскиот фудбалски второлигаш Беласица ќе ја продолжи сезоната со нов тренер. Александар Стојанов поднесе оставка од функцијата шеф на стручниот штаб по двата последовни порази на струмичкиот второлигаш.
Тимот имаше одличен почеток на сезоната – пет победи и едно реми во првите шест кола. Сепак, неуспесите против Осогово и Шкендија Арачиново ја променија ситуацијата.
„Во спортот победите и поразите одат заедно. По два порази по ред ја преземам целата одговорност. Дадов сè од себе за клубот, но кога не оди – време е да се направи чекор назад“, рече Стојанов по оставката.
Иако Беласица има најдобар старт во последните години, тимот ќе мора да продолжи без својот досегашен стратег. Клубот во следните денови ќе го објави името на новиот тренер.