Спорт
Марјан Илиевски ја презеде кошаркарската репрезентација на Македонија
Извор/ kfsm.mk
Марјан Илиевски, поранешен тренер на Пелистер, Приштина, Блокотехна, Кожув и Лирија, на денешната прес-конференција, одржана во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, официјално е промовиран во нов селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија.
Инаку, 49. годишниот стручњак, во својата играчка кариера бил играч на голем број на македонски клубови како Неметали Огражден, Куманово, МЗТ Скопје, Никол Ферт.
Првиот официјален натпревар за него и за неговите соработници, меѓу кои се поранешниот тренер на МЗТ Скопје Аеродром и помошник во повеќе европски гиганти, Боби Митев, Борче Даскаловски, некогашен предводник на Карпош Соколи и на МЗТ Скопје Уни Банка, скопски Вардар, и Мирко Петрески, кој во минатото беше селектор на младинската селекција, а изминативе години беше помошник во турскиот тим Бурса, ќе биде на големиот национален празник – Илинден.
Новиот селектор на македонската репрезентација Марјан Илиевски е свесен дека го очекува тешка работа на функцијата.
Националниот тим немаше добри резултати во претходниот период, а дополнителен проблем е тајмингот во кој се играат натпреварите од претквалификациите за Светското првенство што ќе биде прва задача за Илиевски. Голем дел од кошаркарите во август се на одмор, но најважно е тоа што подготовките треба да почнат во јули.
„Му благодарам на раководството на Кошаркарската федерација за честа да бидам на оваа позиција на која сум сега. Им благодарам и на моите соработници за поддршката и очекувам максимален ангажман од нив.
Неблагодарно е да зборувам за моменталната состојба, сега ќе правиме планови за иднината. Треба сите заедно да се вклучиме во работата на репрезентацијата, како ние, така и клубовите и медиумите. Потребно е да разговараме за кошарката и репрезентацијата за тоа како би се движеле во иднина за да ја подобриме ситуацијата во нашиот спорт. Не е прифатливо за мене да дојдеме до опструкции од клубовите бидејќи тие се неоходен дел од оваа операција.
Стартната позиција на која се наоѓаме е тоа дека дел од главните играчи нема да можат да бидат присутни во августовскиот циклус. Сепак, сакам да разговарам уште еднаш со нив и да ги поставиме работите на своето место. Дури тогаш ќе знаеме со каков ростер ќе располагаме. Ако ги немаме главните играчи, периодот за почеток на подготвки (10 јули) е многу доцна, особено ако се подмладува репрезентацијата. Ни од натурализираните играчи немаме потврда, за Шортс уште трае сезоната. Тоа значи дека во моментов не знаеме каков тим ќе имаме, а со тоа и какви ни се амбициите“ – рече Илиевски.
На 2. август, на почетокот на втората фаза од претквалификациите за пласман на Светскиот Куп 2027 година, на свој терен, ќе ја пречекаме репрезентацијата на Романија. Во овој дел од ФИБА календарот, во текот на август, нашата најдобра селекција ќе одигра вкупно четири натпревари од групата „Б“ во која е уште и селекцијата на Унгарија.
Двете најдобри селекции од групата ќе обезбедат место во квалификацискиот систем додека последнопласираниот тим ќе падне уште подолу, па ќе мора да игра во првиот претквалификациски круг за место на Европското Првенство во 2029 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дејвид би можел да го напушти Јувентус
Канадскиот напаѓач Џонатан Дејвид (25) е незадоволен од својата минутажа во Јувентус и би можел да го напушти клубот од Торино во зимскиот преоден рок, објавија италијанските медиуми.
Дејвид постигна 25 гола и 12 асистенции во Лил минатата сезона, а во јули се пресели во Јуве како слободен играч. Со „Старата дама“, Дејвид потпиша петгодишен договор.
Иако оваа сезона одигра 12 натпревари, не успеа да се етаблира како стандарден играч во првиот тим. Во тие 12 натпревари постигна само еден гол.
Италијанските медиуми тврдат дека новиот тренер на Јувентус, Лучијано Спалети, би можел да има слух за канадскиот репрезентативец и да му даде поголема улога.
Спалети, кој го наследи Игор Тудор, дебитираше на тренерската клупа на Јуве во саботата, со победата над Кремонезе (2:1), но Давид влезе во игра дури во 85-тата минута.
Исто така, малку е веројатно дека Дејвид ќе биде во почетниот состав за вечерашниот натпревар од Лигата на шампионите против Спортинг.
Спорт
Стефано Пиоли доби отказ
Сопствениците на Фиорентина го отпуштија Стефано Пиоли. „Виолетовите“ со Пиоли на клупата не забележаа ниту една победа во првите 10 рунди во Серија А.
Фиорентина под Пиоли освои само четири поени и се наоѓа на последната позиција на табелата.
Кога пристигна во средината на јули оваа година, потпиша договор до јуни 2028 година, па Фиорентина веројатно скапо ќе ја плати оваа непланирана разделба.
Помеѓу Фиорентина и Милан, кого го водеше 240 пати и го освои италијанското првенство во 2021/22 година, Пиоли имаше и краток престој во Ал-Наср.
Спорт
Спанулис и во иднина ќе ја предводи Грција
Легендарниот кошаркар, а сега тренер Василис Спанулис, останува селектор на грчката репрезентација. Ова во вторникот официјализираше Кошаркарскиот сојуз на Грнција.
Спанулис им донесе бронза на Грците од овогодинешниот Евробаскет. Тоа беше и првиот медал на Грција на големо натпреварување од 2009 година. Затоа во националниот Сојуз веднаш му понудија нов договор.
Во исто време, легендарниот Грк ќе продолжи да работи во вицешампионот на Евролигата, Монако, а неговата следна цел кога станува збор за репрезентацијата ќе биде да ја однесе Грција на Мундобаскетот во 2027 година.
Спанулис е на клупата на грчката репрезентација од октомври 2023 година, а ја водеше оваа репрезентација на Олимписките игри во Париз една година подоцна.

