Македонија
Мицкоски: Со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа
„Ние сме новата надеж. Ние сме промената која не се плаши да се соочи со предизвиците, да ги поправи грешките и да постави правичен ред и правда. Владата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ја презеде одговорноста во време кога економијата беше во криза, кога граѓаните беа загрижени и разочарани. Но денес, со гордост можеме да кажеме дека нашата држава е една од најбрзорастечките економии во Европа со четвртиот највисок економски раст на бруто домашниот производ“, кажа премиерот Христијан Мицкоски на вчерашниот настан по повод 35-годишнината на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски во текот на своето обраќање посочи дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите.
– Сепак, ние не треба да се фалиме со бројките. Знаеме дека овој раст не е доволен, дека народот сè уште не го чувствува подобрувањето во својот секојдневен живот. Затоа упорно работиме на санирање на штетите од минатото, на создавање стабилна и предвидлива економија, на отворање на нови работни места, подобрување на услови за сите работници, посебно младите, земјоделците и пензионерите, кажа тој.
Премиерот се осврна и на надворешната политика при што укажа дека надворешна политика е принципиелна и се темели на заштита на заедничка историја, култура и идентитет.
– Македонија нема повеќе да биде земја на понижување и предавство. Нашата надворешна политика е достоинствена, принципиелна и се темели на заштита на нашата заедничка историја, култура и идентитет. Не можеме да дозволиме да не кодошат во странство оние кои треба да бидат чувари на националните интереси. И да не мислат дека ветувањата за отстапки, деградации и понижувања ќе ги донесат повторно во Владата. Народот е свесен и нема да дозволи повторно да биде измамен. Она што Венко Филипче го направи во Атина само не потсети дека кодошењето на сопствената земја не е туѓо и не смее да се заборави, за да не се повтори, вели тој.
На крај премиерот Мицкоски порача:
„Ние не сме тука за да изградиме праведно општество, во кое нема да има непривилегирани, туку напротив ние сме тука за да изградиме општество во кое ќе нема привелигирани. Тука сме за да изградиме правда за сите. И за тоа ќе бидеме безмилосни кон секој кој ќе ја злоупотреби довербата на народот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

