Македонија
Агенцијата за храна контра кочанскиот градоначалник по видеото со пицеријата

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро го осудува, како што вели, обидот на в.д градоначалникот на Општина Кочани, Венко Крстевски, за оцрнување на стручноста и професионалноста на АХВ и нејзините вработени инспектори, преку социјалните мрежи глумејќи инспектор во угостителски објекти, за кои тврди дека се дивоградби.
„Професионално, АХВ не навлегува во ингеренциите на други иституиции, но, за наводите на в.д градоначалникот во однос на работењето на АХВ, само го информираме дека Агенцијата не издава никакви HACCP дозволи како што тврди тој во јавноста, туку ја контролира работата на оператрите со храна, само и исклучиво од аспект на исполнетост на општите и посебните услови за безбедност согласно законските и подзаконските акти кои ја уредуваат оваа материја, регистрирајќи ги како оператори со храна во регистарот на институцијата“, велат од Агенцијата.
Токму според овие прописи, како што се додава, в.д гардоначалникот не е овластено лице и не смее да врши контрола кај операторите со храна која се подготвува во угостителските објекти кои тој “ги контролира” и која може да ја контаминира, влегувајќи во кујните без заштитна облека и поседување на санитарна книшка за потврдување на неговиот личен здравствен статус.
„Во ниту едни прописи, ниту во националните, ниту во европските, не е дефинирано дали и какви фуги треба да има на плочките во кујните, а вработените лица во двете засебни кујни може да користат посебен санитарен јазол, што, како што беше јасно од видеото дека од угостителот е обезбедено, како засебно од она наменето за гостите“, велат од АХВ.
Пред два дена Крстевски влезе во пицерија во градот и пренесуваше видео на социјалните мрежи, коментирајќи дека се пуши во затворен простор, има приклучок за струја во објект кој е дивоградба, има само еден тоалет и за мажи и за жени, и има две кујни како посебни објекти, од кои едната нема тоалет. Крстевски на 18 јуни до Кочанското обвинителството поднесе кривична пријава против угостители за узурпација и бесправна градба, за кои рече дека работат надвор од законски прописи и стандарди, загрозена е безбедноста на жителите и гостите, а институците не смеат да дозволат да се случи „Пулс 2“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Мицкоски му дели задачи на Орце, како што ѝ делеше и на Арсовска“, велат од СДСМ

„Христијан Мицкоски повторно сака да биде во улога на шпицен градоначалник и им дели задачи на кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Овој пат на Орце Ѓорѓиевски, исто како што беше случајот со Данела Арсовска“, велат од СДСМ.
„Скопјани добро се сеќаваат: кога Мицкоски и Арсовска делеа задачи и бизниси, сè им функционираше. Заедно ветуваа бесплатен превоз, а Мицкоски највуваше 100 нови електрични автобуси, па дури и фабрика за производство.
Но, се скраа за рацете во медот и го заглавија главниот град во хаос.
Последниве четири години со ВМРО-ДПМНЕ на власт во Скопје видовме што значи тоа, целосно игнорирање на интересите на граѓаните. Видовме што значи партијата и партиските интереси да се стават пред здравјето на луѓето, видовме што значи заради политички инает да се уништи градот, претпријатијата и со тоа животот на граѓаните.
Денеска ја гледаме истата шема. Со Мицкоски и Ѓорѓиевски скопјани може да очекуваат нови разочарувања, нов хаос и нови бизнис-договори на грбот на граѓаните.
Скопје заслужува повеќе. Скопјани очекуваат решенија, искреност и политики што носат резултати. Очекуваат чист, уреден, културен град со градоначалник што ќе работи со визија и план, а не нова Арсовска по диктат на Мицкоски“, соопшти СДСМ.
Македонија
Минатата недела „пајакот“ кренал 99 возила во Општина Центар

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 17.08.2025 до 24.08.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 99 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Македонија
ДУИ: Мицкоски на погрешен пат, неуспесите не се покриваат со клевети

„Изјавите на премиерот Мицкоски и неговите повторни клевети зборуваат повеќе за неговата мака отколку за ДУИ. Наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област – од економијата до меѓународната изолација – тој се занимава со празни напади кон ДУИ“, велат од Демократската унија за интеграција.
„Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни: зошто неговата влада го крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми, зошто ја инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година.
ДУИ не може да остане рамнодушна кога се крши Охридскиот мировен договор – документ од суштинско значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата. Обидот на Мицкоски да создаде политички „кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување. Ова не придонесува за кохезијата на општеството, ниту за политичка стабилност.
Мицкоски, претставувајќи се како патриот и бранител на македонската кауза, всушност му штети на сопствениот народ. Ударот врз Охридскиот договор не ја унапредува државата, туку ја осиромашува и ја загрозува нејзината европска перспектива.
Нас не нè интересира дали сме или не сме во власта – туку да ја придвижиме државата напред, да ја извадиме од ќорсокак. Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината.
Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на „српскиот свет“, со јасна ориентација кон оската Белград–Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство.
Што се однесува до обвиненијата за криминал и корупција, одговорот е едноставен: прифатете го предлогот на ДУИ за целосен ветинг. Не ги штитете олигарсите и не ја блокирајте чистката на политиката од криминал. Не ги бранете корумпираните политичари, без разлика кој се. Нека има истрага за потеклото на имотот на секој политичар и секоја политичка партија. Нека има истрага за процесот на приватизација. Нека има истрага за активностите на безбедносните служби и за сите функционери од 1945 година наваму – од ОЗНА, УДБА, СДБ, ДБК, УБК, АНБ. Ова е предлогот на ДУИ, прифатете го.
ДУИ е и ќе остане гаранција за стабилноста, достоинственото претставување и европската иднина на државата. Мицкоски треба да знае: клеветите не ги покриваат неуспесите, ниту погрешната насока на оваа влада. Одговорот на граѓаните ќе дојде во октомври – и тој ќе биде јасен“, се наведува во соопштението од ДУИ.