Македонија
За една година двојно зголемен бројот на пријавени убиства во Македонија, покажува извештајот за работата на обвинителствата
Зголемен беше обемот на работа на јавните обвинителства во текот на 2024 година, покажа Годишниот извештај за работата на обвинителствата, што го објави Јавното обвинителство.
Во текот на 2024 година, основните јавни обвинителства во државава постапувале против вкупно 37.255 сторители на кривични дела, од кои новопримени беа пријави против вкупно 25.909 сторители на кривични дела. Споредбата на податоците покажува дека во извештајната година се регистрира значително зголемување на бројот на новопријавени сторители на кривични дела во однос на претходната година (за околу 10 oтсто), како во однос на полнолетните сторители, така и во однос на децата.
„Ако се има предвид континуираното намалување и на бројот на јавни обвинители и на бројот на јавнообвинителските службеници во изминатите години, кое продолжи и во текот на извештајната 2024 година, како и недоволниот обем на средства кои се доделуваат за истражните дејствија и за работата на обвинителствата кои се далеку под законски утврдениот минимум, јасно е дека ваквиот зголемен прилив на предмети во јавните обвинителства претставува дополнителен предизвик за капацитетите“, се констатира во Извештајот.
Зголемениот обем на работа и предмети по кои постапувале јавните обвинителства во 2024 година се согледува и преку општ раст на бројот на постапки за кривични дела од речиси сите глави во Кривичниот законик.
Според извештајот, особено очигледен е растот на бројот на пријави и предмети за дела против безбедноста на јавниот сообраќај, вклучувајќи и Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 од КЗ, но и полесните дела од областа на сообраќајот. Раст се забележува и во бројот на примени пријави (за дури 40%), но и во бројот на поднесени обвиненија. Ова укажува на неопходноста од јакнење на казнената политика и другите мерки во насока на превенција на овој тип кривични дела.
Согласно статистичките податоци од постапувањето на јавните обвинителства, во извештајната година е забележано зголемување и на бројот на кривични пријави за дела од Глава XIV од КЗ – Кривични дела против животот и телото, каде влегуваат убиства, тешки телесни и телесни повреди, учество во тепачки, загрозување со опасно орудие при тепачка и караница и други.
Извештајот нотира дека особено забележителен раст има во бројот на убиства квалификувани во потежок облик, каде бројот на пријави е речиси удвоен во однос на претходната 2023 година.
Целосниот текст на Годишниот извештај со статистичките податоци за работата на обвинителствата и структурата на криминалитетот е достапен на следниот ЛИНК.
Јавното обвинителство изготви и посебен извештај за примената на посебните истражни мерки, согласно кој забележително е дека бројот на случаи во кои се применувале посебни истражни мерки во текот на 2024 година има значителен тренд на намалување во однос на 2023 година (35 случаи во однос на ланските 87 случаи), меѓутоа податоците за опфатот на лица и предмети покажуваат дека овој вид мерки и натаму се користат како исклучително важно средство за обезбедување докази.
Така, во текот на извештајната година, под опфат на посебни истражни мерки биле вкупно 363 лица со утврден идентитет, 8 лица со неутврден идентитет и 163 предмети на кривично дело. Вкрстувањето на податоците според бројот на случаи и бројот на опфатени лица и предмети недвосмислено укажува дека во извештајната 2024 година бил заземен посложен пристап за примена на посебните истражни мерки, со комбинирање на повеќе видови мерки во еден предмет и со опфат на повеќе лица и предмети со цел поефикасно обезбедување на доказите.
Извештајот за примена на посебните истражни мерки во 2024 година е достапен на следниот ЛИНК.
Согласно член 55 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител го поднесе извештајот до Собранието , на разгледување го достави до Советот на јавните обвинители, а за запознавање е доставен и до Владата, Врховниот суд и до Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.

