Македонија
Осамна 100 ден по трагедијата во Кочани, веќе не молчиме, не простуваме: пораки на граѓаните низ центарот на Скопје
Осамна 100-тиот ден по трагедијата во Кочани. Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Ветивме дека нема да заборавиме. За разлика од системот кој направи сè за да нè дефокусира и дискредитира, велат од граѓанското движење „Кој е следен“, потсетувајќи на 100 дена од трагедијата во Кочани.
„Викендов ве прашавме што би му порачале на системот на 100-тиот ден од трагедијата. И те како имавте што да кажете. Од тага и бол, преку гнев и бес, сè до јасни, недвосмислени повици за борба, за слобода, за правда.
Утрово ги закачивме вашите пораки, на кои додадовме и наши, на разни локации во центарот на градот. Ако градските служби не биле доволно ажурни, веројатно повеќето можете сè уште да ги видите.
Денес, сите заедно на системот му испративме вкупно 100 пораки од 100 различни гласа кои го артикулираат она што сите го мислиме и чувствуваме“, појаснуваат од ова движење.
Овие 100 крика за подобар систем, како што велат, не се само минливи желби и фантазии, ниту реторички прашања, туку критики за овој систем што нè убива.
„Наведнатата глава не ни помага, сабјата упорно нè сече. Затоа, мораме да ги дигнеме главите и да ги здружиме, и заедно да смислиме подобар систем кој ќе го брани животот, а не профитот.
Кочани, најдлабоко ти се извинуваме што дозволивме ова да ти се случи за да ни ги отвори очите. Но, сега нема назад. Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме.
Правда мора да има“, порачуваат од „Кој е следен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претпладне појава на слаба магла, во текот на денот сончево и тивко
Во утринските часови ќе има појава на магла по котлините. Во текот на денот ќе биде претежно сончево и тивко, освен во југоисточните делови каде ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на слаба магла. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата нашата држава ќе биде под влијание на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.

