Македонија
Историски шамар за ВМРО-ДПМНЕ од сопствените сојузници во европскиот парламент, велат од СДСМ
СДСМ оценува дека денешното однесување на Европската народна партија (ЕПП), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, е директен историски дипломатски пораз за Христијан Мицкоски и неговата партија.
Предлог-амандманот за воведување на формулацијата „модерен македонски јазик“ не само што доаѓа од редовите на ЕПП, туку е поднесен токму од нејзиниот координатор Михаил Галер – член на германската ЦДУ, партија која ВМРО-ДПМНЕ со години ја нарекува свој стратешки и идеолошк партнер, велат од СДСМ.
Овој амандман, како што појаснуваат, претставува сериозен удар врз позициите на Република Северна Македонија, но и суштинско понижување за ВМРО-ДПМНЕ, која се претставува како „бранител“ на македонскиот јазик.
„Наместо поддршка, од своите европски пријатели добија дипломатска шлаканица што го доведува во прашање влијанието на ВМРО-ДПМНЕ во својата матична групација.
Дополнително загрижува што ЕПП најави дека ќе го поднесе истиот амандман и на пленарната седница – што значи дека ова не е изолиран инцидент, туку координиран став во кој ВМРО-ДПМНЕ или учествува или молчи.
Во исто време, извештајот на Европскиот парламент содржи клучни пораки што ја разоткриваат вистинската слика за неработењето на новата власт во однос на ЕУ интеграциите, односно има јасен повик за итен напредок во уставните измени и реформите поврзани со ЕУ и загриженост за назадување во борбата против корупцијата и за судската независност“.
СДСМ, додаваат од партијата, уште еднаш апелира до власта да прекине со политички манипулации дома и да престане со надворешна политика водена од дневно-партиски калкулации.
Според нив, дипломатијата не е театар за домашна употреба, а цената на ваквите авантури ја плаќа целата држава.
„Ова не е само пораз за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ова е нов аларм дека европскиот пат е сериозно загрозен со оваа власт“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костовски: Левица гласаше против поликлиника, водовод, мостови, финансиска помош за новороденчиња
Левица Бутел тргна цврсто по стапките на ДУИ во општина Бутел, отворено гласаше против се што ќе набројам, пишува градоначалникот Дарко Костовски на социјалните мрежи.
„На седница за буџет, советникот на Левица Бутел гласаше против:
-Нова поликлиника
-Доизградба на водоводот за Љубанци и Љуботен
-Традиционален турнир во Баскет во Радишани
-Традиционален турнир во фудбал за загинати бранители во Љубанци
-Нов мото собир во Бутел
-Детска градинка во населеното место Бутел 2
-Нова фасада на ООУ СВ Климент
-Изградба на пливачки затворен базен во ООУ “Ацо Шопов”
-Нови мостови на река Серава во Радишани
-Уредување и чистење на речното корито на Река Серава
-Финансиска помош за новороденчиња
-Реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел
-Реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици
-Изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација
-Изградба на нови спортско рекреативни центри
-Радишани
-Бутел 1, два спортски центри
-Нови детски игралишта
-Нови спортски игралишта
-Нов пешачки и пристапни патеки
-Поддршка на спортски клубови
-Спортски стипендии
-Парична помош за пензионерите
-Зголемен број на финансиски средства за помош на социјално загрозени семејства
-Финансии за културни и спортски настани
Добро е и тие малку граѓани што гласаа за Левица во Бутел да видат за што гласале, тој глас полека директно се претвара во глас за ДУИ. Одговорно тврдам.
Се надевам ова ќе ми биде последниот статус кога ќе направам равенство помеѓу Левица и ДУИ. Дека последен пат ќе се сомневам дека соработуваат. ДУИ ги интересира само згради во Бутел и тоа веќе на сите е јасно, Левица нема “причина” да биде неразумна !
Давам можност и време да се вразумат. Искрено го правам тоа.
Бутел ќе се развива се повеќе, и ќе се чува се повеќе, нема да дозволам бандити пак да ја водат општината. Затоа што народот јасно покажа каде да се движиме“, додава Костовски.
Македонија
Ведро, но студено утро време, сончев ден со северен ветер
Времето утре наутро ќе биде ведро и многу студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 5 до 12 степени.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 6 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови времето ќе биде стабилно и студено со ниски утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни и наместа ќе се спуштат до -10 степени. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Македонија
Утре прекин на водоснабдувањето во Маџир Маало
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре (29 декември 2025 година, понеделник) поради изведување на водоводен приклучок Ф200 мм на улица Титовелешка б.б., ќе има прекин во водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците од населбата Маџир Маало, на подрачјето на Општина Центар.
Прекинот ќе започне од 10:30 часот и ќе трае до завршување на работните активности, соопштуваат од јавното претпријатие.
Фото: pexels

