Македонија
(Видео) Кузеска: Една година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, понижени работници со најниски плати во Европа
За една година власт, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ја претворија Македонија во земја на понижени работници, посиромашни граѓани и опасно задолжена држава, оценува портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, поразителни се податоците на Евртостат, работниците во Македонија денес се на дното на Европа, со најниски плати и најнизок животен стандард.
Наместо „горди работници“, вели таа, имаме понижени луѓе кои со тешка мака ја преживуваат секоја недела.
„Над 70% од вработените живеат со плата под 500 евра. Средната класа исчезнува, а младите масовно заминуваат.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема план, нема политика, нема решенија. Економијата оди надолу.
СДСМ предложи зголемување на минималната плата – ВМРО-ДПМНЕ го блокираше предлогот. СДСМ предложи раст на платите во приватниот сектор – ВМРО-ДПМНЕ одби. За ВМРО-ДПМНЕ, работникот не постои.
Додека функционерите на власт се гоштеваат со папаја и манго работниците се оставени сами.
Куповната моќ на граѓаните е срушена. Во последните 12 месеци цените растат, платите стојат. Животот станува борба – не за подобра иднина, туку за еден оброк повеќе. Инфлацијата расте до над 4%, реалната куповна моќ падна за над 20%“.
И покрај економската катастрофа, Владата, додава Кузеска, создаде долг од речиси 8 милијарди евра за само една година.
„Без план, без контрола, без капитални инвестиции. Пари земени во четири очи од приватни банки, без гаранции, без отчет. Македонија нема направено ваков долг ни во 35 години постоење!
Во меѓувреме, фирмите чекаат со месеци поврат на ДДВ, државата должи стотици милиони. Економијата е заглавена, стандардот е срушен, народот е понижен.
Со оваа власт најлошото допрва доаѓа“, оценува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Под влијание на циклонска активност, денеска ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините од снег, информира УХМР.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, денеска ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

