Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња на територија на гробиштата Бутел, алармира ЈП „Лајка“

Јавното претпријатие „Лајка“ алармира за сериозен пораст на случаи на напуштање на домашни кучиња во околината на градските гробишта Бутел.
„Во последниот период, нашите теренски служби и граѓански пријави укажуваат на континуирано напуштање на кучиња од страна на неодговорни сопственици, кои од различни делови на градот ги доведуваат животните на оваа локација и ги оставаат“, велат од таму.
Оваа појава, велат од „Лајка“ покрај тоа што претставува суровост кон животните, сериозно го нарушува и јавното здравје, безбедноста на граѓаните, како и функционирањето на објектите од јавен интерес на таа територија. Напуштените кучиња, често нестерилизирани, се размножуваат, гравитираат низ поширокото градско подрачје и го усложнуваат предизвикот на контрола на популацијата на бездомни животни.
ЈП „Лајка“ апелира до граѓаните да не напуштаат животни – тоа е казниво дело согласно Законот за заштита и благосостојба на животните, да пријавуваат вакви случаи до надлежните институции, со можност за доставување видео или фото докази и да се информираат за можностите за вдомување, стерилизација и одговорно сопствеништво.
Истовремено, ЈП „Лајка“ во соработка со инспекциските служби ќе ги засили контролите и ќе поднесе пријави против сите лица кои ќе бидат фатени во ваков прекршок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со низа македонски изведувачи и една од најпопуларните светски музички ѕвезди Кисела Вода слави роденден

Од утре, со низа македонски изведувачи и една од најпопуларните светски музички ѕвезди, легендата на хаус сцената и добитник на Греми награда Роџер Санчез, започнува Културното лето и одбележувањето на јубилејниот 70 роденден на нашата општина Кисела Вода.
-Се работи за низа културно-забавни случувања кои започнуваат од утре, четврток и финишираат на 29 јуни. Културното лето ќе се одвива во четири вечери, на 26, 27, 28 и 29 јуни, на две локации – во Расадник (платото пред салата ,,Расадник”) и кај Крстот во Драчево.
Утревечер, од 20:30 часот Диџеј сет ќе имаат DJ Mats, DJ Ampov и DJ Dean Mickoski, а по нив, настапува мега популарниот светски артист и продуцент – ROGER SANCHEZ!
Следејќи го концептот за шареноликост на музичките стилови и константност во однос на квалитетот на понудата, Културното лето на Општина Кисела Вода, утредента, на 27.06. со почеток од 20:30 часот продолжува кај Крстот во Драчево, каде ќе настапат КУД Китка, Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска и КАРОЛИНА ГОЧЕВА.
Во сабота, 28.06., исто од 20:30 часот во Расадник, ќе ве забавуваат Next Time, 2Bona и Слаткаристика.
Во недела, денот ќе започне од парк ,,Македонија” во 10:30 часот, со богата детска програма во која се вклучени аниматори, забавувачи, децата од сите детски градинки, а во игрите без граници ќе можат да се приклучат и децата кои ќе одлучат да дојдат на настанот како публика. Ќе има и многу музика за сите присутни.
Вечерта во Расадник, од 20:30 часот стартува финалната вечер.
За одличната забава ќе се погрижи Теа и 2Exit, а со стенд-ап ќе ве насмејат Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски.
Водители на настаните ќе бидат Сашко Коцев, Драгана Левенска, Миро Кацаров и Верица Донев“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Ринкевичс: Латвија се залага за проширување на ЕУ со нови членки

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на Република Латвија Едгарс Ринкевичс на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, на којашто искажаа задоволство од развојот на билатералните односи.
Тие нагласија дека двете држави пред речиси три децении воспоставија дипломатски односи коишто се карактеризираат со отворен, интензивен политички дијалог.
Претседателот Ринкевичс ѝ упати покана на Сиљановска-Давкова и официјално да ја посети Латвија.
Претседателката истакна дека Латвија е наш значаен партнер во НАТО и во Обединетите Нации и додаде дека ја цени принципиелната и доследна поддршка кон државава, како за време на процесот на пристапувањето во НАТО, така и во однос на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ.
Нејзиниот латвиски колега ги поздрави спроведените реформи, како услов за влез во Унијата и ја потврди поддршката за македонската евроинтеграција, потенцирајќи дека Латвија се залага за проширување на Унијата со нови членки.
Македонија
Сиљановска-Давкова од Хаг повика да се деблокира процесот на проширување

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на Состанокот на Северноатлантскиот совет, на Самитот во Хаг, на којшто истакна дека НАТО се соочува со бројни закани и за да се зачува мирот и безбедноста, потребна е колективна одбрана.
Осврнувајќи се на конвенционалните и хибридните предизвици и закани, Сиљановска-Давкова истакна дека земјава е посветена на својот фер дел од товарот.
Потсетувајќи на симболиката на 26 јуни – денот на потпишувањето на Повелбата на ОН во 1945, на американската солидарност со Европа за време на Студената војна и епизодата од распадот на Југославија во 1990 година, претседателката посочи на неопходноста од единство околу деблокирање на македонскиот евроинтегративниот процес.
Истакнувајќи дека речиси сите членки на ЕУ се и членки на НАТО, таа повика дека тие можат да го деблокираат процесот на проширување и да го завршат обединувањето на Европа, бидејќи европската и евроатлантската интеграција на Западен Балкан не е само политичко прашање, туку и геополитички и безбедносен императив.