Економија
Славески со претставници на членките на МБА: во фокусот предлозите за намалување на трошоците што ги сносат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги
Во просториите на Македонската банкарска асоцијација се одржа работна средба помеѓу гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и претставници на членките на Асоцијацијата. На состанокот, гувернерот ги претстави ставовите и предлозите на централната банка во насока на намалување на трошоците што ги сносат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги.
Во своето обраќање, гувернерот истакна дека целта на иницијативата е провизиите да се постават на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците. При тоа Народната банка е подготвена да го направи првиот чекор во оваа насока со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС. Истовремено очекуваат банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво, односно: намалување на надоместоците за одржување на платежни сметки за правни лица, со акцент на олеснување на товарот врз малите и средни компании; укинување на надоместоците за користење електронско и мобилно банкарство; укинување на надоместоците за плаќања со платен налог во рамки на иста банка; намалување на надоместоците за меѓубанкарски плаќања во денари преку платните системи КИБС и МИПС; поедноставување и намалување на трошоците за подигнување готовина на банкомати на други банки и намалување на надоместоците што банките ги наплатуваат од трговците за прифаќање картички.
Во рамки на средбата претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева, изрази благодарност до гувернерот Трајко Славески за изнесеното обраќање и ги сподели ставовите на Асоцијацијата по однос на предлозите за намалување на надоместоците за платежни услуги.
Во своето излагање таа потенцираше дека цените на банкарските услуги се определуваат индивидуално од страна на секоја банка, преку органите на управување, и дека Македонската банкарска асоцијација, од своето основање до денес, никогаш не дискутирала за цените на производите или услугите како заедничка тема. „Во иднина, ќе продолжиме да дискутираме за можните насоки на дејствување, но одлуките за цените остануваат во надлежност на секоја банка поединечно“, истакна таа.
Воедно, посочи дека е важно да се согледа контекстот на податоците што се објавуваат во јавноста, особено во однос на учеството на надоместоците во приходите на банките. Таа додаде дека банкарскиот сектор е меѓу најтранспарентните во земјата, обврзан да објавува точни и детални информации согласно регулативата, што не е случај со голем дел од другите сектори во економијата. „Кога правиме споредби, мора да имаме предвид дека банкарскиот сектор функционира на високо ниво на транспарентност, додека кај многу други сектори тоа не е така – податоците често се нецелосни или неточни“, нагласи Стевкова Штериева.
Во однос на евентуалното намалување на одредени надоместоци, таа посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателна анализа на трошоците, особено имајќи ги предвид значајните расходи што банките ги имаат, како во делот на ИТ, така и за услугите поврзани со меѓународни провајдери во областа на картичниот бизнис. „Затоа се залагаме колку што е можно повеќе услуги да се развиваат со сопствени ресурси во Македонија, што би придонело за намалување на трошоците и овозможување поповолни услови за клиентите“, додаде таа.
Како еден од потенцијалите за намалување на трошоците, беше посочено и најавеното намалување на надоместокот за користење на МИПС-системот, што би можело да се транспонира во пониски трошоци за клиентите во иднина.
Македонската банкарска асоцијација останува отворена за соработка и ќе делува во насока на унапредување на платежните услуги, вклучително и преку разгледување на предлозите и иницијативите изнесени од страна на гувернерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

